[Точка интервју] Најискрените аплаузи, во моменти кога ти е најтешко - вистинската приказна на Теа Трајковска

Точка

22/09/2025

21:35

2.034

Големина на фонт

а а а

Кога ќе ја слушнете Теа Трајковска на сцена, веднаш ќе ја почувствувате нејзината посветеност, емоција и искреност. Но зад секоја нота и секоја мелодија стои борба – борба да се остане доследен на себе, без компромиси со сопствената вистина. Во разговорот со Теа зборуваме за уметноста, очекувањата, сценската ранливост и за патот по кој секој чекор, па дури и падот, добива смисла кога е вистински.

„Не сум производ – јас сум уметник“

„Кога луѓето зборуваат за мене, сакам да ме доживуваат како уметник кој стои зад својата музика и зад сè што го работи со цело срце,“ вели Теа. Нејзината уметничка интуиција и длабочината со која пристапува кон музиката се водилка низ еден свет кој често е гласен, брз и полн со притисоци.


„Не сакам да бидам перцепирана како 'производ', бидејќи во оваа професија, токму автентичноста и искреноста се тие што го прават разликата“. За Теа, ова не е само став, туку нејзина лична мисија – да остане верна на себе, и како човек и како уметник.

Тежината на очекувањата

Низ целиот нејзин развој како артист, Теа постојано се соочува со притисокот на очекувањата – и сопствените, и туѓите.

„Еден од најголемите предизвици ми беше справувањето со очекувањата. Моментите кога слушаш: 'Ова ќе биде хит', 'Ова ти личи', 'Ова ќе продава'... На почетокот, тоа знаеше да ми тежи, бидејќи сакаш да успееш, сакаш да чуеш поддршка, и несвесно почнуваш да се преиспитуваш – дали треба да се менувам за да се вклопам?“.

Признава дека имало моменти кога се чувствувала изгубено. „Ако ги послушам нив – дали сè уште ќе бидам јас? Ако не ги послушам – ќе има ли простор за мене? Ќе бидам ли разбрана?“. Прашања кои секој уметник си ги поставува кога се обидува да го најде сопствениот глас.


Но во тие најранливи мигови, она што ја држи цврсто е љубовта кон музиката. Љубов која ја следи од детството.

„Секогаш кога ќе се навратев на моите почетоци, на првите песни и чувствата што ме воделе, таму го наоѓав одговорот. Научив дека највредното нешто што можам да му го дадам на светот и на мојата публика е мојата вистина. Кога пеам нешто што е мое, што потекнува од моето искуство – тогаш тоа допира до луѓето“.


Кога треба да светиш, а во себе е темно

Сцената знае да биде најсветлото место – дури и тогаш кога артистот во себе носи темнина.

„Понекогаш треба да излезеш пред публика, да ја разубавиш вечерта, да подигнеш енергија – а во себе носиш сопствени борби, денови кога едвај држиш сила“, вели Теа. „Никој не знае низ што си поминал тој ден, а и не треба да знае. Ако некој дошол поради тебе – твојата задача е да дадеш, да подигнеш, да го допреш“.


И токму во тие моменти на внатрешна борба, таа бележи најсилни реакции од публиката. „На такви настапи добивам најискрени реакции – фала што ми ја разубави вечерта, фала за енергијата. А само јас знам колку ми било тешко.“

Да бидеш свој е доволно

Денес, Теа е појасна од кога било. Знае што сака, и уште поважно – што не сака. „Не морам да бидам сè за сите – доволно е да бидам искрена со себе“. Во тоа го наоѓа својот мир, но и професионална зрелост.

„Знам дека секоја нова песна што ја пуштам во светот е со чисто срце, без компромиси со мојата вистина“.

Смета дека е клучно секој артист да има сопствен заштитен круг на луѓе – луѓе кои разбираат, кои поддржуваат и кои не дозволуваат уметникот да се изгуби во шумата на туѓи очекувања.


Верноста кон себе – најдобриот пат

На крајот, Теа верува дека најголемата победа за еден уметник е да не дозволи друг да му го испише патот.

„Зашто кога патот е твој – секој чекор, па и падот, вреди“.

Теа Трајковска не е само глас на новата музичка сцена – таа е приказна која се гради со искреност, чувствителност и храброст. Артистка која не се плаши да покаже ранливост. Женски глас кој тивко, но сигурно, останува да одекнува. 


Автор: Ц.Н.