Европејците се изложени на опасна хемикалија во количина далеку над безбедната: Предизвикува неплодност и алергиски реакции на кожата

Точка

19/09/2023

12:04

24.335

Големина на фонт

а а а

Кон крајот на минатата недела, Европската агенција за заштита на животната средина објави дека жителите на Европската Унија сè и понатаму изложени на преголеми количини на бисфенол А, штетна хемикалија позната како БПА која со децении се користи во производство на одредени пластични производи.

Оваа агенција соопшти дека примероците од урина земени од Европејци во неколку земји покажале дека изложеноста на БПА останува „значително над прифатливото ниво на здравствена безбедност“ и претставува потенцијален ризик за милиони луѓе.

Се користи во пластични и метални садови, шишиња за вода...

БПА, која се користи во пластични и метални садови за храна, шишиња за повеќекратна употреба и цевки за вода за пиење, дури и во мали дози може да го ослабне имунолошкиот систем, наведува агенцијата.


Хемикалијата БПА кај луѓето може да предизвика низа здравствени проблеми како неплодност и алергиски реакции на кожата.

Бисфенолот А и уште два бисфеноли кои се користат како замена за БПА се измерени во урината на 2756 лица од 11 земји: Хрватска, Данска, Чешка, Франција, Финска, Германија, Исланд, Луксембург, Полска, Португалија и Швајцарија.

„Многу пораспространет здравствен ризик отколку што се мислеше“

„Нивото на пречекорување варира помеѓу 71 и 100 отсто“, соопшти ЕЕА со седиште во Копенхаген за 11-те земји.

„Благодарение на револуционерниот истражувачки проект на ЕУ за биомониторинг на луѓето, можеме да видиме дека бисфенолот А претставува многу пораспространет ризик по нашето здравје отколку што претходно се мислеше“, изјави извршната директорка на ЕЕА, Лина Ила-Мононен.


„Мораме сериозно да ги сфатиме резултатите од ова истражување и да преземеме повеќе акции на ниво на ЕУ за да ја ограничиме изложеноста на хемикалиите кои претставуваат ризик по здравјето на Европејците“, додала таа.

БПА со години е забранет во пластичните шишиња и амбалажи кои содржат храна за бебиња и мали деца во ЕУ. Во февруари 2018 година блокот исто така воведе построги ограничувања за БПА во сите материјали кои се во контакт со храна.