Беше еден од најголемите актери, а парадоксално – никогаш не бил номиниран за Оскар: Топ 10 улоги по кои ќе го паметиме Доналд Сатерленд

Точка

21/06/2024

11:03

4.348

Големина на фонт

а а а

Легендарниот актер Доналд Сатерленд почина на 89-годишна возраст, а тажната вест на социјалните мрежи ја објави неговиот син, актерот Кифер.

Доналд ја започна кариерата кон крајот на 1960-тите, а подоцна оствари бројни улоги во култни филмови и серии.

Ова се некои од најзначајните улоги на Доналд Сатерленд:

1. „Дванаесетте обележани“ (The Dirty Dozen)

Дејството на овој филм се одвива во текот на Втората светска војна, а Доналд го толкуваше ликот Пинкли. Дванаесет осуденици се впуштаат во многу опасна авантура, а оваа улога беше отскочна даска за кариерата на Сатерленд.

Благодарение на овој филм, тој беше забележан од многу режисери и почна да добива понуди за нови ангажмани.

2. „М*А*С*Х“ (M*A*S*H)

Овој антивоен сатиричен филм доби бројни награди и признанија, а го режираше Роберт Алтман. Доналд Сатерленд во овој филм го толкуваше ликот на капетанот Бенџамин Френклин „Хокај“ Пирс, а оваа улога го вивна во ѕвездите.

3. „Не се врти“ (Don’t Look Now)

Станува збор за британско-италијанска хорор драма од 1973 година. Главните улоги ги толкуваа Џули Кристи и Доналд Сатерленд, а овој филм го режираше Николас Рог, по кого еден од синовите на Доналд го доби името.

Овој филм денес се смета за еден од култните класици и еден од најзначајните хорор филмови.

4. „Обични луѓе“ (Ordinary People)

Овој филм е режисерско деби на Роберт Редфорд, а дека неговата соработка со Редфорд му останала во убаво сеќавање, зборува фактот дека еден од синовите на Доналд го добил името по него. Сатерленд во „Обични луѓе“ го толкуваше ликот на Келвин Џерет, татко кој се бори со семејна трагедија. Многумина велат дека тој требало за оваа улога да добие Оскар.

5. „Гордост и предрасуди“ (Pride and Prejudice)

Во овој филмски класик, заснован на истоимениот роман на Џејн Остин, Доналд Сатерленд го толкуваше ликот на г-дин Бенет.

Покрај него, значајни улоги во овој филм имаа Кира Најтли, Метју Мекфадјен, Бренда Блетин, Розамунд Пајк, Том Холандер и други.

6. „Шест степени на одвојување“ (Six Degrees of Separation)

Овој филм од 1993 година е приказна за теоријата дека кои било двајца луѓе ги поврзува синџир од најмногу шест лица.

Покрај Сатерленд, во овој филм играат и Стокард Ченинг, Иан Мекелен, како и Вил Смит, кому ова му е една од првите улоги.

7. „Време за убивање“ (A Time to Kill)

Доналд во овој филм го толкува ликот на Лусиен Филбенкс, а интересно е што во ова остварување глуми и неговиот син Кифер, заедно со Сандра Булок, Семјуел Л. Џексон, Кевин Спејси и Метју Меконахи.

Случајот со ладнокрвното убиство на двајца белци од страна на црнец предизвикува гласен политички одек во САД, а Сатерленд глуми адвокат на кого му е одземена лиценцата, а кој го советува својот ученик како да се постави во овој случај.

8. „Игри со глад“ (The Hunger Games)

Во популарната франшиза снимена во периодот од 2012 до 2015 година, Сатерленд го толкуваше ликот на претседателот Кориолан Сноу.

Оваа улога му донесе популарност и кај помладата публика.

9. „До ѕвездите“ (Ad Astra)

Во овој филм снимен во 2016 година, Доналд го толкуваше ликот на полковникот Томас Пруит.

Покрај него, главните улоги ги толкуваат Бред Пит, Томи Ли Џонс, Лив Тајлер, Џон Ортиз и други.

10. „Слом“ (The Undoing)

Во мини-серијата „Слом“ со Хју Грант и Никол Кидман во главните улоги, Сатерленд го толкуваше ликот на Френклин Рејнхард.

Френклин го игра богатиот татко на главната хероина, а неговата улога внесе дополнителна мистерија и ги збуни гледачите желни да откријат што се случило и кој е виновен за убиството.

И уште бројни впечатливи улоги во исклучително богатата кариера

Во текот на својата повеќедецениска кариера, Доналд Сатерленд доби голем број признанија и награди. Доби два Златни глобуси за најдобра споредна машка улога за филмовите „Граѓанинот Икс“ (Citizen X) и „Патот до војната“ (Path to War).

Иако никогаш не доби Оскар за некоја улога, во 2017 година доби почесен Оскар за животно дел.



Спонзорирани линкови

Маркетинг