Ќе изгубат до 5 милијарди долари поради царините на Трамп, но (засега) нема да ги зголемат цените

Точка

05/05/2025

21:44

1.449

Големина на фонт

а а а

Со чести и непредвидливи промени во царинската политика, никој со сигурност не знае како ќе изгледа пазарот до крајот на годината.

Во рамки на финансискиот извештај за првиот квартал од 2025 година, извршната директорка на "General Motors", Мери Бара, предупреди на сериозен царински удар, најмногу од Јужна Кореја, Мексико и Канада.

Финансискиот директор на "GM", Пол Џејкобсон, прецизираше дека 2 милијарди долари се однесуваат на увозот од Јужна Кореја, уште 2 милијарди долари на Мексико и Канада, а дополнителна 1 милијарда долари отпаѓа на индиректен увоз на суровини и репроматеријали.


И покрај драстично зголемените трошоци, "GM" засега нема намера дополнително да ги поскапи своите возила поради новите царини.

Сепак, некои модели веќе се поскапени – на пример, "Chevrolet Tahoe" чини повеќе за над 2.000 долари, додека најевтиниот "Silverado" за 2025 година започнува со цена над 40.000 долари, а дел од производството се одвива токму во Мексико.


Џејкобсон додаде дека новите мерки на Белата куќа ќе овозможат одредени олеснувања за повеќе од 1,5 милиони возила што "GM" ги произведува во САД, што би можело да ублажи дел од царинските трошоци.

И покрај нестабилната ситуација, "GM" во првите три месеци од 2025 година забележа раст на продажбата од 17% во САД, делумно благодарение на тоа што потрошувачите побрзаа да купат автомобили пред дополнителните царини да ги зголемат цените уште повеќе.


Сепак, со оглед на непредвидливите царински политики, никој со сигурност не може да предвиди како ќе изгледа пазарот до крајот на годинава.