Ексклузивно за Точка интервју со Мира Гаќина: Колекцијата на МСУ-Скопје ќе гостува во Музеум Квартиер во Виена

Точка

26/01/2022

17:06

240.362

Големина на фонт

а а а

Ексклузивно за Точка, Гаќина ни откри дека следната година, во престижниот простор Кунстхале (кој е дел од Музеум Квартиер) во срцето на Виена на 1.000 метри квадратни ќе биде претставена селекција на дела од вредната уметничка колекција на МСУ.

Тоа значи дека во една од најпосетуваните европски метрополи, преку ново читање, ќе биде афирмирана драгоцената збирка на нашиот Музеј. Неодамна, МСУ стана членка на единствената глобална мрежа експерти од музејската дејност – CIMAM (Меѓународната комисија на музеи и колекции на модерна уметност) во која членуваат директори и куратори од светски познати музеи, колекции и архиви за модерна и современа уметност. Со полна пареа тимот на МСУ и оваа година продолжува да качува позитивни вертикали.

Огромна вест е дека успеавте да остваривте контакт со Kunsthalle музејот во Виена, каде следната година селекција на дела од уметничката колекција на МСУ ќе биде претставена во еден од најголемите европски културни центри...

Со Kunsthalle Виена имавме неколку работни средби на кои разговараме за многу амбициозен проект. Кураторскиот тим на оваа важна институција, која работи во рамките на познатиот Музеум Квартиер, во центарот на Виена, каде се сместени најпознатите музеи и галерии е заинтересиран на својата виенска публика, на простор од преку 1000 метри квадратни да и претстави селекција од делата на нашата колекција.

Концептот предвидува да бидат поканети 8 меѓународни уметници, кои ќе направат своја селекција од колекцијата и ќе осмислат поставка со која ќе воспостават дијалог помеѓу овие дела и нивната работа. Идејата е да се види како денес уметниците ја доживуваат оваа збирка настаната преку уметничката солидарност. Дел од изложбата ќе биде и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ-Скопје и неговата колекција. Ќе биде подготвен и обемен печатен водич за изложбата кој бесплатно ќе и биде делен на публиката. Отворањето на изложбата се предвидува за март 2023-та. Тоа значи дека во една од европските метрополи, европски уметнички центри, преку ново читање, ќе ги афирмираме и нашата драгоцена збирка и градот Скопје. Со намера сме, исто така, по претставувањето во Виена, изложбата да гостува и во други уметнички центри, а се разбира, ќе и биде претставена и пред нашата публика.

Фотографијата е превземена од веб страницата на музејот

МСУ е симбол на солидарноста на некогашно солидарно Скопје. По катастрофалниот земјотрес 1963 година, се разбуди светската солидарност, не само во материјалната помош за срушеното Скопје, туку и за подигнување на духот на настраданите. Така почна и да се создава уметничката колекција на музејот. Еден од првите кој подари дело во тоа време беше Пикасо. Ниту еден од музеите во регионов нема толку вредна уметничка колекција на светски автори како МСУ. Од Пикасо, преку Калдер, Џаспер Џоунс, до Вазарели и многу други... Тој тренд интензивираше последниов период. Неколку светски уметници подарија свои дела. Кои?

Можеби најдобро, мотивацијата за овој нов бран донации го објаснува колективот „Что делат“ од Русија. Тие во нивната одлука да го донираат делото велат „Откако се запознавме со Музејот на современата уметност во Скопје, се вљубивме во неговиот простор, врската помеѓу внатрешноста и надворешните глетки, неговата слоевитост и се разбира, неговата единствена колекција. Ја искористивме можноста перформативно да работиме во просторот, откривајќи ги овие инспирации...“. Покрај нив вредни дела ни донираа и познатата кубанска уметница Тања Бругера, холандскиот уметник Јонас Стаал, a донација најавија и други уметници, меѓу кои и полските уметници Артур Жмијевски и Павел Алтхамер. Ова е значајно, не само поради обновувањето на нашата активност на планот зголемување на колекцијата, и домино ефектот што таа го предизвикува, туку и затоа што се работи за многу вредни дела, кои ја зголемуваат, ионака, исклучително вредната колекција, но истовремено го зголемуваат и вкупниот државен капитал, националното богатство. Тоа е и генерациска одговорност, што ќе им оставиме на младите.

