[Точка интервју] Од детски џагор во скопски Аеродром - до големите европски сцени: Вистинската приказна на Иван Наумовски

Точка

02/10/2025

23:23

1.064

Големина на фонт

а а а

Иван Наумовски е оперски пејач, професор и амбасадор на македонската музика - име кое одекнува низ концертните дворови на Виена, Грац и други европски метрополи.

Тој денеска ни ја раскажува својата вистинска приказна - патот од безгрижното детство со топка, преку првата љубов кон музиката, до големите европски сцени. 

Детството – играта како прва сцена


Секој уметник има корени што се вплетени со едноставноста на животот. За Иван Наумовски тоа биле парковите во скопски Аеродром. Со топка во рака, без разлика дали била фудбалска, кошаркарска или тениско топче, секој ден бил исполнет со дружба, натпревар и смеа. Со другарите дури изградиле импровизиран скејт парк зад зградата, каде што на ролери и скејтборди ги учеле првите „правила“ на храброста. Тогаш никој не можел да претпостави дека судбината ќе му подготви сосема поинаква арена – сцената.


Првите чекори кон музиката

„Првите две години кога запишав средно школо се роди една желба во мене да свирам пијано, гитара, да пеам… тогаш за првпат посакав СЦЕНА,“ раскажува Иван.

„Нема да го заборавам моментот кога го замолив татко ми да ми покаже нешто на пијано. Иако аматер, но музикален човек, знаеше неколку акорди. 15 минути после неговиот ‘час’ со мене, наеднаш имав чувство дека подобро свирам од него. Се поврзав со инструментот како да е дел од мене. Некако… сѐ имаше смисла“.


Секој тон бил откритие. „Секоја дирка продуцираше тон, а повеќе дирки заедно правеа звуци на музика. Музика што ја слушав од Тоше, Оливер, сите оние рок балади од крајот на изминатиот милениум“.

Во тие први години од средното училиште, музиката му го променила животот. „Наеднаш посакав сцена, посакав да биде спот светлото свртено накај мене. Но не поради другите, туку поради мене, поради тоа што јас претставував, и некако добив чувство дека тоа е целта поради која сум на овој свет“.


Образование и професионален раст

Потоа следувало дипломирањето на Факултетот за музичка уметност, каде што сега предава како професор. А потоа - настапи во операта во Грац, Австрија, и завршување на магистерски студии таму. Неколку години подоцна, додека пеел по сто концерти годишно низ палатите во Виена, Германија и Чешка, повторно изнаоѓа храброст и желба за уште една магистратура, овој пат на Универзитетот во Виена.


„И така сиве овие години живеејќи во странски држави и настапувајќи со различен репертоар низ светот беа еден голем предизвик кој ме направи само појак на секое поле. Секако секогаш учам од минатото, но гледам кон иднината како да бидам уште поуспешен во кариерата. Уживав во секој момент во таа Одисеја додека изучував музика, додека настапував и додека шетав низ светот“.

Иван открива дека не знаел колку ќе биде тешко: „Не знаев дека е тешко, зошто и не беше во тој момент, беше уживање. Од денешна перспектива сите оние притисоци, предизвици и препреки личат многу потешки отколку што беа. Некогаш и сам заборавам низ што поминав, колку убави места видов, колку луѓе запознав и се дружев со нив, колку аплауз сум добил во животот, колку лица сум насмеал, сум растажил, сум ги вратил низ времето. Тоа е впрочем задачата на еден уметник“.


Страст и посветеност

Наумовски нагласува: „Но, најважно од сѐ е дека тоа го правев со страст и со голема љубов, зошто само така може да е еден уметник искрен на сцената“.

И токму тоа ја прави неговата приказна инспиративна – посветеноста и љубовта кон уметноста се она што го води секој ден, на секоја сцена и во секој час пред учениците.


Поглед кон иднината

Иван Наумовски е пример за тоа како со страст и упорност може да се изгради светска кариера, без да се изгуби личната искреност. Од парковите во Аеродром до големите концертни дворови на Европа, секој чекор во неговиот живот ја носи истата порака - вистинската среќа е кога го правиш она што го сакаш, со љубов и целосна посветеност.


Автор: Ц.Н.