Новото истражување за продуктивноста нема да ги воодушеви оние кои работат од дома

Точка

15/08/2023

19:21

6.803

Големина на фонт

а а а

Истражувањето е спроведено на 235 луѓе – една група работела од дома, а друга од канцеларија.

Различни претходно спроведени истражувања покажаа бројни придобивки од работењето од дома.

Вработените кои работат од нивната дневна или спална соба можат да спијат подолго, не губат време патувајќи до и од работа, па дури имаат и време да направат ручек или да завршат некои мали домашни работи за време на паузата од работа.


Освен тоа што нивната рамнотежа помеѓу приватниот и деловниот живот е многу подобра бидејќи имаат повеќе време за приватни работи, некои истражувања покажаа дека таквите вработени се подеднакво продуктивни, а во некои случаи и попродуктивни од оние кои ја работат својата работа од канцеларија.

Научниците од „MIT“ Универзитетот во Калифорнија решија да истражат дали оние кои работат од дома се навистина попродуктивни од канцелариските работници, а резултатите од нивното истражување се доста интересни и спротивни на она што го слушнавме досега.


Истражувањето било спроведено на 235 вработени во Индија кои внесувале податоци во компјутери, а биле поделени во две групи. Едната група работела од канцеларија од девет наутро до пет попладне, додека оние од другата група работеле од дома и можеле да изберат време во кое ќе работат, но тоа морало да биде 9 часа, исто како и луѓето кои работеле од канцеларија.

Резултатите од тој експеримент покажале дека оние кои работат од дома се помалку продуктивни за дури 18 отсто во споредба со канцелариските работници, а научниците оваа продуктивност ја измериле врз основа на брзината на пишување на тастатура.

Исто така, истражувањето покажало дека луѓето кои се помалку продуктивни кога работат од дома почесто ќе ја изберат таквата можност за работа. Причината за тоа, објаснува професорот на „MIT“ Дејвид Аткин, кој учествувал во истражувањето, е тоа што таквите луѓе имаат поголема потреба да бидат дома, за да се грижат за деца или слично, што е и причина за нивната помала продуктивност.


Како решение Аткин го споменал начинот на работа кој денес веќе го практикуваат многу компании, а тоа е хибриден модел. Во текот на работната недела, вработените дел од времето го поминуваат работејќи од канцеларија, додека остатокот од деновите работат од дома.

Истражувањето на „Microsoft“ минатата година покажа дека шефовите во компаниите мислат дека работата од дома ја намалува продуктивноста на вработените, а интересни се и податоците од едно истражување кои покажуваат дека вработените често мислат дека нивните колеги кои работат од дома не се доволно продуктивни, додека за себе велат дека се попродуктивни кога работат од далечина.