Неодоливо шармантната, малку палава и неверојатно силна девојка со црвена коса, пеги и кики - може да нè научи на некои важни работи.
На 14 ноември, далечната 1907 година е родена Астрид Линдгрен, познатата шведска писателка. Оваа креативна писателка е најпозната по своите книги за деца и е трета на листата на најпреведувани детски автори со дури 144 милиони продадени примероци ширум светот.
На прво место, секако, е „најсилното девојче на светот“ Пипи Долгиот Чорап. По тој повод решивме да се потсетиме на познатите искуства на малото пегаво девојче по име Пипи Долгиот Чорап и да ги согледаме работите кои можеме да ги примениме во реалниот живот, а на кои Пипи и Астрид нè научија.
Приказни пред спиење
Самата приказна за настанувањето на книгата веќе со себе носи една емотивна порака. Во младоста, Астрид ѝ раскажувала приказни пред спиење на својата болна ќерка, која тогаш имала 7 години.
Една вечер, на девојчето му паднало на памет името Пипи Долгиот Чорап и сакало да слушне приказни за некој со тоа име. Мајка ѝ ѝ ја исполни желбата и создала таква хероина, не помислувајќи каков бестселер ќе стане.
И еве еден убав предлог и за вас... Можеби не би било лошо на вашите малечки, на „старомодниот“ начин, без телевизори и компјутери, да им раскажете или прочитате приказна - можеби баш Пипи Долгиот Чорап. Или, уште подобро, измислете ваша!
Подароци за роденден, но не онака како што сте навикнати
Пипи Долгиот Чорап по многу нешта беше необична. Освен по црвената коса и пегите, таа имаше и други карактеристики кои ја издвојуваа од другите. На пример, за нејзиниот роденден сакаше да им дава подароци на другите луѓе. Пробајте некогаш и вие – никогаш не знаете што сè убаво може да ви донесе. Изненадете се. И изненадете ги другите. Зошто да не.
Учење преку книга
Пипи живеела без ограничувања и слободно. Иако морала да се грижи за себе, имала слобода да оди каде сака, да спие кога сака и да оди на училиште само кога ќе почувствува потреба.
Со други зборови, таа верувала дека многу работи можат да се научат преку забава и игри, а такви работи не може да се научат на училиште.
Секако, не велиме дека децата не треба да одат на училиште, но ве охрабруваме да си играте повеќе со нив и да им дозволите да си играат повеќе со своите врсници. Во последниве години, дури и некои европски земји организираа различни програми кои ги насочуваат децата во почетните одделенија на училиште повеќе на забава и игра отколку на учење и оценување.
Помогнете им на луѓето на кои им е потребна помош
За време на нејзините авантури, во еден момент Пипи налетува на момчето Вили, кое го нападнале уште пет момчиња. Секогаш праведната Долгиот Чорап ја налутила оваа страшна неправда, па ја искористила својата неверојатна сила и на комичен начин ги совладала напаѓачите.
Добар пример за деца и возрасни со следнава поука - ако можете, секогаш помагајте му на послабиот кој е во неволја!
Возрасните понекогаш прават поголеми проблеми од децата
Како што продолжуваат авантурите на Пипи, таа наидува на добро сокриен бисерен остров.
Таму децата немале џамлии, кои тогаш биле многу популарни меѓу децата, па ја играле истата игра - само со бисери. Двајца крадци сакале да ја искористат таа можност, но Пипи лесно ги совладала со својата неверојатна сила.
После целата ситуација, таа му објаснила на својот татко: „Тато, сè беше мирно додека не дојдоа возрасните!“.
Затоа, имајте на ум дека големите луѓе не се секогаш во право и дека често можат да научат многу од малите луѓе.