По долго чекање, конечно пристигна филмот „Inside Out 2“, а еден од новите членови на актерската екипа која ги позајми гласовите на симпатичните јунаци е Ајо Едебири, која го толкува ликот Завист.
Шармантната комичарка, која ја воодушеви публиката со улогата во серијата „The Bear“, сè почесто освојува и со своите модни изданија, а за премиерата на овој анимиран филм во Лос Анџелес подготвила многу тренди стајлинг.
На црвениот тепих Ајо пристигнала во одело со потпис на модната куќа „Bottega Veneta“, чија облека сè почесто ја носи за свечените пригоди, па се шпекулира дека би можела да стане и нејзино заштитно лице. Сепак, таа не носела било какво одело!
Едебири пристигнала во комбинација од предимензиониран блејзер, модел со класичен крој и нагласени раменици и капри панталони. Станува збор за деловни панталони со висок струк и рамен крој, чии ногавици се скратени, односно допираат малку под коленото и му даваат примеси на летна ноншалантност на нејзиниот отмен изглед.
Актерката ја надополнила комбинацијата со светлосина кошула и папучи од истиот бренд наречени „Cha Cha“ кои имаат стабилна дебела штикла, едноставен дизајн и отворени прсти – совршени кога пригодата бара елеганција во текот на летото.
Без разлика дали ги сакате или не, капри панталоните се враќаат на голема врата, а ова е еден од оние трендови кои дефинитивно ги дели мислењата.
Од холивудските легенди како Одри Хепберн до денешните ѕвезди како Ријана и Џенифер Лопез, познатите дами едноставно обожуваат панталони кои се со должина под колената и кои потсетуваат на безвременските комбинации на познатите диви.
Многу брендови го претставија своето видување на овие панталони во пролетните и летните колекции, вклучувајќи ги „Phillip Lim“, „Sandy Liang“ и „Mirror Palais“, кои нудат елегантна силуета, елеганција и допир на неформалност без која летото е незамисливо!
Капри панталоните може да се комбинираат на различни начини, а „најбезбедно“ е секако во рамки на одело, со кошула и сако, додека комбинациите со елегантни блузи, поло маици, долги елегантни елеци или дури и кроп топови се многу ефикасни избори.