Ексклузивно интервју со креаторите на првиот македонски детски долгометражен филм „Стела“

Точка

15/02/2020

15:01

5.547

Големина на фонт

а а а

Најавено е ново филмско остварување со наслов СТЕЛА - прв детски долгометражен македонски филм, а воедно и прва ЕКО или ЗЕЛЕНА продукција.

Накратко, се работи за приказна за едно куче Шарпланинка со име Стела, едно дете – Никола и еден дедо. Откако детето Николa ќе проба да се самоубие заради “булинг” во училиштето, престанува со секаква вербална комуникација. Шарпланинката Стела е единствена која не бара ништо од него, не поставува прашања, не бара одговори. Дедото пак, кој избегал од луѓето да живее сам на бачилото, неволно ќе го прифати Никола за во текот на оваа авантура тие тројца да станат семејство бегајќи од своето вистинско семејство. Не знаејќи, со тоа ќе се доближат до она од што бегаат, но сега променети ќе можат да продолжат со животот или мирно да заминат од другата страна на вечноста.

Во реализацијата на овој прв македонски долгометражен филм за деца е вклучена меѓународна екипа која брои голем број на автори и филмски професионалци. Во филмот главен лик е младата Шарпланинка СТЕЛА, за прв пат на филм е 12 годишниот Петар Маниќ, како и Дејан Лилиќ, Тони Михајловски, Симеон Дамески и Христина Поповиќ, позната од филмскиот хит Парада. Сценариото е на Ева Камчевска, кинематографер е Ѓорѓи Клинчаров, Костимограф на филмот Милена Миленковиќ, а снимател на звук е Срѓан Бајски. Долгометражниот игран филм „СТЕЛА“ е копродукција помеѓу „Дрим Фектори“ (Продуцент: Огнен Антов), Србија: „Акција Продукција“ (Продуцент: Јована Караулиќ) и Германија: „Моуна“ (Продуцент: Никол Акерман).

За прв пат во Македонија филмот СТЕЛА се реализира како прва ЕКО или ЗЕЛЕНА продукција. Водени од најновите светски еколошки стандарди, продукцијата се труди да ја намали емисијата на штетни гасови, да го рециклира отпадот според стандарди од Американската асоцијација на филмски продуценти.

Во пресрет на премиерата на првиот македонски долометражен детски филм СТЕЛА, разговараме со режисерот Стојан Вујичиќ и продуцентот Огнен Антов.

СТЕЛА е првиот македонски семеен - детски филм. Можеби во вистинско време, преку овој филм и преку приказната за “булираното” дете Никола и праќате силна порака на публиката. Која е таа порака?

Стојан Вујичиќ: Семејството пред се. Понекогаш семејството ќе се загуби во секојдневните обврски и проблеми, секој ќе се огради во својот свет и тогаш ќе настане оттуѓување и неразбирање. Стела е прирачникот како таа состојба се надминува.

Која беше вашата инспирација за работењето на овој филм?

Огнен Антов: Македонија никогаш не направила филм за целото семејство и детето како централна единка во едно хармонично и љубовно семејство. Правејки ја Стела за прв пат проникнуваме во жанрот семеен филм , а преку тоа и во реалниот живот, кој иако во филмовите го нарекуваме фикција, Стела е сурова реалност на нашето секојдневие.

Колку приказни раскажува СТЕЛА и на кому најгласно му се обраќа?

Стојан Вујичиќ: Стела раскажува неколку приказни прикажани преку ликовите во неа и тоа: преку ликот на детето Никола ја раскажува приказната за Љубовта, преку ликот на дедото ја раскажува приказната за мирот, низ приказнта на таткото ја раскажува приказната на правилното дејствување, додека низ мајката ја прикажува приказната за ненасилството. Стела најгласно се обраќа во детето во секој од нас.

Со оглед на вашето богато филмско искуство. дали овој филм го сметате за највисоко достигнување до сега? 

Огнен Антов: Иако зад себе имам плејада на награди и фестивали меѓу кои се А фестивали као Санденс, Карлови вари, Бусан, Мумбаи, Софиа и сл, и гран при награди како Срцето на Сараево, сепак за мене апсолутно Стела е врвот. Стела е првиот семеен детски филм, нешто што гледајѓи го детето во себе отсекогаш го сакав, низ себе да раскажам приказна за себе. Убавините на Маврово и Галичник во кој растев успеав да ги преточам во убавината на филмското платно.

Деца, куче, и диверзифицирана екипа. Тешко ли беше да се работи филмот и кои предизвици од снимањето ќе ви останат запомнети?

