Вчеравечер со почеток од 20:30 часот се одржа првата полуфинална вечер на најстариот фестивал на забавни мелодии, „Макфест“, на отворената сцена поставена во спортско-рекреативниот центар „Аква бела ресорт“ во Штип.
Пишува: Цеце Николова
Фото: Тоши Трајчев
Миро Кацаров и Ведрана Ѓорѓевиќ оваа година се домаќини на „Макфест“, па со интересен вовед за фестивалот ја отворија првата полуфинална вечер.
Вчера се изведоа 12 нови композиции од музичари кои првпат настапуваат на овој долгогодишен музички фестивал.
Оваа година на „Макфест“ првпат се појави и уникатната Калина Велковска, со нумерата насловена како „4“, музичко дело позади кое се потпишува познатата Сара Мејс.
Момците од „2Be“ исто така одлучиле токму оваа година да се пријават на „Макфест“ и да дебитираат со композиција на Ѓорѓи Крстевски - „Сто милји до мене“.
Во дебитантската вечер се претставија и Андреа Симичиева, со песната „Јас и ти“, Ивана Василева со „Доволно е сè“, Александар Јосифовски со „Без неа“, 4U со „Ти си негова“, Александар Тодороски со „Под исто небо“, потоа Теодора - „Повторно сум силна“, Вејчеслав Поповски со „Запеј песна запеј“, Виолета Арсовска со „Нека ме снема“, како претпоследна настапи Марија Данева со „Твоја“, а натпреварувачкиот дел го заокружи Рахела Такашманова со песната „Ако не си ти до мене“.
Од вкупно 12 композиции кои имавме прилика премиерно да ги слушнеме вчеравечер, само 5 се пласираа во финалето, откако стручното жири и публиката го дадоа својот глас.
Калина Велковска, Александар Тодороски, Виолета Арсовска, Рахела Такашманова и Марија Данева се 5-те среќници кои вечерва повторно ќе ѝ се претстават на публиката со своите композиции, а воедно ќе бидат во трка за некоја од наградите.
Првата награда изнесува 5.000 евра, втората награда ќе биде 3.000 евра, додека третопласираниот ќе добие парична награда од 1.000 евра.
Оваа година целта на организаторите на „Макфест“ е да го вратат стариот гламур по кој е познат овој музички фестивал, а во тоа - дефинитивно успеале.
По завршувањето на првата полуфинална вечер, ви носиме три ексклузивни интервјуа кои ќе ги објавиме во текот на денешниот ден.
А вие, околку сè уште немате план како и со кого да ја поминете оваа саботна вечер, ве покануваме да бидете дел од „Макфест“ вечерва во 20:30, на МРТВ.