„Отиде во терапевтска заедница и си го смени животот од корен“ - искрено со Ивана Илиев за работата со сексуалните работници и корисниците на дрога

Точка

09/07/2020

22:18

10.723

Големина на фонт

а а а

Ивана Илиев е 27-годишна девојка, која уште во раните 20-ти години сериозно ѝ се 'предала' на социјалната работа. Веројатно многу често во животот среќавате социјални работници, но, ретко кој знае што тие всушност работат и колку нивната професија е специфична, тешка и бара огромна посветеност.

Имено, Ивана веќе неколку години работи во ХОПС-опции за здрав живот - Скопје, со маргинализирана група на граѓани, поточно, со сексуални работници и корисници на дрога. Доста специфичен избор на работа. Оттаму се поставува и прашањето, од каде мотивот за оваа храбра професија.

„Многу често ми го поставуваат ова прашање, не го знам точниот одговор. Знам само дека сакам луѓето да ги направам среќни. Едноставно сакам да имаат чувство дека има некој кој ги разбира. Храброста ми ја даваат тие, тие луѓе кои после секојдневно паѓање и борба стануваат“, нѝ раскажува Ивана.

Илиев својата работа постојано си ја носи со себе - дома, во маркет, во лифт, на улица...

„Ќе излажам ако кажам дека работата не ми влијае на секојдневието, влијае и тоа многу. Но, сепак, се обидувам да останам професионална.“


Дискриминацијата е тема на која постојано се зборува. Таа е особено присутна кога станува збор за сексуалните работници и корисниците на дрога. Свесна во какво општество живееме, Илиев од професионален аспект објаснува за соочувањето со овој проблем.

„Дискриминација ми е болна тема... Свесни сме во какво општество живееме, опкружени сме со луѓе кои многу зборуваат, а малку прават, сите имаат мислење за туѓиот живот и туѓите одлуки. Низ годините сум се соочила со низа нелогичности. Особено лицата со кои што работам секојдневно се соочуваат со нееднаков третман, дали било на пазар на труд, здравствени институции, центри за социјална работа, буквално секаде. Знаеш како, луѓето најчесто дискриминираат нешто што не можат и не сакаат да го разберат“, вели Ивана.

Како се вели - никој од убаво не трга по некој погрешен пат. Така и овие лица. Тие имаат исклучително тешко минато, со кое прво мора да се соочат, а потоа да се обидат да поработат за подобра сегашност и иднина. Ивана, како човек кој е секојдневно во контакт со овие лица, споделува со нас кои се причините поради кои се одлучуваат на таков чекор.

„Безброј причини се, не е една. Тоа е сплет на околности, емоции, животен пат. Сите ние го одиме сопствениот пат и носиме одлуки. Злоупотребата на дроги често доведува до влошување на социоекономската и здравствената состојба на луѓето, но има луѓе кои и покрај употребата на дроги функционираат нормално. На тие првите им треба повеќе поддршка, а давањето поддршка и помош е мојот пат.“


Илиев како социјален работник би променила многу работи во однос на својата работа, пристап, одлуки и средства со кои може да им се помогне на овие лица, но, вели дека сепак најголем дел од проблемите мора да ги решат оние кои ги носат одлуките и законите.

„Многу работи сакам да направам, но овие работи треба да бидат решени системски. Колку и идеалистички да звучи, сакам еднаков пристап, сакам да се минимизираат двојни па и тројни стандарди (бидејќи тоа во овие простори никогаш не може да се искорени). Треба заеднички да целиме кон тоа, не е поентата да се буниме за нешто само кога нас нè засега“, вели социјалната работничка.

Со маргинализираните групи не е сè темно, тажно и нерешливо. Ивана нѝ издвои една од многуте позитивни случки со кои се соочила во последниот период.

„Низ годините како негативни имало и низа позитивни случки. Во изминатиот период можам да ја издвојам битката која што ја доби лице кое долго време се бори со проблем на зависност од дроги, и реши да стави крај на тоа. Отиде во терапевтска заедница и си го смени животот од корен.“


Нејзината професија е многу сериозна и доста често стресна. Па затоа, се наметнува прашањето како успева сето тоа да го гледа само како работа, на што таа нѝ одговори:

„Навистина е стресна работата, тие луѓе ги гледаш и ги контактираш секојдневно, знаеш низ што поминуваат им ги знаеш животните приказни. Оваа работа станува дел од животот, тешко е сето тоа да го одделиш од приватноста.“

Ивана Илиев за крај споделува искрен совет за сите оние кои ги осудуваат овие маргинализирани групи и кои не наоѓаат разбирање за нивната ситуација.

„Прво би ги советувала да почнат да работат на себе, луѓе кои се толку огорчени и имаат толку осудувачки ставови за луѓе кои воопшто не ги ни познаваат, сигурно си носат некој трауми од минатото... Знаеш како викаат, додека не ги облечеш моите чевли и не го одиш мојот пат никогаш не можеш да разбереш колку е трнлив истиот“, заклучува Илиев.


Автор: Цеце Николова



Спонзорирани линкови

Маркетинг