Пред 12 години, на 11-ти ноември 2008-ма, во Крагуевац во соседна Србија, после речиси три децении заврши производството на моделот Југо.
Југо е автомобилот кој ги одбележа последните децении од 20-тиот и првата деценија од 21-виот век на просторите на поранешна Југославија.
Автомобилот е дизајниран од страна на инжинерите на Фиат и Застава во 1978-ма година во дизајнерскиот центар на италијанскиот производител во Торино, а се базира на Фиат 127, модел кој беше прогласен за автомобил на годината во Европа во 1972-ра година.
Сепак, Југо имаше нешто пократко меѓуосовинско растојание, но и целосно нов дизајн на надворешноста.
Сериското производство започна на 28-ми ноември 1980-та година, а овој датум беше избран намерно за првиот примерок да биде готов веќе следниот ден, односно на 29-ти ноември, тогашниот голем празник - Денот на републиката.
Иако на сите ни е познат како Југо, автомобилот на самиот почеток имаше ознака Застава 102, а називот бил користен во раните текстови во домашните медиуми. Можеби звучи логично Југо да го има добиено името по Југославија, но Џејсон Вујиќ во својата книга "The Yugo - The Rise and Fall of the Worst Car in History" тврди дека автомобилот е наречен по истоимениот ветер.
Со бројните помали рестилизации, Југото со својот препознатлив дизајн се произведуваше до 11-ти ноември 2008-ма година, а во текот на 28-те години производство, произведени се вкупно 794,428 примероци.