Евровизија воведува правила кои целосно го менуваат натпреварувањето: Гласањето повеќе нема да биде исто

Точка

22/11/2022

16:24

6.779

Големина на фонт

а а а

Големи промени се воведуваат на најголемото музичко натпреварување во Европа. Европската радиодифузна унија (ЕБУ) која го организира натпреварот, соопшти дека новите правила ќе се применуваат од следното натпреварување кое ќе се одржи во мај 2023 година во Ливерпул.

Главната промена се однесува на полуфиналните вечери. Имено, од следната година, 10-те најдобри песни ќе бидат избрани исклучиво на основа на гласовите од публиката наместо досегашното комбинирање на гласовите од гледачите и стручното жири кое беше воведено во 2009 година.

Освен тоа, за првпат во историјата на Евровизија, ќе биде овозможено и онлајн гласање за гледачите од земјите кои не учествуваат на натпреварувањето.

Нивните гласови ќе бидат собрани и претставени како гласови на една земја во полуфиналето и финалето. Гледачите од земјите кои не учествуваат ќе можат да гласаат по пат на онлајн платформа, користејќи ги своите платежни картички, а од ЕБУ наведуваат дека станува збор за безбедна платформа.

За гледачите во земјите кои учествуваат на натпреварот, ништо не се менува - гласањето ќе се одвива преку испраќање СМС на одреден број.


Членовите на стручните жирија од сите земји учеснички ќе ги оценуваат песните во финалето. Евровизија следната година ќе се одржи во Велика Британија, која ја презеде организацијата за натпреварувањето наместо овогодишниот победник - Украина, поради безбедносната ситуација во таа земја.