Коста Петров - човекот кој инспирира илјадници луѓе да веруваат во сопствениот пат: „Вистинското исполнување не е во моментот кога ќе стигнеш на врвот, туку во тоа како си стигнал до него“

Точка

23/03/2026

11:45

657

Големина на фонт

а а а

Во време кога успехот често се мери во бројки, Коста Петров нуди поинаква перспектива – онаа што се гради однатре. Автор на бестселери, претприемач со интернационално искуство и креативец кој стои зад еден од најзначајните музички моменти за Македонија, тој со години инспирира илјадници луѓе да веруваат во сопствениот пат.

Но зад сите титули, проекти и признанија, се крие приказна за падови, сомнежи, храброст и постојана работа на себе. Животот во различни делови од светот, градењето на успешна компанија и балансот меѓу кариерата и семејството го обликувале неговиот поглед кон успехот – како процес, а не како дестинација.

Во интервју за „Точка“, Петров отворено зборува за лекциите што ги научил, за цената на успехот, за моментите што го дефинирале, но и за она што денес најмногу го исполнува – надвор од сцената и светлата на јавноста.

❓Кој е Коста Петров кога ќе се тргнат „титулите“ – автор, претприемач, креатор на музички хитови?

✨Интересно прашање. Јас сум сите овие работи, но и ниедна од нив. Кога ќе се тргнат титулите, останува човек кој постојано се обидува да разбере зошто е тука и што значи да се живее искрено. Некоj што учи, греши, создава и повторно почнува од почеток. А најдобриот одговор, најверојатно, е наједноставниот: јас сум јас.


❓Книгата „Се гледаме на врвот“ стана вистински бестселер во Македонија? Што мислиш дека најмногу допре до читателите – личната приказна, искреноста или амбицијата?

✨Мислам дека комбинацијата од сите три. Во тоа време, ова беше прва книга од овој тип во Македонија и за првпат отворено зборував за панични напади и анксиозност, теми за кои ретко се зборуваше. Искреноста, веројатно, беше тоа што најмногу допре до луѓето.

Поминаа 13 години од тогаш и многу работи се променија. Денес, таа книга за мене е потсетник на една стара верзија од себе, со која искрено се гордеам.


❓Дали среќата е фактор за успех или веруваш дека „среќата ги следи храбрите“?

✨Среќата е избор. Таа не е нешто убаво спакувано што едноставно ти се случува. Таа е резултат на начинот на кој размислуваш и одлуките што ги носиш, дури и кога ти е најтешко. Не верувам дека ги следи храбрите, туку одлучните. Оние што знаат што сакаат и не се откажуваат, дури и кога работите не одат според план. Оние што успеваат да ја гледаат големата слика, дури и во моменти на хаос, и не дозволуваат тие моменти на разочарување или неуспех, да им ја одредат насоката.


❓Која беше најтешката лекција која мораше да ја научиш на „патот до врвот“?

✨Дека патот е многу поважен од врвот. Да уживаш во процесот, а не само да живееш за целта. Долго време мислев дека сè ќе има смисла кога ќе стигнам „таму“, но вистината е дека тоа чувство трае многу кратко. Затоа што кога ќе стигнеш до една цел, веднаш се појавува нова.

Со време сфаќаш дека ако не научиш да уживаш во патот, во секојдневниот напор, во малите победи и дури во падовите, никогаш, ништо нема да ти биде доволно. Вистинското исполнување не е во моментот кога ќе стигнеш на врвот, туку во тоа како си стигнал до него.


❓Живееше во Америка, Дубаи, Чешка... Колку е тешко да се вратиш дома со глобално искуство и да го примениш тука?

✨Денес светот е глобално село. Не е толку важно каде си, туку дали ги следиш трендовите и дали знаеш како да ги примениш. Но, најважно од сè е мрежата што ја градиш.

Јас сум благодарен за мрежата што ја создадов во Америка, Дубаи и Чешка. Таа ми овозможи да работам и да развивам проекти глобално. Денес, 15 години подоцна, со „The P World“ имаме настани во повеќе од 40 земји, и тоа е директен резултат на тие врски.