Крајот на мината година го заокруживте со отворањето на големата меѓународна изложба „Се што ни е заедничко“. Поставка ќе биде отворена до март годинава, во чии рамки претставени се 11 интернационално познати уметници, меѓу кои и македонски докажани имиња. Што е пресудно за музејот при избор на уметници, кои сакате да ги доближите на Вашата публика?

Ни успеа да ги привлечеме уметниците со концептот „Се што ни е заедничко“, тие сакаат да дојдат во Скопје, се врзуваат за Музејот, се инспирираат од амбиентот и стануваат трaјни соработници. И овој пат ја задржавме традицијата да изложиме дела од сите географски простори. Дојдоа уметници од Куба, Курдистан, преку Австралија, до САД и Русија, а станавме значајни и во регионален контекст, со гостувања на нашите изложби. Реакциите што ги добиваме однадвор, од уметниците, новинарите и кураторите се големо изненадување дека во овој дел на Европа, постои Музеј со светски стандарди, како во поглед на архитектурата и колекцијата, така и во однос на подготвеноста на тимот да ја следи актуелната сцена. Со оваа поставка ја доближуваме на нашата публика рецентната сцена, она што во светот на уметноста се случува по прашањето на отворање нови форми и за тоа како ангажираната уметност им пристапува на актуелните социјални кризи и дилеми, прашањата за миграциите, маргинализираните, човековите права и екологијата.

Благодарејќи на вашиот долгогодишен контакт со светски познатиот уметник Артур Жмијевски, чии дела се вклучени во колекциите на Музејот на модерна уметност во Њујорк, Тејт Модерн во Лондон, Новата Пинакотека во Минхен... отворена е негова самостојна поставка со видео инсталации во МСУ. Скопјани можеа и да го запознаат уметникот, кој присуствуваше на отворањето, а одржа и „artist talk“. Колку домашната публика е запознаена со светската уметничка сцена, која успевате да ја донесете во МСУ?

Жмијевски е еден од уметниците со кого сакаме да развиеме поблиска соработка, го очекуваме повторно во Македонија за некој месец, тој во Скопје ќе пристигне со неговиот колега Павел Алтхамер, светски познат полски скулптор со кого заедно ќе работат во Скопје и ќе му ги донираат на МСУ своите дела. Инаку и други големи имиња во текот на годината беа претставени во Скопје - уметникот Франко Б, во рамки на Недела на гордоста, уметниците Артур Џафа, Ву Цанг, Шерон Хејс, Хива К., Марва Арсаниос во рамки на изложбата „Се што ни е заедничко“... Добар дел од публиката сами ја создадовме, благодарение на тимската работа и разновидноста на програмата. Судејќи по реакциите на социјалните мрежи и структурата на нашите посетители, релативно високо е нивото на запознаеност со современите движења кај поширок дел од нашата публика. За тоа сведочи и интересот за работата на библиотеката, за нашето списание „Големото стакло“, за онлајн програмите и разговорите со гости во живо.


Музејот предизвика голем интерес и со изложбата на уметнички дела од колекцијата на Дојче Телеком на најпрогресивните уметници од Југоисточна Европа, со наслов „Гледај тука сум без простор“. И со оваа поставка инсистиравте на тоа МСУ да ги тренира своите репери рамо до рамо со светските музејски центри. Оние кои ја познаваат модерната, знаат, какви имиња продефилираа низ музејот изминативе години, но како да се едуцира и придобие нова публика?

