Сандра Матеска Блат - за животот како Инстаграм разгледница, од Дубаи и Сент Мориц до амбиција и мир : „Сакам еден ден да бидам онаа баба со многу приказни и авантури зад себе“

Точка

08/05/2026

12:37

568

Големина на фонт

а а а

Зад впечатливите фотографии, патувањата и стилот што привлекува внимание, Сандра Матеска Блат открива дека нејзиниот свет е многу повеќе од она што се гледа на Инстаграм. Во искрено интервју, таа зборува за балансот меѓу приватноста и јавноста, љубовта кон патувањата, семејните вредности и животот без непотребен притисок.

Признава дека луксузот никогаш не ѝ бил пресуден колку чувството што едно место го носи, а најголемото богатство за неа се моментите поминати со најблиските. Сандра во интервју за „Точка“ открива и дека зад секоја „совршена“ сцена стојат многу работа, дисциплина и избори, додека најмногу ја инспирираат малите искуства што тивко го менуваат човекот.

❓Сандра не си јавна личност, но имаш публика – како се чувствуваш со тоа што луѓето те следат, а всушност малку знаат за тебе?

✨Искрено, многу сум благодарна за тоа. Свесна сум дека луѓето не ме следат „целата мене“, туку само еден мал дел од мојот свет – и тоа ми е ОК. Не мислам дека сè мора да биде јавно за да биде вистинско. Некои работи си ги чувам за мене и за најблиските и тоа ми дава баланс. И немам ништо против еден ден да споделувам и повеќе, ама верувам дека тоа си доаѓа природно – со време, и кога ќе се почувствува искрено. За мене, публиката е доверба, не притисок.


❓Твојот Инстаграм изгледа како патопис од најубавите места на светот – што ти значи патувањето на лично ниво?

✨За мене патувањето е како мало „ресет“ копче. Сакам да запознавам нови култури и луѓе, затоа што секојпат кога ќе се вратам, дури и минимално, се чувствувам како поинаква Сандра од таа што тргнала. Многу сум среќна што јас и сопругот можеме да работиме од лаптопи – тоа ни дава слобода да истражуваме, особено сега, пред целосно да се прибереме и да започнеме семејство. Не го земам тоа здраво за готово. Искрено, сакам еден ден да бидам онаа баба со многу приказни и авантури зад себе. Патувањата ме прават поотворена и помалку осудувачка. Сум видела сè – од скромни и оддалечени места до ултралуксузни дестинации – и искрено, не би избрала само едно. И двете имаат своја приказна и те учат нешто.


❓Присуствуваше на Сент Мориц, на Snow Polo – како изгледа еден ваков ден од твоја перспектива?

✨Од моја перспектива, денот е многу понормален отколку што изгледа настрана. Најчесто почнува со појадок и брз преглед што треба да завршам – само да си го организирам денот и да ги вклопам работните обврски со тоа што сме планирале. Утринските часови најчесто ги користиме за прошетка или активност, а работа оставам за попладне. Snow Polo ми е интересно искуство и ми е особено убаво да набљудувам, да учам и да ја впијам атмосферата, без да правам „голема работа“ од тоа. А, најубавото чувство е – снег, планини, убавa енергија… И тоа што природата си го диктира ритамот.


❓Дали повеќе те привлекуваат дестинации поради луксузот или поради чувството што ти го даваат?

✨Секогаш повеќе поради чувството. Луѓето што ми се блиски знаат колку ми значи природата и дека без неа стварно тешко функционирам. Кај мене има две „Сандри“ – една што ужива во уредени, динамични средини, и друга што е најсреќна во тишина, во природа и далеку од сè.


❓Имаш многу изграден стил – дали модата за тебе е израз, игра или навика?

✨Како што знаете, јас сум сопственик на „Atelier Per Sempre“, и љубовта кон модата ми е отсекогаш. Доаѓам од кројачки корени – прадедо ми бил познат машки кројач во Скопје, а мајка ми уште како деца ни шиeше уникатни фустани. Така што тоа некако природно ми е во крв. За мене модата е најмногу израз – ама израз без притисок. Понекогаш е игра, а со годините станува и навика, како личен јазик што си го имаш. И не се врзувам за еден стил. Расположението се менува, периодите се менуваат, местата се менуваат – и стилот оди со тоа. Особено кога патувам, сакам да ја истражувам локалната мода и да внесам по некој мал детаљ од духот на местото во мојот стил. Тоа ме радува најмногу.


