Ѓорѓи Галетановски – Чомбе е име кое јавноста го поврзува со неколку различни улоги: младински менаџер, директор на Зоолошката градина во Скопје, граѓански активист, но пред сè – човек кој искрено и без маски зборува за своите падови, борби и успеси.
Роден во Скопје, град кој никогаш не сакал да го напушти, Чомбе е симбол на човек кој, и покрај сите животни турбуленции, успеал да остане свој и да изгради приказна што инспирира.
Детство и првите предизвици
„Имав убаво детство. Моите родители вложија сè што имаа за јас и брат ми да растеме нормално и безгрижно. Но, сето тоа се смени кога во прва година средно се соочивме со финансиска криза. Мајка ми работеше по две работи само за да ни обезбеди патики и фармерки. Тоа ме погоди најмногу – да гледаш како родител се жртвува за тебе“.
Токму тогаш, како тинејџер, Чомбе седнал на тротоар и донел одлука дека мора нешто да смени. Средното образование го завршувал вонредно, а паралелно работел – најпрво како менаџер на младински забави, за потоа влегол и во светот на ноќните клубови.
Животот во ноќниот град
„Работев во најактуелните клубови во Скопје – Б2, Тренд, Парадизо, Картел… За еден 20-годишник тоа беше огромна плата и чувство дека имаш сè. Но, вистината е дека живееш нереален живот: спиеш до 4 попладне, работиш до 5 сабајле, имаш нула трошоци, одиш сегаде без да плаќаш, сите те сакаат, но губиш контакт со реалноста“.
Во тие години не се срамел од работа – знаел да влезе и на шанк, да мие чаши, да лепи плакати. „Тоа ме изгради како самостоен млад човек“, вели тој.
Пресврт – од дискотека до Зоолошка градина
По речиси две децении во ноќниот живот, на 36 години решил да направи пресврт. Во 2018 година ја прифатил понудата да застане на чело на Зоолошката градина во Скопје – институција која тогаш била запоставена.
„Од живот во диско до 5 сабајле, одеднаш требаше да станувам во 7 наутро и да бидам одговорен за 100 вработени и над 1000 животни. Почетокот беше тежок, многумина не веруваа во мене, но со работа и посветеност успеавме за кратко време да ја направиме Зоолошката најпосетена институција во Македонија. Забранив политика, работев рамо до рамо со вработените, и таа енергија ја почувствува и јавноста“.
Зоолошката, благодарение на новиот пристап, стана место кое го посетуваат деца, семејства, гости од странство, а поддршка му дадоа и многу јавни личности, инфлуенсери, спортисти и уметници.
Лична битка со анксиозноста
Најтешкиот личен удар за него била загубата на татко му. „Болката не поминува. Прво мислев дека сум силен и дека обврските ме носат напред, но неколку месеци подоцна почнав да се соочувам со анксиозност и панични напади. Траеја повеќе од една година. Научив дека во тие моменти најважно е да не се затвориш дома, туку да зборуваш – со блиските, со лекар, со пријатели. Јас не криев ништо и тоа ми помогна да излезам од тој мрак“.
За него, анксиозноста е „болест на новото време“ и верува дека најголемата грешка е молчењето. „Разговорот и дружењето се најголема терапија“.
Човек кој верува во младите и во Скопје
Денес, Чомбе се гледа себеси пред сè како граѓански активист, човек кој сака да се бори за правата на младите и за поубаво Скопје. „Мојата најголема желба е да го видам градот полн со млади луѓе што живеат, работат и создаваат тука. Иселувањето мора да запре. Скопје е мојот дом и никогаш нема да се преселам“.
Животна лекција
Приказната на Ѓорѓи Галетановски – Чомбе е доказ дека животот може да биде полн со пресврти – од блескавите светла на ноќните клубови до одговорноста за една институција која ја посетуваат илјадници деца. Неговото искуство носи едноставна, но силна порака: „Никогаш не се откажувај, од работата нема срам, и секогаш бори се – и за себе, и за градот во кој живееш“.
Автор: Ц.Н.