Европскиот народ кој не е како останатите: Секој сам си плаќа за себе, а искреноста им е на граница со безобразлук

Точка

15/12/2025

16:58

985

Големина на фонт

а а а

Расправата околу тоа кој ќе ја плати сметката во нашите краеви е вообичаен ритуал, но на северот на Европа таквото однесување не само што е непознато, туку не е необично секој да инсистира дека плаќа за себе. На англиски постои и изразот „going Dutch“ (холандски начин), кој токму тоа и значи. Вкупната сметка често се дели на еднакви делови или секој точно пресметува и плаќа она што го нарачал, а во тоа помагаат популарните апликации на мобилните телефони.

Исто така, не е необично жените да го платат својот дел на романтичниот ручек. Она што за Холанѓаните е праведно и вообичаено, за Македонците е студено и штедливo, но со оглед на растечките цени, и ние сѐ поумерено плаќаме рунди. Стручњаците сметаат дека правилата на однесување околу плаќањето, како и многу други специфики во општеството, Холанѓаните ги должат на големата густина на население.


Според една од теориите, недостатокот на физички простор се надоместува со прилично формални меѓусебни односи – како да создаваат социјален простор. Во некои други делови на светот, каде луѓето се топли и отворени, близината на други луѓе очигледно не пречи како кај Холанѓаните, но овој народ од постудениот север го чува својот личен простор.

Секогаш навреме

Освен плаќањето на своите сметки во рестораните, Холанѓаните нема ниту да дојдат во посета кај некого без претходна најава, а правилото е едноставно: колку се помалку блиски со некого, толку порано треба да се најават. Во Холандија има дури и возрасни деца кои ги повикуваат родителите (и обратно) за да проверат дали е во ред да дојдат во посета – и никогаш нема да влезат без најава. Исто така, доцнењето не е вообичаено; ако се поканети во осум часот, Холанѓаните токму тогаш ќе заѕвонат на врата.


Според бонтонот, жените се поздравуваат така што се бакнуваат три пати по образ, а мажите се бакнуваат само со блиски пријатели – при останатите средби се ракуваат. Останатиот свет често се изненадува и од искреноста и директноста на Холанѓаните. Искреноста е толку длабоко вкоренета во холанѓанското општество што за неа постои посебен збор: „bespreekbaarheid“, што може да се преведе како можност за разговор за сè, со идеја дека за сè може и треба да се зборува отворено.


Зошто се поинакви?

Бен Коутс, автор на книгата „Зошто Холанѓаните се поинакви“, се преселил во Холандија од Велика Британија. Тој се сеќава на слични искуства, како на пример кога отишол на фризер, а пријателот веднаш му рекол дека неговата фризура воопшто не му стои. Со тек на време, Бен заклучил дека Холанѓаните не се лажат. Дури и во деловниот свет, ако кажете нешто бесмислено, таму нема да ве штедат ниту ќе го премолчат. Концептот на приватност е сосема различен од оној во многу други земји, а Холанѓаните немаат проблем јавно да зборуваат за интимни теми. Општеството без комплекси, во полн ресторан или кафе, ќе дискутира за свои здравствени проблеми, развод или љубовен живот. Не гледаат причина зошто тоа би го криеле.


Директноста и транспарентноста во Холандија се прифатени, а колку се луѓето отворени се гледа и по тоа што немаат завеси на прозорците, па секој може да погледне во нивните куќи и станови. Другите народи понекогаш префрлаат декаХоланѓаните немаат такт. Дали тоа е точно или не, не е познато – но јасно е дека вистината во Холандија има предност пред чувствата.