За неполна година под водство на д-р Башким Шабани (специјалист хирург – уролог и научен соработник на Медицинскиот факултет), на Универзитетската клиника за урологија, целосно е реновирано болничкото одделение, воведени се две нови хируршки процедури – вградување уринарни сфинктери и пенилни протези, редовно вработување добија 22 медицински сестри, болничари и хигиеничарки, а редок хуман гест ја обележа новата култура на водење – вработените се откажаа од субвенции за службени телефони за да се набават клима уреди и машини за перење за потребите на пациентите
Д-р Шабани, Универзитетската клиника за урологија е речиси комплетно реновирана, при што беа вложени 300.000 евра. Како се распределени овие средства – што точно беше покриено со донации, што од буџетот преку Фондот за здравство, а што од сопствени извори на клиниката?
Целото оделение на клиниката е темелно реновирано. Вкупната инвестиција беше околу 300 илјади евра од кои 100 илјади евра беа донаци, 100 илјади евра од нашата сопствена сметка и 100 илјади евра од фондовска сметка. Куриозитет е што во рамките на одделението направивме и соба за полуинтензивно лекување опремена со монитори за следење на виталните параметри, каде ќе бидат третирани потешките пациенти.
Еден редок и хуман гест привлекува сериозно внимание – вработените на Клиниката се откажаа од субвенциите за службени мобилни телефони, во вредност од 500.000 денари, и за сметка на тоа, беа набавени машини за перење алишта и клима уреди во собите на пациентите. Од кого потекна иницијативата и како реагираа вработените на оваа одлука?
Да, уште кога дојдов на директорската позиција, заедно со претседателот на Управниот одбор, Виш научен соработник д-р Огнен Ивановски, дојдовме до оваа идеја. Па така, тие 500 илјади денари субвенции за 16 мобилни телефони добиени преку договорот со телефонскиот оператор А1 ги пренамениме за доброто на пациентите. Наместо да земеме службени мобилни апарати за нас и за вработените, купивме 18 клима уреди и две машини за перење на алишта, бидејќи претходно ниту една боничка соба немаше клима уред. Со климатизирање на целиот простор, пациентите добија похумани услови за време на нивната хоспитализација, која често знае да биде доста непријатна, особено во летните месеци кога температурата е многу висока. Сметам дека тоа е мал гест од наша страна, кој многу значи за пациентите.
Големо внимание посветивте и на естетиката на новиот ентериер. Просторот не наликува на типична болничка установа, туку остава впечаток на пријатна, комфорна и релаксирана средина. Што беше водечката идеја зад овој пристап и дали имаше консултации со пациенти или архитекти при дизајнирањето?
Во изминатиов период, со д-р Ивановски имавме можност да посетиме многу реферетни Уролошки центри низ Европа, каде увидовме како се технички и просторно организирани најразвиените уролошки центри. Заедно, во рамки на нашиот реален буџет успеавме да го испланираме просторот најдобро што можеме и од естетски и од функционален аспект. Секоја соба е уредена како апартман, опремена со ЛЦД телевизор, нови тоалети, клима-уреди, сосема нови болнички кревети и бактериолошки прочистувачи на воздух. Боите се пријатни и складни, а истовремено модерни и ја отсликуваат епохата во која живееме.
Една од најзначајните медицински новости е воведувањето на две нови хируршки процедури – вградување на уринарни сфинктери и пенилни протези. Што значи ова за македонската урологија? Колку е комплексна нивната изведба и каков профил на пациенти има потреба од овие интервенции?
Да, на Универзитетската Клиниката за урологија, последната година воведовме два нови методи: имплантирање на артифициелни уринарни сфинктери и вградување на пенилни протези (ригидни и семиригидни), а во фаза сме на воведување и на методата на сакрална неуромодулација. Со воведување на овие хируршки техники, како клиника, повеќе немаме потреба да ги праќаме пациентите на лекување во странство што беше обичај претходно. Де факто сите хируршки уролошки интервенции што се изведуваат во светот сега успешно се изведуват и на нашата клиника.
