Нискиот крвен притисок или хипотензија се јавува кога крвниот притисок паѓа под нормалните нивоа, предизвикувајќи различни симптоми кои можат да влијаат на целокупната благосостојба.
Наглиот пад на крвниот притисок може да биде опасен бидејќи може да значи дека срцето, мозокот или другите витални органи не добиваат доволно крв. Затоа, важно е да знаете како да ги препознаете знаците карактеристични за оваа состојба.
Вртоглавица и зашеметеност
Нискиот крвен притисок често доведува до вртоглавица и зашеметеност, особено кога нагло станувате. Овие состојби се јавуваат поради намален проток на крв во мозокот, што предизвикува привремено чувство на нерамнотежа.
Несвестица
Една од состојбите што може да се појави е несвестица. „Во тешки случаи, нискиот крвен притисок може да предизвика несвестица или синкопа. Ова се случува кога доаѓа до значителен пад на крвниот притисок, што доведува до привремено губење на свеста бидејќи мозокот останува без кислород“, објаснува д-р Прабхат Ранџан Синха, пренесува порталот „Health Shots“.
Заматен вид
Лицата со низок крвен притисок може да страдаат и од заматен вид, особено при нагли промени во положбата на телото. „Health Shots“ пренесува дека заматениот вид предизвикува намален проток на крв во очите, што привремено влијае на видот, предизвикувајќи предметите да изгледаат заматени или надвор од фокусот.
Замор
Нискиот крвен притисок предизвикува намалена испорака на кислород и хранливи материи до ткивата и органите во телото, што резултира со чувство на исцрпеност. Во потешки случаи, можно е да се почувствува силен замор или слабост по минимална физичка активност.
Мачнина
Доколку лицата кои имаат низок притисок долго стојат или се изложени на високи температури, постои можност да почувствуваат мачнина. Чувството може да варира од благо гадење до потреба за повраќање, во зависност од тоа колку нагло паднал притисокот.
Ладна и влажна кожа
Хипотензијата може да предизвика промени во температурата и текстурата на кожата, што доведува до ладна, влажна кожа. Намалениот проток на крв во кожата резултира со намалена дистрибуција на топлина, што ги прави луѓето со низок крвен притисок почувствителни на чувството на студ, дури и во топла средина.
Забрзано дишење
Нискиот крвен притисок може да влијае на респираторната функција, предизвикувајќи брзо, плитко дишење. Бидејќи телото го компензира намалениот проток на крв со зголемување на отчукувањата на срцето и дишењето, може да имате тешкотии со дишењето, особено за време на физичка активност или периоди на стрес.
Тешкотии со концентрацијата
Когнитивните симптоми, како што се тешкотии со концентрирањето или слаба ментална јасност, може да се појават кај луѓе со низок крвен притисок. „Намалениот проток на крв во мозокот влијае на когнитивната функција, а потоа настануваат проблеми со фокусот, помнењето и донесувањето одлуки“, објаснува д-р Синха.
Слаб или забрзан пулс
Покрај сето горенаведено, симптомите на низок крвен притисок може да бидат и слаб или забрзан пулс. Како што пишува „Health Shots“, промените во отчукувањата на срцето и ритамот се вообичаени кај оваа состојба.