"Toyota" ја открива неочекуваната вистина за електричните возила: Загадуваат трипати повеќе од хибридите

Точка

12/06/2025

18:36

926

Големина на фонт

а а а

Претседателот на "Toyota", Акио Тојода, изнесе контроверзна изјава која ја потресе автомобилската индустрија. Во најновото интервју за интерниот магазин "Toyota Times", Тојода категорично тврди дека едно електрично возило загадува колку три хибридни возила.

Според јапонскиот директор, "Toyota" досега има продадено приближно 27 милиони хибридни возила од лансирањето на првата генерација на култниот модел "Prius" во 1997 година. Тојода посочува дека овие хибридни возила имаат ист вкупен јаглероден отпечаток како девет милиони електрични возила, земајќи го предвид целиот процес на производство на батерии и автомобили.

Оваа изјава директно ја доведува во прашање доминантната нарација за супериорноста на електричните возила кога станува збор за заштитата на животната средина. Тојода објаснува дека производството на девет милиони електрични возила во Јапонија би го зголемило, а не намалило, јаглеродното загадување – главно поради тоа што земјата сè уште се потпира на термоелектрани за производство на електрична енергија.


Хибридната технологија како заштита на работните места

Освен еколошките аргументи, Тојода предупредува и на можните последици од наглиот премин кон целосно електрични возила врз вработеноста. Според неговите проценки, милиони работни места низ целиот синџир на снабдување на автомобилската индустрија може да бидат загрозени доколку целосно се укинат возилата со бензински и дизел мотори, како и хибридите.

Оваа изјава е директен одговор на се поголемиот притисок од владите ширум светот кои го форсираат преминот кон електрични возила. "Toyota", како најголем производител на хибридни возила во светот, инсистира на стратегија на постепен премин преку хибридната технологија, наместо нагло префрлање на целосно електрични решенија.


Спорната анализа на животниот циклус на возилата

Иако тврдењата на Тојода имаат основа кога се земаат предвид емисиите од производството на возила и батерии, независни истражувања покажуваат дека електричните возила, гледано низ целиот нивен животен циклус, произведуваат значително помалку емисии отколку возилата со класични мотори. Овие анализи ги опфаќаат не само емисиите при производството, туку и оние за време на користењето на возилата.

Сегашната состојба на енергетската инфраструктура во Јапонија, која и понатаму се потпира на термоелектрани, е клучен дел од аргументацијата на Тојода. Но, во земји со почисти извори на електрична енергија, електричните возила покажуваат далеку подобри еколошки перформанси од оние што ги наведува претседателот на "Toyota".