Спец. д-р Пепи Атанасовска Нинеска - жената која една деценија креира насмевки во Скопје преку „Studio Dentistico“: „Да изградите доверба кај пациентите од нула е најголем предизвик“

Точка

20/03/2026

10:00

480

Големина на фонт

а а а

Во време кога насмевката станува сè поважен дел од личниот идентитет, а грижата за оралното здравје повеќе не е само навика туку и свесен избор, приказните на посветените професионалци добиваат особена тежина. Токму таква е и приказната на спец. д-р Пепи Атанасовска Нинеска - специјалист по ортодонција, која веќе една деценија успешно ја гради својата стоматолошка ординација, препознатлива по довербата на пациентите и современиот пристап во работата.

По повод 10-годишнината од постоењето на ординацијата, но и Светскиот ден на оралното здравје – 20 март, разговараме за почетоците, предизвиците, навиките што најчесто ги занемаруваме, но и за тоа колку една здрава насмевка може да го промени животот.

Од работата со најмалите пациенти, до современите ортодонтски решенија – интервјуто за „Точка“ на спец. д-р Атанасовска Нинеска, отвора важни теми што се однесуваат на сите нас.

❓Оваа година одбележувате 10 години од постоењето на вашата ординација. Како се сеќавате на самиот почеток и што беше најголемиот предизвик тогаш?

✨Почетокот го паметам како период исполнет со ентузијазам, неизвесност и со многу одговорност. Да изградите доверба кај пациентите од нула е најголемиот предизвик. Не станува збор само за опрема и простор, туку за создавање однос, сигурност и чувство дека пациентот е на вистинското место. Тоа беше процес кој бараше време, труд и искрен пристап. Моето искуство од Перт Австралија, Братислава и Виена, многу ми помогна во тој процес. Таму не само што стекнав знаење и вештини, туку и научив колку е важен индивидуалниот пристап и човечката страна на професијата. Тоа искуство ми даде сигурност и инспирација да ги поставам темелите на ординацијата.


❓Дали некогаш сте се посомневале во изборот на професијата или стоматологијата отсекогаш била ваша страст?

✨Стоматологијата отсекогаш била повеќе од професија за мене – таа е комбинација од медицина, прецизност и работа со луѓе. Секако, имало моменти на предизвици, но никогаш вистинско сомневање. Напротив, тие моменти ме мотивирале уште повеќе да се усовршувам.

❓Каква визија имавте кога ја отворивте ординацијата и дали денес сте таму каде што тогаш посакувавте да бидете?

✨Визијата беше јасна – ординација која нуди квалитетна, современа и безбедна стоматолошка грижа, со индивидуален пристап кон секој пациент. Сакав да изградам простор во кој пациентите не само што ќе добијат врвна услуга, туку ќе се чувствуваат пријатно, сигурно и разбрано. Денес можам да кажам дека сме многу блиску до таа визија, но секогаш има простор за раст и унапредување, што е суштината на оваа професија. Иако сме мала држава, фактот дека нѐ посетуваат многу пациенти од други држави особено ни дава мотив и голема потврда за нашата работа и довербата што ја градиме.


❓Кои се најчестите барања или желби што пациентите ги имаат кога доаѓаат во ординацијата?

✨Најчесто пациентите сакаат здрави, убави и функционални заби. Сè повеќе се бара естетиката – правилно наредени заби, посветла насмевка и други интервенции кои помагаат во подобрување на самодовербата кај пациентите. Но исто така, многу им е важно третманот да биде брз, безболен, разбирливо и детално објаснет.

❓Дали имате ситуации кога пациентите доаѓаат со страв и како успевате да го надминете тоа?

✨Да, тоа е многу често. Стравот најчесто доаѓа од претходни искуства или од непознатото. Најважно е да се воспостави комуникација, да се објасни секој чекор и да се создаде чувство на доверба. Кога пациентот знае што да очекува и чувствува дека е слушнат, стравот значително се намалува.


❓Како специјалист по ортодонција, со што најчесто се соочувате во вашата практика?

✨Најчесто се работи за неправилен загриз, тесни вилици, неправилно поставени заби и естетски проблеми. Но, често предизвик е и доцното јавување на пациентите, кога проблемот веќе е поизразен и бара посложен третман. Затоа превенцијата и раната дијагноза се клучни.

❓Денеска се одбележува Светскиот ден на оралното здравје. Колку сме како нација свесни за важноста на здравите заби?

✨Свесноста расте, што е позитивно, но сè уште има простор за подобрување. Често се реагира кога веќе постои проблем, наместо да се делува превентивно. Едукацијата и редовните контроли се клучни за промена на оваа навика.


❓Кои се најчестите грешки што луѓето ги прават кога станува збор за грижата за оралното здравје?

✨Најчесто тоа е нередовно и неправилно четкање, избегнување на контроли и потценување на раните симптоми. Исто така, многумина не обрнуваат внимание на правилна техника и дополнителна нега како конец или интердентални четки. Од друга страна пак за жал често се следат и погрешни трендови кои нудат брзи и нереални решенија. Затоа нашата цел е да ги едуцираме пациентите и да им помогнеме да направат избор, базиран на наука и докажани протоколи, а не само актуелни трендови.

❓Колку често навистина треба да се посетува стоматолог?

✨Препораката е најмалку двапати годишно, дури и кога нема болка. Редовните контроли овозможуваат спречување рано откривање на проблемите и многу полесен и поедноставен третман.


❓Што би им порачале на луѓето кои ја одложуваат посетата на стоматолог?

✨Одложувањето најчесто го прави проблемот поголем и третманот покомплексен. Денешната стоматологија нуди безболни и современи решенија, па најдобро е да се реагира навреме и да се зачува здравјето.

❓Што посакувате за следните 10 години од приказната на вашата ординација?

✨Посакувам континуиран развој, воведување нови технологии и уште повеќе задоволни пациенти. Најважно ми е да го задржиме квалитетот, довербата и индивидуалниот пристап – затоа што зад секоја насмевка стои приказна и доверба која треба да се оправда.


✍️ Автор: М.Р.