Најдобрите ритуали на Швеѓаните: Дали знаете што е „фика“ и што прават во среда?

Точка

20/05/2022

19:24

20.886

Големина на фонт

а а а

Швеѓаните се необичен, посебен народ. Вредни се, но исклучително ја ценат паузата за кафе; скромни се, но нивното знаме се наоѓа насекаде и иако на прв поглед изгледаат студено како климата која ги опкружува, кога ќе ги запознаете ќе сфатите дека се топли како сауна.

Швеѓаните не уживаат во бесцелни разговори и празни зборови, кои на многумина им се потребни за да ја премостат непријатната тишина.

Кога немаат што да кажат, тие молчат, а ретки се оние кои ги поздравуваат своите соседи кога ќе ги сретнат. Понекогаш не ги поздравуваат ни келнерите, ниту вработените по продавниците.


Особено на повозрасните генерации, коментирањето на временските услови со непознати луѓе им изгледа како бесмислена, залудна активност. Од имигрантите, студентите на размена или туристите можеби и ќе чуете некаков поздрав, но од Швеѓаните – многу ретко. И токму кога ќе помислите дека се студени и дистанцирани, тие ќе ве изненадат со топла прегратка наместо поздрав.

„Зафикарете“ го вашето попладне

Најдобрата работа кај „фиката“ е тоа што нема правила. Можете да бидете сами или со пријателите, дома или во кафуле, во воз, на работа, буквално каде било и кога било.

Но, да му објасните на некој кој не е од Шведска што значи „фика“ не е најлесната работа на светот. Станува збор за пауза за кафе, но тоа е многу повеќе од само пиење кафе. Тука се и полжавчињата со цимет (kanelbullar), чоколадните топчиња во кокос (chokladboll), марципан-колач (semla) или кој било колач по желба.


Сепак „фиката“ има подлабоко значење и од обична пауза за кафе со нешто слатко.

Тој ритуал е толку вплетен во нивната традиција што понекогаш Швеѓаните поминуваат „фики“ и „фики“ објаснувајќи им на своите пријатели од другите земји дека тоа е време за опуштање, зближување со пријателите, подобро запознавање или одмор од дневните обврски. „Фика“ е и ресетирање од напорниот ден, навика која ги тера луѓето да подзастанат, да седнат, да бидат свесни за моментот и под влијание на шеќерот да тргнат во нови работни победи.

Дека нема среќа без „фика“, потврдува и податокот дека Шведска е помеѓу 10-те најсреќни и најпријателски земји на светот. Главен град на „фиките“ е Стокхолм каде има стотици хипстерски и модерно уредени кафулиња, а ако сакате да го дознаете вистинското значење на „фика“ во Шведска, можете и да изнајмите домаќин.


Мала сабота

Малата сабота не е резервирана само за Швеѓаните – Норвежаните, Данците, Финците и Бугарите исто така ја практикуваат оваа навика.

Некогаш во Шведска „lillördag“ или „мала сабота“ бил ден кога слугинките имале слободен ден, затоа што во сабота работеле, а во модерно време тој ден за одмор е заменет со ден за опивање, и тоа во среда.


За волја на вистината, не толку интензивно како во текот на викендот, но сепак доволно за да се разбие неделната монотонија, да се направи по некоја глупост и да се создадат нови „дупки“ во помнењето.

Кај поумерените Швеѓани станува збор за неколку чаши пиво или вино и дружење со пријателите во кафулињата кои во среда навечер главно нудат попусти.