Кога прв пат се појави на саемот на автомобили во Женева во 2004-та година, претставуваше вистинска револуција на пазарот за спортски лимузини.
Погодувате, станува збор за „Mercedes CLS“, кој во меѓувреме дојде и до третата генерација, а покрај тоа беше и шаблон за помалиот „CLA“.
Идејата за купе-лимузина ја копираше и конкуренцијата, па така настанаа и ривалите од „Audi“ (A5 и A7 Sportback), „GranCoupe“ верзијата на „BMW“, „VW Passat CC“ и други. Тоа беше големо достигнување бидејќи во тоа време „SUV“ моделите и кросоверите веќе почнаа со освојување на светот.
Веста за укинувањето на „Mercedes CLS“ ја објави „CarExpert“, а потоа работата ја потврди и „The Drive“, за кој од „Mercedes“ потврдија:
„Земајќи го предвид потенцијалниот глобален раст, како и дел од нашето стратешко планирање на асортиманот производи, одлучивме да ставиме крај на животниот циклус на моделот CLS на 31-ви август 2023-та година, паралелно со преминување на E класа на моделската серија 214“.
Укинувањето на „CLS“ не треба да чуди бидејќи требало да се случи порано, веќе на почетокот на оваа година. Меѓутоа, на многумина ќе им недостасува овој модел кој само ретки можеа да си го дозволат.
Со својот револуционерен дизајн, „CLS“ го донесе најдоброто од двата света, нудејќи практична лимузина, а задржувајќи ја безвременската елеганција на купето.
Да го спомнеме и „Mercedes AMG GT 4-door“, моделот кој е заснован токму на идејата за „CLS“, а се појавил во понудата дури во 2018-та година. Погодувате, деновите на овој модел се исто така одбројани.
Освен тоа, како што е познато од порано, „E класа Coupe“ и „Cabrio“ ќе бидат повлечени и ќе ги замени новиот модел „CLE“.
„Mercedes GLC“ и „GLC Coupe“ ќе доживеат уште една генерација, а караван моделите од „C“, „E“ и „CLA“ класата наскоро би можеле да бидат пензионирани, извести претходно „Car & Driver“.