Шпански кардиолог: Ибупрофен и спрејовите за нос не се толку безопасни како што мислиме

Точка

18/12/2025

16:01

415

Големина на фонт

а а а

Познатиот шпански кардиолог д-р Аурелио Рохас упати важно предупредување до сите кои оваа зима против грип и настинка се борат со помош на ибупрофен и спрејови за нос. Тој истакнува дека токму овие, наизглед безопасни и широко користени лекови, во комбинација со некои други – како „омепразол“, лек кој го намалува лачењето на желудочната киселина – можат да претставуваат сериозен здравствен ризик.

Преку својот профил на „Instagram“, д-р Рохас предупреди дека одредени лекови против болка, назални деконгестиви и „омепразол“ „можат да го нарушат здравјето, а вие воопшто да не сте свесни за тоа“.

„Не зборувам за ретки или необични лекови, туку за оние што многумина од вас ги земаат редовно“, порача тој. Додаде дека голем број луѓе ги користат без да размислат за можните последици, особено кога се комбинираат со интензивна физичка активност, што може да биде дополнителен товар за срцето.


Неочекувана опасност од спрејовите за нос

Посебно внимание посвети на спрејовите за нос, кои масовно се користат за ублажување на затнатиот нос и проблемите со синусите. „Ова може да ве изненади: назалните деконгестиви“, рече тој. „Да, токму тие спрејови или таблети што ги земате кога сте настинати.“

Тој објасни дека назалните деконгестиви можат да го зголемат крвниот притисок, да го забрзаат срцевиот ритам и да поттикнат појава на аритмии, особено ако се користат непосредно пред интензивно вежбање. „Проблемот е што многу луѓе ги земаат автоматски, без да размислат како можат да влијаат врз кардиоваскуларниот систем за време на физички напор“, предупреди тој.

Неговата препорака е јасна: ако сте настинати, најдобро е да избегнувате напорни тренинзи или барем претходно да се консултирате со лекар дали лекот што го земате во тој момент е безбеден за вас.


Што е со „омепразол“ и диуретиците?

Д-р Рохас се осврна и на „омепразол“, наведувајќи дека овој лек може да ја промени апсорпцијата на важни минерали и витамини, како магнезиум, железо и витамин Б12. Таквите промени, нагласува тој, можат негативно да влијаат врз нивото на енергија, опоравувањето на организмот и здравјето на срцето.

На крај, тој ги предупреди и лицата кои земаат лекови за намалување на крвниот притисок, а притоа се занимаваат со интензивно вежбање. Станува збор првенствено за диуретици, кои често се препишуваат кај хипертензија. „Диуретиците можат да доведат до губење на калиум и магнезиум“, појасни тој. „Последиците можат да бидат грчеви, забрзан срцев ритам и нагло паѓање на крвниот притисок среде тренинг.“