Интервју со Претседателот на македонското Собрание Африм Гаши: ВЛЕН ниту е „ранета“, ниту претрпе „земјотрес“

Точка

05/06/2025

12:49

138

Големина на фонт

а а а

Апсолутно немаме никаков страв од избори и целосно сме убедени за исходот по изборите.

Нова: Најприродно би било ова интервју со Вас да го почнеме со политички најактуелното, со “земјотресот” во ВЛЕН. Го насетувавте ли од поодамна овој чин на Таравари или неговиот потег и Вас лично но и во ВРЕДИ ве затекна?

Гаши: Не би го сметал за „земјотрес“. Веќе е јасно дека случувањата не влијаеа врз стабилноста на ВЛЕН. Сепак, вие знаете дека јас се воздржувам од коментирање на внатрешните случувања во политичките партии, затоа што сметам дека тоа се прашања што им припаѓаат на самите лидери на партиите. Но, секако, како претставник кој доаѓа од таа коалиција и како претседател на Собранието, можам да кажам дека најзабележителната промена што може да се види е промената во составот на пратеничката група. Имаме нов координатор на пратеничката група на ВЛЕН и во моментов се прават потребните промени во работните тела. Што се однесува до изненадувањето, сметам дека најмногу оваа одлука или движење го изненади членството на АА, па оттаму се забележува и протест од страна на членството против оваа одлука.

Нова: Каков е актуелниот амбиент во ВЛЕН меѓу вас тројцата партискит лидери но и меѓу членството и има ли коректна внатрешно партиска кооперативност во пресрет на фузијата на трите субјекти во едена партија и каде таа гледано од идеолошки агол би се позиционирала?

Гаши: Имам коректна комуникација со сите лидери, но како што реков, мојата должност ме обврзува да се држам настрана од партиските одлуки и се обидувам максимално да го почитувам тоа. Секако, не е лесно целосно да се одвојам, бидејќи со години бев претседател на партијата и имам добри, пријателски и соработнички односи и со лидерите и со членовите на партијата и коалицијата ВЛЕН.

Од она што го гледам и чувствувам, атмосферата во рамките на ВЛЕН е многу позитивна, конструктивна и обединета. Постои јасен фокус на заедничката агенда за промени, а тоа се одразува на сите нивоа, како на соработката меѓу лидерите, така и на структурите и членството на терен.

Има видлива консолидација на структурите и членствата. Како што знаете, на крајот на април беше формирано заедничкото претседателство на коалицијата, со што може да се каже дека започнува претворањето на ВЛЕН во една заедничка политичка партија. Исто така, формиран е заедничкиот штаб за комуникација и заедничката кадровска комисија, а се работи и на спојување на другите заеднички органи.

Најважно е, што јасно се гледа дека членството го прифати со ентузијазам овој процес. Во нивните ставови и дејствувања веќе не се забележуваат партиски поделби, туку се чувствува дека ВЛЕН веќе се доживува како заедничко семејство, со обединета визија за промени и достојно претставување.

Нова: Локалните избори се за помалку од пола година, стравувате ли од постизборниот епилог посебно сега по излегувањето на АА од ВЛЕН, какви се Вашите сознанија од теренот, односно колку е стабилна довербата кај членството па и кај гласачите од сега “ранетиот” ВЛЕН?

Гаши: Апсолутно немаме никаков страв од избори и целосно сме убедени за исходот по изборите. Ќе повторам дека коалицијата ВЛЕН ниту е „ранета“, ниту претрпе „земјотрес“. Напротив, последните политички движења ја докажаа силата и кохезијата на ВЛЕН. Што се однесува до резултатот на локалните избори, ВЛЕН веќе го именуваше шефот на Централниот изборен штаб за локалните избори – пратеникот Аднан Азизи, и веќе се прават потребните теренски анализи. Сигналите што ги добиваме од членството и граѓаните се позитивни и охрабрувачки.


Нова: А Гаши, ќе “преживее“ ли меѓу политички “поагресивните“ Касами и Меџити или ќе се задоволи актуелната висока државна функција Претседател на Собранието?

Гаши: Не сум во трка за опстанок, бидејќи не влегов во политиката за да бидам прв, ниту во партија, ниту во институција, ниту во државата. Влегов за да придонесам во одбраната на принципите, вредностите, верувањата и начелата во кои верувам и кои длабоко ги чувствувам. Ниту позицијата што ја имам денес како претседател на Собранието не претставува врв на мојата кариера или исполнување на некакви лични амбиции. Тоа е така затоа што моите амбиции никогаш не се насочени кон функции, туку кон промена со чесност. Нема поважна трка од онаа за стекнување доверба кај граѓаните. Ја преживеав оваа трка неколку пати и сега сум посветен на исполнување на моите обврски и на донесување на промената што отсекогаш ја барав.

Нова: Собранието – како, по еве една година, Вие самите би ја оцениле Вашата работа во смисла на функционалноста на Парламентот, како се снајде и како се справува Претседателот Африм Гаши со честите меѓупартиски блокади за разни законски проекти и дали и колку како Претседател успевате да го наметнете својот авторитет во медијацијата меѓу различните интереси на партиските пратенички групи со цел за пофункционално собрание?

Гаши: Пред неколку дена го презентирав деталниот извештај за мојата работа и заложба, но и на Собранието, за овој едногодишен период од мојот мандат. Покрај другите столбови како што се транспарентноста, дигитализацијата, парламентарната дипломатија и отворањето на Собранието, за кое верувам дека покажавме значителен напредок, сметам дека работата на Собранието во овој период беше ефикасна и ефективна.

