Во свет каде што сè повеќе луѓе заминуваат од родната земја во потрага по подобра иднина, приказната на Габриела и Кирил Цекови е вистински доказ дека љубовта, истрајноста и заедничките цели можат да изградат топол дом – без разлика каде се наоѓаш.
Габриела, родена во Радовиш, со корени од селото Злеово, и Кирил, роден во Штип, веќе дванаесет години живеат и работат во Англија, Бистер (мал град близу Оксфорд), каде што го имаат изградено својот живот и семејство со двете прекрасни синчиња – Милан и Матео.
„Тие се нашиот најголем извор на радост и инспирација,“ споделуваат со нас.
Сè започна во Штип...
Нивната љубовна приказна започнува во 2012 година, во Штип – градот каде што Габриела студирала, а Кирил веќе работел. По само неколку месеци од нивното запознавање, Кирил добил понуда за работа во Англија.
„Во 2015 добив виза и прилика да ја посетам Англија. Уште при првата посета знаев дека тоа е местото каде што би можела да живеам,“ се сеќава Габриела.
Истата година, Кирил ја запросил, и двајцата одлучиле: Англија ќе биде местото каде што ќе го изградат својот заеднички живот.
Топол пречек во студена земја
Иако на почетокот целата идеја за живот во друга држава им изгледала како голем предизвик, веднаш почувствувале дека направиле вистински чекор.
„Не очекувавме да бидеме толку лесно пречекани и прифатени од општеството. Луѓето овде се неверојатно културни, љубезни и секогаш подготвени да помогнат на секој можен начин“.
Првата година ја поминале во Лондон – град што оставил длабок впечаток кај нив.
„Лондон е навистина посебен. Секој дел од него има посебен дух. Од историски знаменитости како Биг Бен и Вестминстерската палата, до модерни облакодери – сè е мешавина на старо и ново, традиција и современост“.
Викендите ги поминувале во прошетки покрај Темза, во Хајд Парк или Камден Маркет. Таму запознале и многу Македонци, со кои заедно славеле празници и си помагале како едно големо семејство. Тоа чувство на припадност, како што велат, направило Лондон уште повеќе да им влезе во срце.
Работа, прилагодување и реалноста зад „англискиот сон“
Габриела денес работи како менаџер во Michael Kors, каде што, покрај работата, ја негува и својата пасија.
„Работата во модната индустрија е моја голема страст – уживам во модата, во градењето односи со клиенти и во водење успешен тим“.
Кирил, пак, е дел од тимот на RH Gallery – прекрасно историско место, кое го посетуваат и во слободно време.
Но, зад професионалниот успех стои период на предизвици и учење. Прилагодувањето на новата работна средина не било лесно.
„Јазикот и културата ги совладавме лесно, но најголемиот предизвик беше работата. Почнување од почеток, учење нови процеси, градење доверба со тимот.“
Тој период им донел важни животни лекции:
„Тоа време нè научи на трпение, упорност и важноста на постепено градење на резултати. Денес гледаме на тој период како можност за раст, кој нè направи посилни и подготвени за нови предизвици.“
Англија одблиску – реалноста зад стереотипите
Кога ќе се спомене Англија, многумина најпрво помислуваат на дожд. Но Цекови имаат поинакво искуство.
„Иако дожд навистина има, временските услови во голема мера зависат од регионот. Во последниве неколку години, Англија има навистина убави и сончеви лета.“
Митот за лесен живот во странство го адресираат отворено:
„Многумина веруваат дека животот и работата во Англија се едноставни и лесни. Вистината е дека можностите се големи, но и предизвиците се посериозни. Работната култура е динамична, брза и со големи очекувања. Иако платите се повисоки – и трошоците за живот се значително поголеми.“
За стабилен живот, велат, потребни се: труд, упорност и време за прилагодување.
Семејство, пријатели и мали моменти на среќа
Покрај обврските, наоѓаат време и за дружење, излегувања и патувања. Особено уживаат во кратки city breaks, преку кои откриваат нови култури и создаваат заеднички спомени.
„Секој слободен момент се обидуваме да го посветиме на нашето семејство, за да создадеме спомени кои ќе траат цел живот. Во тие моменти забораваме на заморот и само уживаме во среќата што ја носи семејството и вистинските пријатели.“
Создале голем круг на пријатели со кои редовно се дружат и, како што велат, токму тие луѓе го прават животот полесен и посреќен.
Македонија – љубов што не бледее
И покрај тоа што повеќе од една деценија живеат во Англија, Македонија и понатаму е нивна татковина – со сета топлина, носталгија и љубов што ја носи.
„Често одиме во Македонија да ги посетиме нашите најблиски и пријателите. Секое враќање носи мешавина на радост и тага – радост што сме со оние што ги сакаме, тага што животот и времето носат промени кои понекогаш не можеме да ги избегнеме.“
На прашањето дали размислуваат за враќање, не ја исклучуваат таа можност:
„Не велиме дека нема да се вратиме повторно. Иднината е непозната, а можеби таа ќе нè однесе на нови патишта.“
Сепак, едно нешто е јасно: врските што ги градиме и љубовта што ја чуваме се најважни – без разлика каде живееме.
„Секое патување до Македонија нè учи дека корените и сеќавањата никогаш не се губат, тие се дел од нас и од децата.“
Љубовта како водилка, домот како чувство
Приказната на Кирил и Габриела не е само за емиграција. Таа е приказна за љубов која гради, работа која мотивира, пријателства кои зближуваат и семејство кое е сржта на сè.
Во свет што постојано се менува, нивната приказна нè потсетува дека: Домот не е само адреса – домот е таму каде што се луѓето што ги сакаш. А животот не секогаш е лесен – но е вреден, кога го живееш со срце.
Автор: Ц.Н.