Ништо од новата Лада Нива

Точка

15/06/2022

21:29

37.108

Големина на фонт

а а а

Плановите за новата генерација на легендарниот руски теренец се сопрени, пред се поради заминувањето на "Renault" од Русија. Новата "Нива" требало да се продава во две должини на повеќе пазари, вклучувајќи ја цела Европа.

Како што веќе веројатно знаете, "Renault" го продал мнозинскиот пакет акции од "АвтоВАЗ", па со самото тоа е сопрен развојот на новата генерација Лада Нива. Постои опција во наредните шест години "Renault" да го врати сопствеништвото над компанијата која произведува возила марка "Лада", но тоа пред се зависи од геополитичката ситуација која моментално не е поволна, а изгледа дека ситуацијата нема наскоро да се нормализира.

"Renault" имал две големи работни единици во Русија. Компанијата "Renault Russia" е продадена на градот Москва, додека 67,69 проценти од акциите на "АвтоВАЗ" ги купил Институтот за истражување и развој на автомобили и мотори (НАМИ). Француската компанија не сакала да го открие износот на овие трансакции, но неколку извори велат дека овие две компании се продадени за симболична сума.


Пред судирот во Украина, француската компанија имала големи планови за "Лада". Имено, нивната идеја била да ги спојат брендовите Дачиа и Лада внатре во истите деловни единици,со тоа што двете компании би останале независни со сопствени брендови, историја и стратегија.

"Renault Group" веќе работела на новата генерација "Лада Нива", а новиот модел требало да биде претставен во 2024-та година. Планот за целосно нова Лада Нива била многу амбициозен, а идејата била во две различни меѓуосовински растојанија овој модел да се продава на голем број пазари, вклучувајќи ја цела Европа.


Како што пишува "Revija HAK", најавено било возило со погон на сите четири тркала, менувач со редуктор, како и можност за опремување со електрифицирана механика за овој модел да биде во склад со еколошките стандарди на ЕУ. Меѓутоа, сите тие планови паднале во вода, а дали "АвтоВАЗ" ќе направи нова генерација, останува да видиме.