Мој приоритет беше спроведување на законодавната функција, преку редовно свикување седници, воспоставување фер практики, вклучително и спречување на злоупотреба на знамето на ЕУ. Сето ова вклучува и координирање и развивање на конструктивен дијалог со пратениците и институционалните актери за постигнување консензус во донесувањето одлуки. Во овој поглед, Собранието одржа над 50 пленарни седници и над 332 комисиски седници за една година. Донесе околу 280 законски акти, што е околу 50% повеќе од годишниот просек од претходниот мандат.

Што се однесува до справувањето со политичките „битки“ на пратеничките групи и мојот однос со пратеничките групи, можам да кажам дека имаме редовна и коректна комуникација со сите пратенички групи. Собранието, меѓу другото, има обврска да ја надгледува работата на владата, затоа, како претседател на Собранието, се трудам повеќе да бидам глас на опозицијата отколку на позицијата.

Имаме коректна комуникација и со пратеничките групи од опозицијата, што го сметам за важен фактор во насока на ефикасна работа на Собранието. Во никој случај не ги штитам интересите на една или друга пратеничка група и не го злоупотребувам мојот авторитет за да вршам притисок во оваа насока. Јас сум прв меѓу еднаквите и моја должност е да ги заштитам сите пратеници и да се осигурам дека се почитуваат процедурите и деловникот.


Нова: Владата – имате ли директна комуникација па и одредени директни притисоци од извршната власт, од Премиерот, за да “форсирате” одредени законски предлози посебно на некои кои се на “граница” на уставноста или тој вид комуникации се одвиваат преку пратеничката група на водечката партија во власта?

Гаши: Кога станува збор за односот меѓу Собранието и Владата, со одговорност можам да тврдам дека постои редовна и коректна комуникација. Нема, ниту може да има какви било проблеми за одредени предлози, бидејќи секој предлог се третира со соодветни процедури и со потребна дебата.

Во овој контекст, за да се покаже дека Владата, за разлика од претходните мандати, не може да го принуди Собранието на забрзување на одредени законски предлози, можеме да го нагласиме фактот дека во овој мандат и во овој состав не е злоупотребено европското знаме. Ова беше една злогласна практика што се користеше за избегнување на дебата за разни законски решенија. За ова имаше и сериозни забелешки од Европската комисија и од Делегацијата на ЕУ во Скопје. Имено, донесени се само 4 закони со оваа процедура, што покажува дека во овој мандат овој тип злоупотреба е целосно спречен.

Дополнително, за една година се одржани 10 јавни расправи, што претставува околу 60% од вкупниот број јавни расправи што беа одржани во целиот претходен мандат (17 расправи за 4 години во мандатот 2020–2024). Ова покажува дека законските решенија се процесираат со голема будност и со максимално вклучување на сите засегнати страни.

Нова: На Вашите гласачи и како Алтернатива и Како ВЛЕН им го ветивте почетокот на македонските ЕУ проговори, се откажавте ли од нив а во името на “македонскиот идентитет” или ВМРО-ДПМНЕ е преголем залак за да му се спротивставите наспроти желбата на вашиот изборен електорат?

Гаши: Воопшто не сме се откажале. Интеграцијата на земјата во ЕУ е примарен приоритет и на коалицијата ВЛЕН и на сегашната влада и парламентарното мнозинство. Не е случајно што тоа е првата точка во владината програма. Сепак, сите сме свесни за сложеноста на прашањето за уставните измени. Постојат заложби и консензус за нивно усвојување, но се обидуваме да најдеме рационален модел кој нема да го загрози целиот процес.

Знаете дека жртвата што ја направи нашата држава со промената на името резултираше со пад на интересот и довербата кај граѓаните во европските интеграции. Доколку сега направиме нов компромис, а процесот повторно се услови со билатерални или идентитетски прашања, тоа целосно би го разрушило процесот и нашата стратешка цел. Затоа, лесно е да се гласаат уставните измени, но мора да бидеме внимателни и претпазливи за последиците што тие би можеле да ги донесат. Поради тоа, се стремиме да обезбедиме предвидливост во целиот процес.


Во оваа заложба сме обединети сите, вклучувајќи ја Владата, Собранието и јас како претседател. Како што знаете, владата го именуваше министерот Орхан Муртезани за главен преговарач со ЕУ, и тој игра активна улога во обезбедувањето политичка поддршка и во гарантирањето на реализацијата на реформската агенда, која претставува клучен елемент на интеграцијата – покрај решавањето на контекстот со Бугарија.

Исто така, и јас како претседател на Собранието, преку парламентарната дипломатија, реализирав бројни посети во европските престолнини, каде што ја нагласив чувствителноста на ситуацијата и наидов на искрено разбирање и поддршка од нашите европски сојузници и пријатели.

Нова: Што и кој посебно ве радува, и што и кој посебно ве нервира и исцрпува во вашата одговорна функција Претседател на македонското собрание?

Гаши: Ме радува кога гледам како се реализира мојата визија, Собрание блиску до граѓаните, и кога гледам конкретни резултати од нашата работа во Собранието. Ме заморуваат тенденциите за политизирање, факторизирање и протагонизам околу одредени околности и неопходни промени за граѓаните. Но, сепак, токму зборот одговорност е она што нѐ прави непоколебливи.

Остатокот од интервјуто можете да го прочитате ТУКА.