Колекцијата на Телеком е специфична, таа е ограничена на дела од современи уметници од само еден простор, пошироката територија на Источна Европа, и е значајна за да се види развојот на уметноста по падот на Берлинскиот ѕид во овие држави, кои минаа низ значајна социјална транзиција. Интересот за уметниците од Источна Европа во светот и натаму расте, ние во Скопје во изминативе 4 години ги претставивме едни од најзначајните автори – Анри Сала, Флака Халити, Адриан Паци, Сања Ивековиќ, а во самата колекција на МСУ имаме имиња на се уште активни уметници како Дан Пержовски, Јон Григореску, Лучезар Бојаџиев. Отворивме и перспектива за идна соработка со значајни музеи од овие простори, како оние во Лоѓ, Варшава, Краков, Љубљана, Загреб, Ријека, Белград... Кураторите на германски Телеком на два пати беа наши гости и се запознаа со уметниците и локалната сцена, што сметам е значајно за нивно препознавање и вклучување во оваа, (во која веќе има македонски автори), но и во други колекции. Минатата година, познатата кураторка и новата директорка на МСУ Загреб, Зденка Бадовинац, по посета на нашиот Музеј, вклучи и дела на наши уметници во нејзината изложба во римскиот Музеј на уметност на 21-от век, MAXXI.

Што се однесува до едукација и придобивање на нова публика, тоа се постигнува, уверена сум, тоа ни го покажа и искуството изминативе години, преку квалитетна програма и разновидност на понудата. Општо прифатено е дека за создавање нова публика најважна е постојаната, верна публика. Таа, споделувајќи ги своите впечатоци иницира нови посети. Музеите, по дефиниција се едукативни установи, само што методот е различен, тие инспирираат, наученото е лично и искуствено.

МСУ стана ко-партнер со Манифеста, номадско биенале за современа уметност, едно од 4те најбитни биеналиња во светот. Идејниот творец и основач на Манифеста, Хедвиг Фејен одржа предавање во МСУ во Скопје. Ова беше ретка можност, не само за кураторскиот тим на музејот, туку и за пошироката публика. Дали ова ко-партнерство значи дека нашиот музеј е препознаен на светската мапа?

Да, може да се каже дека на планот - видливост е направен голем чекор. Институциите што досега соработувале со Манифеста вклучуваат и врвни светски музеи и значајни теоретичари и уметници. Бидејќи се работи за номадско Биенале, кое ја менува својата локација секоја втора година, што е дел од нивниот оригинален концепт, регионот во кој Манифеста гостува буди светски интерес, не само за самата манифестација, туку и за регионот и неговата специфика. Очекуваме летово, поради богатата програма, да имаме значајно зголемување на посетитители, не само од Скопје и да бидеме во фокусот на вниманието на светската стручна јавност. Со директорката на Манифеста, Хедвиг Фејен и со главната кураторка, Катерин Николс, имаме одлична соработка, а на подготовките за изложбите, дискурзивните програми и пратечките активности работи тим на МСУ уште од средината на минатата година. За колку обемен проект се работи зборува и тоа што последните наши ангажмани се предвидени за средината на следната година.

За нас е особено важно и тоа што Манифеста оваа година го истражува јавниот простор, неговата копродукција, во контекст на урбаноста. Оваа тема кај нас, заради изгубениот јавен простор, е актуелна и недоречена, имавме некоја јавна дебата, па таа беше истисната. Ова ќе биде можност повторно да си ги поставиме прашањата за тоа каква иднина градиме, каков град сакаме.

Една од основните цели, кои ги продуцира музејот е и постојана едукација и претставување на надоаѓачките генерации уметници. Одржувањето на меѓународното „Биенале на млади уметници“ е одличен доказ за тоа. Ве радува ли фактот што успевате да мобилизирате и описменувате нови генерации и да го формирате нивниот поглед да го препознава убавото во уметноста?