Со воведувањето на овие процедури, Клиниката стана сертифициран центар за нивно изведување. Кој го издава овој сертификат, и што тоа значи за иднината на Клиниката како референтен центар во регионот?
Кај нас, овие процедури веќе се стандардизирани и ние сме една од ретките клиники во регионот, каде се изведуват овие хируршки интервенци. Лиценцирањето подразбира поминување низ соодветна, строго дефинирана едукација, која се состои од повеќе етапи. Во моментов овие процедури се изведуват само во најразвиените уролошки центри низ светот.
Во период од помалку од една година, на Клиниката се вработени 22 медицински сестри, болничари и хигиеничарки, кои претходно работеа преку договор на дело. Што беше пресудно за овие трансформации во редовен работен однос и колку е важно ова за задржување на медицинскиот кадар во земјата?
Пред осум месеци, кога бев назначен за директор на Клиниката за урологија, спроведовме скрининг за да утврдиме колкава е потребата од среден медицински персонал со цел клиниката да може ефикасно да функционира. Врз основа на добиените резултати, неодамна им доделивме решенија за вработување на неопределено време на оние кои претходно беа ангажирани со договор на дело. Клиниката е жива материја – постојано се менува и развива. Поради тоа, неопходно е постојано адаптирање кон новите услови, стратегиско планирање и континуирано унапредување.
Искуството покажува дека голем дел од младите здравствени работници ја напуштаат државата. Како успеавте да ги мотивирате за да останат и да се вработат во јавно здравство, конкретно на вашата клиника?
Па сите вработени кои беа ангажирани со договор на дело им ветив дека за кратко време ќе им биде обезбедено решение за работа. Искрено на почетокот беа резервирани во поглед на нашите ветувања. Некои од нив со недоверба ми велеа: „Дали со години ќе бидеме со дговор на дело и на крај ќе не избркате?“. Меѓутоа тоа што им го ветив и го исполнив за кусо време и сите што добија решенија се задоволни. Со цел задржување на медицинскиот кадар во земјата, како и стратегиско планирање за иднината на Клиниката, во тек е подготовка за нови вработувања како на доктори, така и на среден медицински персонал.
Во план е и реновирање на центарот за трансплантација и на центарот за калкулоза. Дали може да ни откриете повеќе детали за овој проект? Во која фаза се подготовките и какви подобрувања се предвидени?
Да, од следната недела почнуваме со реновирање на Центарот за трансплантација на бубрези како и Центарот за калкулоза. Средствата се обезбедени. Целта е да креираме нов центар за калкулоза со нов апарат за третман на камења на уринарниот тракт и нова хируршка сала за ендоскопски интервени. На овој начин ќе се централизира третманот на уринарни камења на едно место, кое ќе понуди најсовремени решенија за третман на сите видови камења и на сите локализации долж уринартниот тракт. Воедно, Клиниката ќе добие и модерен центар за трансплантација на бубрези со просторија за дијализа, од каде трансплантираните пациенти нема да има потреба да се препраќаат до Клиниката за нефрологија.
Покрај професионалниот аспект, би сакале накратко да се осврнеме и на Вашата семејна страна. Сопруг сте на Шпреса Куртиши Шабани, магистер по педагошки науки и докторант. Татко на четири деца, а најстарата ќерка веќе го избра медицинскиот пат. Како успевате да балансирате една толку одговорна професионална улога со семејниот живот и поддршката за образованието и развојот на вашите деца?
Со сопругата сум во брак веќе 21 година. Таа е магистер и докторант по педагошки науки и успешно води сопствен приватен бизнис. Заедно имаме четири деца – најстарата ќерка, Анила има 19 години и е студентка по медицина, Ерда има 17 години, Ела 13, а најмладиот, нашиот син Јасин, има 10 години. Верувам дека кога искрено веруваш во нешто, има време за сè, и за професионален развој и за семејството. Балансот не доаѓа лесно, но кога постои љубов и посветеност, сè е можно.
Фото: Приватана архива