❓Како настана идејата за „The P World“ и што ја прави денес поинаква од останатите компании?

✨Идејата за „The P World“ настана од една едноставна потреба – да се создадат настани кои не се само конференции, туку вистински искуства со реална вредност. Во тоа време, повеќето настани беа формални, со многу теорија и малку практична примена.

Денес, по 15 години, со канцеларии во Скопје и Монтреал, организираме настани во повеќе од 40 земји. Работиме со професионалци и компании од брендови како „Microsoft“, „Google“, „Amazon“, „TikTok“, „LinkedIn“, „Netflix“ и многу други.

Она што нè прави поинакви е фокусот на практичност, интеракција и вистински луѓе со реално искуство. Не правиме класични конференции, туку искуства што луѓето можат веднаш да ги применат.


❓Што е клучно за еден бренд да преживее и да успее во денешното дигитално време?

✨Автентичноста е клучна. Денес, брендовите мора да имаат атрибути на вистински луѓе - да бидат искрени, доследни и човечки.

Не можеш повеќе целосно да го контролираш наративот. Луѓето го креираат заедно со тебе, во реално време. Затоа, транспарентноста не е избор, туку потреба.

И најважно - живееме во ера на постојани кризи. Единствено нешто што не можеме да го испланираме, е напад на вонземјани. Сите други сценарија мора да се во нашиот кризен план! Подготвеноста е новата стратегија за успех во оваа ера на константи промени.


❓Кој е најголемиот ризик што си го презел во кариерата?

✨Апсолутно сè. И преселбата во Дубаи, и враќањето, и отворањето на „The P World“, и влегувањето на секој нов пазар. Секој чекор бил ризик на свој начин.

Кога ќе размислам, не знам да функционирам поинаку. Ризикот за мене не е исклучок, туку начин на работа.


❓Ти си еден од авторите на текстот на песната „Proud“ која ѝ донесе историски успех на Македонија на Евровизија. Очекувавте ли дека истата ќе стане симбол на женска сила и достоинство?

✨Да, уште во студио знаевме дека креиравме нешто специјално. Постоеше таа емоција што не можеш да ја испланираш, но ја чувствуваш веднаш.

Можеби не можевме да предвидиме до каде ќе стигне, но „Proud“ со текот на времето стана многу повеќе од песна. Стана симбол. Особено ми беше интересно и огромен комплимент кога песната се поврзуваше со протестите во Иран, по трагичната смрт на Махса Амини, кога многу жени ја користеа како израз на сила, достоинство и отпор.


❓Што те исполнува најмногу – успех во бизнисот или моментите поминати со сопругата и ќеркичката?

✨Уживам во сè, барем се трудам. Мислам дека човек треба да научи да го најде позитивното и да ужива во сè што прави. Не зборувам за големи планови или големи успеси, туку за малите моменти што секојдневно ги живееме.

Да знаеш да уживаш во едноставни работи – разговор, тишина, кафе, време со блиските. Тоа се моментите што ја прават разликата.

На крајот, ако не научиш да уживаш во малите нешта, ни најголемите нема да ти значат многу.


❓Кога денес би можел да седнеш на кафе со младиот Коста, оној кој штотуку тргнува по патот на амбицијата, соништата и неизвесноста, што би му кажал?

✨Би му кажал дека амбицијата е важна, но поважно е да научи да ужива во процесот. Да не трча само по цели, туку да создава спомени по пат. Затоа што на крајот, не се сеќаваш на целите што си ги постигнал, туку на моментите што си ги живеел.

И уште нешто – добро да размисли пред да донесе животни одлуки. Затоа што тие одлуки го дефинираат правецот, многу повеќе од самата амбиција.


❓Која е твојата најголема цел во животот – онаа што оди подалеку од кариерата?

✨Да стигнам до момент кога навистина ќе уживам во тоа што сум го создал. Не само да создавам, туку да застанам и да го почувствувам тоа. Да бидам мирен со себе и свесен за сè што сум изградил.

✍️ Автор: М.Р.