Овој пат, Биеналето на млади беше можност за нас Музејот да „гостува“ во други скопски објекти од периодот на Модерна, кои се важни за нашиот поглед кон урбаното. Вистина е дека имаше масовен одзив на главно млада публика, која беше заинтересирана и за делата на младите автори и за откривањето на нови простори во градот. Сметавме дека оваа традиционална активност можеме и овојпат да ја направиме меѓународна и бевме пријатно изненадени од големиот одзив. Биеналето е одлична можност за да се профилира уметничката сцена, значаен поттик за учесниците е што на победниците им е овозможено да имаат самостојна изложба во МСУ следната година.

Покрај изложбената дејност, изминативе години ја степенувате важноста и на едукативната програма преку проектот „МСУ Школо“, филмската програма со „МСУ Кино“ а во пандемиски услови, преку „дискурзивната програма“ успеавте да обезбедите и светски реномирани теоретичари и професори, кои одржуваа предавања преку зум платформата, а некои дури и со физичко присуство допатуваа во Скопје. Доволно е само да се спомене името на Борис Гројс, кој неодамна одржа предавање...

Имаме капацитет да покренеме оригинална активност за да го афирмираме Музејот како Форум за дебата и како едукативен центар. Нашите дискурзивни програми, Школото и Киното дополнително ги анимираат нашите простори, настојуваме нашите посетители да земат учество во разновидната музејска програма. Она што нѐ охрабрува е што имаме верна публика, која е присутна дури и кога, поради пандемијата, сме приморани некои активности да ги организираме само онлајн. Меѓу позначајаните теоретичари кои и беа претставени на нашата јавност, покрај мојот долгогодишен пријател, Борис Гројс, со кого имав интервју во нашиот магазин Големото Стакло, беа и Шантал Муф (таа соработуваше со нас и на Венециското Биенале), Клер Бишоп, уметницата Коко Фуско, Тимоти Мортон, Сол Њуман...


Кога веќе го споменавте Големото Стакло, списание специјализирано за современа уметност... Од колкава важност е неговото постоење?

„Големото стакло“ стана препознаено современо списание за современа уметност, култура и теорија, со широк круг на соработници, уметници, куратори, теоретичари и го одразува новиот креативен правец на развој на Музејот. Се трудиме секој негов број да биде тематски профилиран, да обезбедиме активни и оригинални автори, успехот се огледа и во тоа што со внимание е следен од најшироката стручна јавност. Она што си го зададовме како цел е и нашата издавачка дејност да задоволува врвни стандарди. Во иднина планираме и други проекти врзани за издаваштвото.

Годинава, музејот ја подготвува и долгоочекуваната постојана поставка со дела од светските автори, кои се дел од колекцијата на МСУ. Ова ќе биде голема радост за сите почитувачи на современата. Што друго ви е зацртано во агендата за оваа година?

Оваа година, како тим, подготвуваме нова постојана поставка, која на сите повторно ќе ни открие кои се уметничките теми кои се актуелни во втората половина на 20-иот век. Преку неа уште еднаш ќе се види посебноста на нашата колекција, прибрана главно преку лични авторски донации, покривајќи ги најшироките географски простори и илустрирајќи ги најважните уметнички правци во повоена Европа и светот, истовремено следејќи ја локалната и регионална сцена. Некои активни светски уметници, како Хито Стејерл, Антон Видокле, Адриан Паци и други се согласија да бидат дел и од заокружувањето на оваа изложба на која ќе бидат вклучени и понови дела, кои не се дел од колекцијата.

Она што веројатно ќе побуди голем интерес и овде и пошироко е изложбата и придружните активности што Музејот ќе ги има во контекст на Биеналето на Манифеста. Нашата програма, покрај другото предвидува претставување на турскиот уметник Ахмет Огут, важно име во светот на современата уметност, негово дело веќе прикажавме пред три години, ќе биде организирана ретроспективна изложба на неодамна починатиот македонски уметник Симе Узуновски, а нашата публика ќе може да ги види и новите имиња, победниците на последното Биенале на млади.

Повеќе фотографии можете да погледнете во ТУКА.