На оваа мистична планина во Тибет никој никогаш не се искачил - за тоа постојат две причини

Точка

06/11/2023

11:20

11.433

Големина на фонт

а а а

Планината Каилаш се наоѓа во западниот дел на Тибет и е едно од најсветите, но и најнепристапните места во светот. Според хиндуистичкото верување, од планината Каилаш настанал целиот свет.

Иако, според официјалните податоци, никој не го освоил нејзиниот врв, тибетските преданија раскажуваат поинаква приказна, онаа за тибетскиот свештеник по име Миларепа кој во 11-от век наводно успеал да се искачи на планината, но кога се вратил, ги предупредил останатите никогаш да не се искачат бидејќи „ќе го вознемират Бога кој почива на нејзиниот врв“.

Недостижен сон

Иако со височина од 6714 метри е многу помала од највисоката планина на светот Монт Еверест (8849 метри), оваа мистична планина сè уште останува неосвоена. Постојат две големи причини за ова. Прво, Каилаш се наоѓа во многу недостапна средина, а физичкиот предизвик за пристигнување и искачување на планината се смета за речиси невозможен.


Стрмните падини, речиси вертикалните површини и постојаната снежна покривка се причината поради која единствено само Спајдермен би можел да се искачи на нејзиниот врв, но дури и тој би се борел со силните ветрови и суровите временски услови кои претставуваат дополнителна опасност за потенцијалните планинари.

И покрај овие опасности, во минатото имало обиди за искачување на Каилаш кои завршиле неуспешно, но опасното време и непристапниот терен се само дел од причината.

Света планина

Имено, планината Каилаш е место за аџилак на четири религии и поради тоа е забрането искачувањето на неа. Покрај хиндуистите, планината е свето место и за будистите, џаинистите и за припадниците на тибетската религија Бон.


Припадниците на тие религии веќе илјадници години одат на аџилак околу планината во радиус од 52 километри, што според верувањата треба да се помине за само еден ден за добра среќа. Хиндуистите и будистите одат околу планината во насока на стрелките на часовникот, додека џаинистите и припадниците на религијата Бон одат во спротивна насока. Инаку, за да го изодите целиот круг ќе ви бидат потребни околу 15 часа, доколку сте во навистина добра форма одите брзо.

Да, искачувањето на оваа мистична планина би било импресивно достигнување, но Каилаш сепак ќе остане недостижен сон за авантуристите ширум светот.