Десет години по првото издание, „Grand Theft Auto V“, не само што оствари огромен комерцијален успех, туку и го редефинираше начинот на кој „Rockstar“ пристапува кон развојот на игрите.
„Grand Theft Auto V“, креација на светски познатата развојна компанија „Rockstar Games“, вчера ја одбележа својата 10 годишнина. Со повеќе од 185 милиони продадени копии и статус на бестселер во три последователни генерации на конзоли, овој наслов стана втора најпродавана видеоигра на сите времиња, веднаш за „Minecraft“.
„GTA V“ прв пат е објавена на 17-ти септември 2013-та година за „Xbox 360“ и „PlayStation 3“. За брзо време, играта го надмина прагот од милијарда долари во приходи во само три дена по излегувањето, според податоците на издавачот „Take-Two“.
„GTA V“ се одигрува во измислена верзија на Лос Анџелес, наречена Сан Андреас. Играта станала временска капсула на периодот од ерата на Обама, фокусирајќи се на кризата на пазарот на недвижнини и контроверзните методи на испрашување на затворениците. За разлика од претходните наслови на „GTA“, играчите тука можеле да контролираат три ликови: поранешниот разбојник Мајкл де Санто, младиот криминалец Френклин Клинтон и ексцентричниот Тревор Филипс.
Успехот на „GTA V“ ги натера „Rockstar“ да прекинат со својот традиционален пристап на развој на продолженијата и спин-офи. Наместо тоа, компанијата се одлучила да се фокусира на континуирано ажурирање на „GTA Online“, повеќекратно проширувајќи ја играта на нови мисии, возила и песни на радио – и сето тоа бесплатно. Преку микротрансакции, играчите можеле побрзо да дојдат до подобри возила и опрема, што донело стотина милиони долари приходи.
Некогаш осудуваните и забранети модификации на играта, кои им овозможиле на корисниците да креираат свои ликови и да ги споделуваат на стримови, денеска се дел од официјалната соработка меѓу „Rockstar“ и заедницата. Всушност, „GTA V“ стана најпопуларна игра за гледање на платформата „Twitch“ на „Amazon“.
Со оглед на долгоочекуваното соопштение дека „Grand Theft Auto VI“ е во развој, како и на протечените информации дека играта ќе биде сместена во „Vice City“ со женски главен лик, фановите се нетрпеливи. Меѓутоа, најраниот датум за излегувањето, според „Take-Two“, ќе биде кон средината на 2024-та или почетокот на 2025-та година.