❓Луѓето често мислат дека ваквиот живот е „лесен“ – што е нештото што не се гледа на фотографиите?

✨На фотографии најчесто се гледа резултатот, ама не и тоа што стои позади. Не се гледаат часовите работа, организацијата, одлуките секој ден и моментите кога си изморен. И реално, зад секоја „убава сцена“ има рутина и одговорност. „Лесното“ најчесто е само визуелно – во позадина има многу фокус и дисциплина. Не го кажувам ова како поплака, напротив – благодарна сум. Само мислам дека е важно да се знае дека ништо не доаѓа без вложување, дури и кога изгледа „лесно“.


❓Дали повеќе сакаш градови полни со живот или мирни, ексклузивни места како Сент Мориц?

✨И двете, ама за различни моменти. Градовите ми даваат енергија, движење, идеи, луѓе… и ми е супер тоа. А, мирните места ми се за „ресет“. Таму најмногу се смирувам, си средувам мисли и се поврзувам со себе. Со време научив да си ги слушам потребите – не се врзувам за еден тип место. Зависи во каква фаза сум и што ми треба.


❓Како изгледа еден твој совршен ден, без обврски и без план?

✨Мој идеален ден е ден со фамилијата, искрено. Ништо не ме прави посреќна од тоа да сум со најблиските. Без аларм, без брзање – утрински чај (кафе не пијам хаха), тивка музика и опуштена атмосфера. Па спонтано – прошетка, долг ручек сите заедно, без телефони и без дистракции. Јас стварно знам цел ден да не го допрам телефонот само за да сум присутна. И чувството кога ги гледам моите среќни и здрави… Тоа ми ја полни душата најмногу. За мене, тоа е совршен ден.


❓Што најмногу те инспирира: нови места, нови луѓе или нови искуства?

✨Би рекла дека најмногу ме инспирираат искуствата. Местата и луѓето се дел од нив, но она што останува со мене е чувството и поуката што ја носат. Понекогаш тоа е разговор со личност што размислува поинаку од мене, понекогаш е ново место што ме тера да застанам и да гледам, а понекогаш е сосема едноставен момент што ме потсетува колку е важно да бидам присутна. Инспирацијата за мене не доаѓа од нешто големо или спектакуларно, туку од мали ситуации што тивко те менуваат и ти остануваат подолго од самиот момент.


❓Дали се чувствуваш како личност што повеќе живее во моментот или секогаш гледа чекор напред?

✨Порано бев многу повеќе „во иднината“ отколку во моментот. Особено после факултет, кога се преселив во Дубаи и почнав да работам како млад инженер – бев во фаза само работа и визија, често без баланс. Со време сфатив дека иднината не е баш толку предвидлива и „ветена“ како што мислиме. Тоа ме смири. Сега се трудам повеќе да го ценам тоа што го имам сега и да бидам присутна, без да го земам здраво за готово. Секако дека сакам да имам насока, ама не сакам ништо со сила и притисок. Сакам да оставам малку простор животот да ме изненади. И верувам дека понекогаш најдобрите работи се случуваат кога ќе пуштиш малку контрола.


❓Што мислиш дека најмногу те издвојува од другите девојки со сличен стил и интереси?

✨Не размислувам многу во категории на издвојување или споредување. Секој има свој пат и свои приоритети. Ако нешто навистина ме води низ животот, тоа се вредностите со кои сум пораснала. Многу ми е важно како се чувствувам јас, но исто толку и како се чувствува моето семејство. Тие се мојата основа и мојот баланс, и често токму нивната благосостојба ми е поважна од надворешниот впечаток или од тоа како нешто изгледа од страна. Се трудам да бидам искрена кон себе, да растам и да се движам напред, но без да го изгубам мирот и блискоста со луѓето што ми значат најмногу.


❓Ако некој те запознае без да ти го види Инстаграм профилот – што би сакала прво да дознае за Сандра?

✨Веројатно би сакала да дознае дека зад сите фотографии стои една многу опуштена личност што сака добар разговор, смеа и нормални, искрени луѓе. Можеби ја ценам искреноста малку повеќе од вообичаено, па затоа и кругот на луѓе околу мене е прилично мал – ама искрено, бесценет.


✍️ Автор: М.Р.