Му ја нудел асистентката на педофил во етер, силувал 16-годишна девојка...: Што сè се дозна вчера за британскиот актер и комичар?

Точка

18/09/2023

11:27

7.995

Големина на фонт

а а а

„Russell Brand: In Plain Sight“ е насловот на 90-минутната посебна епизода од истражувачкиот документарец нa емисијата „Dispatches“, која беше емитувана вчера на британскиот „Channel 4“ и во која познатиот комичар и актер Расел Бренд е обвинет за силување на 4 жени, помеѓу кои и 16-годишна тинејџерка.

На случајот заедно работеле „Channel 4“ и „The Sunday Times“. Комичарот, кој во меѓувреме стана политички коментатор и велнес гуру, има историја на насилни односи со жени - гласи заклучокот на емисијата во која се прикажани и сведочења на жртвите. Една жена тврди дека ја силувал на ѕидот во неговата куќа во Лос Анџелес во јули 2012 година откако одбила да му се придружи во сексуална активност со негов „пријател“.

Втората вели дека сексуално ја злоставувал на крајот на врската која започнала кога таа имала 16, а тој 31 година. Го запознала во продавница, а во врска биле 3 месеци во текот на кои Расел ја поттикнувал да го крие тоа од нејзините родители. Третата жена го обвинува актерот за физичко злоставување и сексуален напад во текот на 6-месечната врска во 2007 година.

Четвртата вели дека физички и сексуално ја злоставувал, исто така во неговиот дом во Лос Анџелес, откако го запознала на состанок на Анонимни алкохоличари.

Покрај сведоштвата, прикажани се и некои вознемирувачки јавни истапи на самиот Бренд. „Не плашете се од сопствената сексуалност. Сепак, малку плашете се од мојата“, рекол во една прилика во своето истоимено шоу. Во емисијата е прикажан и исечок од неговото гостување во американското ток-шоу на Конан О'Брајан: „Не сакаш да бидеш во моја близина кога смеата ќе престане“, рекол тогаш.


Во емисијата се осврнале и на неговиот ангажман на „BBC Radio 2“, кој доведе до неговите најголеми претходни контроверзии во 2008 година, кога беше отпуштен поради емитување на груби и агресивни пораки кон актерот Ендру Сакс.

Потоа биле емитувани сексистички коментари на сметка на водителката на вести во неговата радио емисија, како и гостувањето на Џими Савил (британски водител кој сексуално злоставувал деца) на кој за време на емисијата му рекол дека ја „испратил неговата асистентка да го посети гола“.

„Неверојатно е што издржа волку долго“

„Предатор, во живо на 'BBC'“, коментираше Лорејн Хегеси од „BBC“ во вчерашната емисија додека ги слушала исечоците кои со години се толерирале во етер.

„Во ретроспектива, неверојатно е што Бренд издржа волку долго“, заклучил денес колумнистот на „The Guardian“, Џек Сил.


За потсетување, обвинувањата датираат помеѓу 2006 и 2013 година, кога Бренд беше на врвот на својата слава и работеше за „BBC Radio 2“ и „Channel 4“ и глумеше во бројни холивудски филмови. Денес многу добротворни организации се оградија од него, а со соопштение се огласи и полицијата и ги повика сите со какви било информации да им се обратат.

Бренд се огласи ноќта пред емитувањето на емисијата и порача дека е „мета“. Тој силно ги отфрла обвинувањата и во видеото објавено на Јутјуб во петокот вели дека бил „многу, многу промискуитетен“, но дека сите негови врски биле „апсолутно и секогаш консензуални“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг