На интернет огласите се појавил примерок од Југо автомобил каков што ретко се гледа.
Еден Американец поседувал два модели на Југо од 1988-ма година, додека тие сè уште се извезувале на тој пазар. Решил да ги завари од забава, и така создал продолжена лимузина, а сега неговиот внук ја продава за ситни пари.
Кон крајот на 1980-тите години „Застава“ го извезувала своето Југо во САД, каде било еден од најевтините автомобили на пазарот, па брзо се прославило како куриозитет и било предмет на бројни исмејувања, пишува хрватски „Bug“.
Од време на време, Американците се потсетуваат на ова возило, како на пример сега, и тоа благодарение на огласот кој на „Facebook Marketplace“ го објавил еден жител на местото Пирз во Минесота.
Во огласот пишува дека двата модели на Југо, директно од претставник во 1988-ма година ги купил дедото на огласувачот. Од забава тогаш ги заварил, и така направил единствена продолжена лимузина (која на шега, наместо Yugo, во множина ја нарекува – Wego).
Со оглед на тоа дека дедото бил образуван автолимар, знаел што прави, вели неговиот внук, а вака заварениот автомобил дури и го возел. Наведува дека во златната ера минал околу 69.000 километри.
Меѓутоа, веќе со години стои во гаража, а за да се стави во функција треба да се извршат некои ситни поправки. Дедото лимар има 82 години и тоа веќе не може да го прави, па затоа семејството одлучило да го продаде неговото „ремек дело“.
Оваа „лимузина“ чини 4.000 долари, а мора да се признае дека ни ентериерот, ни екстериерот, не изгледаат многу добро.