Џон Вејн вриел од бес, а таа трпела долгогодишна дискриминација и физички напади: Холивуд ја исправа неправдата од пред 50 години

Точка

16/08/2022

23:30

11.398

Големина на фонт

а а а

Речиси 50 години откако Индијанката Сачин Литлфедер, припадничка на Апачите, излегла на сцената на доделувањето на Оскарите во 1973 година да објасни дека големиот холивудски актер Марлон Брандо не сака да ја прими наградата поради начинот на кој се прикажуваат Индијанците во филмовите, американската Академија за филмски уметности и науки ѝ се извини за злоставувањето кое го претрпела по тоа.

Од Музејот за филм на американската Академија е соопштено дека на 17-ти септември Сачин Литлфедер, која денес има 75 години, ќе биде поканета на вечера на „разговор, исцелување и почит“, пренесува АП.

Кога Марлон Брандо во 1973 година освои Оскар за најдобар главен актер во филмот „Кум“, Литлфедер излезе на сцената во индијански фустан и мокасини од еленска кожа како првата Индијанка која го направила тоа на доделувањето на најпрестижните филмски награди на светот.

Во нејзиниот говор кој траел 60 секунди, таа објаснила дека Брандо не сака да ја прифати наградата поради „начинот на кој филмската индустрија ги третира Индијанците, староседелците на американскиот континент“.

Одредени гости во публиката тогаш ја исвиркале, а според зборовите на сведоци на тој настан, актерот Џон Вејн кој таа вечер бил зад сцената, вриел од бес.

Литлфедер се сеќава дека поради нејзиниот краток настап на церемонијата на Оскарите во 1973 година, била изложена на долгогодишна дискриминација, потсмев и физички напади.

Објавувајќи ја одлуката за повикот на извинување кој е упатен до оваа храбра жена, Музејот на американската филмска академија ги пренесе зборовите на претседателот на Академијата, Дејвид Рубин, кој напишал дека говорот на Литлфедер бил моќен јавен истап „кој и денес нè потсетува на неопходноста од почитување на човечкото достоинство“.

„Злоставувањето кое го претрпевте поради вашата изјава беше неоправдано. Емоционалниот товар кој го преживеавте и цената која ја плативте за уништената кариера во нашата индустрија се непоправливи. Предолго, храброста која ја покажувавте беше непризнаена. Поради ова ви го нудиме нашето најдлабоко извинување и го изразуваме нашето искрено восхитување“, напишал Рубин.


Реагирајќи на писмото на Дејвид Рубин, Сачин изјавила дека е „длабоко охрабрувачки да се види колку нештата се промениле“ од времето пред 50 години кога јавно одби да го прими Оскарот во име на Марлон Брандо.



Спонзорирани линкови

Маркетинг