Дарио за Точка: „Не сум тип кој 24 часа живее на сите можни социјални мрежи и кој има стотици илјади следбеници со милионски лајкови и прегледи“

Точка

05/05/2022

22:13

217.318

Големина на фонт

а а а

Македонската музичка ѕвезда, Дарио Панковски, неодамна го промовираше најновиот сингл насловен како „Какви се ова времиња?“, со што повторно ги освои срцата на романтичарите.

Новата песна на Дарио беше само причина повеќе за да ви донесеме уште еден искрен Точка разговор. Иако веројатно првата помисла на споменувањето на неговото име ви е тоа дека 'Дарио одамна се повлече од сцената и што прави сега'  - сепак, пејачот и натаму е активен на ова поле. Многу внимателно, посветено и квалитетно работи на промовирање на неговите музички дела, за што се доказ и хитовите што ги слушаме на радио станиците во изминативе години. 

Уживајте во денешното интервју со Дарио Панковски, ексклузивно на Точка.

Каде е Дарио денес, што прави на музички план изминатиов период?

Во последниве години јас сум снимил и издал вкупно 14 песни на македонската музичка сцена, односно 10 песни и 4 видео спота на албумот „Ако силно посакам“ од 2016 година со носечката „Што е мое ќе си дојде“, потоа „Inshallah“ во 2019, „Еј животе“ на самиот почеток на пандемиската 2020, „Кој чека ќе дочека“ минатата 2021 и конечно најновата песна и видео „Какви се ова времиња“, промовирана пред само неколку денови.

Асоцијација на некакво повлекување од МК сцената е можеби периодот пред и по 2018 година кога привремено се посветив на хрватската музичка сцена со издавањето на хрватските верзии на „Што е мое ќе си дојде“ (Sto je moje to ce doci) и „Жена за сто години“ (Zena za milijun godina).


Веројатно и затоа што не сум тип кој 24 часа „живее“ на сите можни социјални мрежи со своите потребни и непотребни видеа и кој наводно има стотици илјади следбеници со милионски лајкови и прегледи. Очигледно последниве години тоа е нешто најважно и страшно егзистенцијално, па доколку нон-стоп не си таму, изгледа како некаде да си се повлекол. Згора на ова, јас не сум хиперактивен автор со творење на 20 песни годишно, трчајќи по моментална популарност со квантитет наместо квалитет, но јас сум таков и не можам против себе. Ме има континуирано, но само тогаш кога навистина има потреба од тоа.

Текстовите и песните треба да ги доживееш и да ги живееш, да дишеш со нив и да уживаш во нив, а не да се тркаш со нив како на тркачка писта.

Кога би побарале од тебе да ја споредиш естрадата од 'твое време' и сега - што би рекол?

Тогашната естрада од 80-ти, 90-ти, па и добар дел на 2000-тите беше ЕСТРАДА, за разлика од сегашната естрадичка.

Ова го зборувам и го мислам буквално во секој поглед, во поглед на големи концерти во живо и нивната масовна посета, огромните хитови од кои голем број останаа евергрини, во поглед на висината на хонорарите, високата почит кон домашните музички уметници, високото рангирање и масовната слушаност на македонските песни, колективната национална свест за националната музика, големата поддршка од медиумите и бизнис заедницата и да не набројувам повеќе. За жал, денес нема ништо или има многу малку од ова.


Каков е твојот став за 'модерната' музика?

Јас навистина денес веќе не знам што се’ се подразбира под терминот модерна музика и колку навистина има вистинска музика во тоа, така да мислам дека не сум меродавен да го коментирам овој широк поим.

Како настана „Какви се ова времиња“?

Оваа песна очигледно била несвесно креирана во мојата потсвест во текот на изминативе повеќе години и конечно во еден ден се преточи на хартија како моја експресија и револт од сите овие лоши настани и појави што ни се случуваат на сите полиња во времево во кое живееме, а не беше отсекогаш вака.

Која твоја песна најмногу те опишува?

Најличната моја песна која најмногу ме опишува е дефинитивно „Човек без спомени“ од истоимениот албум од 2008 година.

Од каде црпиш инспирација за текстовите?

Инспирација може да дојде насекаде...на улица, во кафана, од филм, на радио, во најобичен разговор, во сон, во тага и радост, од лични преживеани ситуации или од нечии туѓи животни искуства...со еден збор, насекаде и во секое време.

Дали твоите син и ќерка одат по твоите стапки, сакаат да се занимаваат со музика?

Додека беа помали, ќерка ми играше модерен балет, а син ми свиреше гитара. Сега работат нешто сосем друго, во областа на своите професии, но и двајцата и понатаму поприлично го имаат талентот и чувството за ритам и музика.


Од оваа перспектива, што би им порачал на сите онои кои сакаат да влезат во музичкиот свет во Македонија?

Од оваа моментална перспектива ништо, но од вечната универзална музичка перспектива би им кажал сепак да ги следат своите соништа, идеи, инспирација, ентузијазам и големи планови, затоа што никогаш не се знае кога некој ќе се вивне и комплетно ќе ја смени атмосферата на многу, многу повисоко и поубаво ниво.

Каде сè може да те слуша твојата публика?

Тоа „сè“ баш и не важи за мене затоа што јас не настапувам редовно во кафетерии или ресторани каде што публиката може да те види секојдневно или секој викенд. Мојата публиката која ја обожавам, може да ме види, а и јас нив, само на солистички концертни настапи во концертни сали, на градски плоштади или големи дискотеки, кои се за жал не по моја вина, се потешки и покомплексни за организирање и реализација.


Кој според тебе треба да нè претставува на Евросонг и што мислиш за Андреа, нашата овогодишна претставничка?

Јас како изведувач не сум тој кој би требало да кажува кој треба да оди или да не оди на Евровизија, но по мое скромно мислење тука главен збор би требало да има публиката, односно широката музичка јавност. Инаку, веќе од поодамна не ја пратам целата таа приказна одблиску, така да навистина би било неблагодарно да давам било каква проценка.

Дали би сакал ти да ја претставуваш Македонија на Евровизија и зошто досега не си застанал на евровизиската сцена?

Од денешна гледна точка дефинитивно не, затоа што Евровизија веќе одамна не е музичка манифестација туку нешто сосема десетто, а зошто досега не сум бил на таа сцена...па, веројатно така требало да биде, ништо трагично.

За крај, со која мисла го завршуваш денот?

Со мислата дека сме фамилијарно сите добри, живи и здрави, му се радувам на новото утро, новите музички предизвици, па дури и на утрешните најобични секојдневни обврски. Тоа ми е апсолутно доволно.


Автор: Цеце Николова
Фото: Приватна архива



Спонзорирани линкови

Маркетинг