Документарниот филм „Приказната за Силјан“ на македонската режисерка Тамара Котевска ќе ја има својата светска телевизиска премиера на 8 јануари 2026 година на каналот „National Geographic“.
Според објавата на „National Geographic“ на Инстаграм, филмот ќе се прикажува во 21 часот по источноамериканско време (9/8c).
Веќе следниот ден, документарецот ќе биде достапен и на стриминг-платформите „Disney+“ и „Hulu“, што значи дека ќе може да го гледа и пошироката меѓународна публика.
„Приказната за Силјан“, кој се вброи меѓу најзначајните документарни остварувања на годината, ја раскажува вистинската и трогателна приказна за Никола, кој пронаоѓа повреден штрк и започнува да се грижи за него, создавајќи длабока врска исполнета со човечност, грижа и заедништво. Филмот ја продолжува препознатливата поетска и хумана естетика на Котевска, која стекна светска слава претходно со „Медена земја“.
„Приказната на Силјан“ освои две награди на „IDA Documentary Awards“ – за најдобар документарен филм и за најдобра камера. Покрај тоа, тој имаше премиери на најголемите светски филмски фестивали, како оние во Венеција и Торонто, и бројни проекции во САД, Канада, а наскоро и во Британија. Откупот од „National Geographic Documentary Films“ дополнително ја засили глобалната видливост на филмот и ја поддржи неговата тековна кампања за Оскар.
Режисерка и продуцент на филмот е Тамара Котевска, а со неа како директор на фотографија и продуцент работел Жан Дакар. Филмот доби и значајно признание со номинација за „PGA Awards“ (Producers Guild of America) во категоријата „Outstanding Producer of Documentary Motion Pictures“.
Иако „Приказната за Силјан“ не успеа да се најде меѓу најдобрите 15 документарни филмови според гласачите на Академијата, филмот се сметаше за сериозен кандидат за Оскар според предвидувањата на критичарите и експертите.