Огнен Антов: Убедливо најкомплицирана варијанта е да работите со деца и животни. Ако одозгора имате и ситуација во која што главниот лик , малиот Никола ќе скрши нога и ќе морате да го прекинете снимањето на неодредено време е ултимативно најкомплицираното нешто за било кој продуцент. На моменти сакав некои нешта да бидат полесни, но Стела сама по себе не е нималку лесна приказна па можеби и затоа некои работи едноставно мораа да одат на потешкиот начин.

Стојан Вујичиќ: Во нашата професија велат дека е најтешко да се работи со животни и филмови за деца. Но јас со овој филм имам сосема поинакво искуство. Беше огромоно задоволство да се работи со Стела и целата филмска екипа ( благодарност до секој член од екипата), но кога имате замислено едни сцени и планови и ќе ви се случи проблем со главниот актер и тој проблем не е лесно решлив, а тоа бара сосема други креативни режисерски решенија, тогаш можете да замислите низ што се морав да пројдам за да ја реализираме Стела онака како што ја замисливме.


Во филмот се испреплетуваат неколку приказни и теми: семејство, бегство, природа, учење…. Како го најдовте тематскиот баланс?

Стојан Вујичиќ: Да речеме, во една реченица - СТЕЛА Е ФИЛМ ЗА НАДЕЖ, која што секогаш вреди да се има. Имав потреба да раскажам приказна за надеж која веќе ја имав доживеано на одреден начин во мојот живот. Приказната напишана од сценаристот Ева Камчевска, низ која го создадов овој филм заедно со продуцентот Огнен, е кажана многу пати порано, но не секогаш кристално јасно и едноставно. Низ креативното создавање на СТЕЛА, успеав да го покажам можеби најголемиот конфликт во нашиот нов модерен свет, приказната за неприфаќањето и недоразбирањето меѓу себе, особено во односите во семејството.

Во време кога се соочуваме со многу предизвици, во мисија сте да го свртите вниманието на публиката кон уметноста. Возможно ли е тоа?

Огнен Антов: Многу пати до сега филмот се покажа дека е добар промотор на нашата држава и инструмент со кој успева да се сврти вниманието на народот кон она што сакаме да го постигнеме како цел. Во Стела сакаме да ги повратиме семејните вредности , и низ една уметничка форма сакаме да и покажеме на публиката дека модерниот начин на живот ни ги прегазува основните постулати на кои сме создадени и на врз кој постоиме. Стела сама по себе како седма уметност е порака за секој од нас. Инертноста на околината и нашето опкружување во кое се навикнавме на меланхолиијата и пасивното создавање на несоздавање е мотивацијата која што сакаме да ја смениме и да му дадеме идеја на гледачот, дека има надеж и дека однекаде може да почне, а неговата ѕвезда е тука и ќе го следи, помагајки му да излезе од пасивноста и безидејноста.

Како ви помогнаа претходните филмски искуства во работата на СТЕЛА?

Стојан Вујичиќ: Заедно со Огнен Антов, соработувавме на повеќе заеднички проекти неколку тв и филмски проекти, се одлучивме повторно центарот на нашата приказна да биде семејството. Искуството од последните два филма, “Брат за еден ден” и “Допир”, ни го потврдија тоа дека е тоа вистинскиот пат и вистинското време за создавање на првиот македонски семеен/детски филм.

Огнен Антов: Во своето портфолио ги имав продуцирано скоро сите жанрови, но семејната тематика особено ако се обраќате и кон детето е непресушниот извор на инспирација , а воедно и должност на секој од нас.

Што научивте вие, како продуцент и режисер од ова искуство?

Стојан Вујичиќ: Вака ќе кажам, се гледаме на Стела 2, но со истата филмска екипа.

Огнен Антов: Создавањето на филмот е колективна работа, иако продуцентот и режисерот се мајка и татко на екипата, без остатокот од филмската екипа, креативна и техничка, не се може. Стела ја создаде екипа од професионалци кои веруваа во проектот и дадоа и повеќе од својот максимум за да се создаде филмот. Со Стојан функциониравме како совршен тим и можеби тој детал придонесе да имаме продукт за гордеење.

Премиерата за закажана на месец март 2020. Какви очекувања имате на интернационалната и домашна сцена?

Огнен Антов: Интернационална премиера на фестивал од А категорија е целта на секој од нас, а оскарот е врв на секоја кариера. Но, мојата лична желба е Стела да биде најгледаниот филм во Македонија, поради пораките кои ги носи во себе и должноста која ја имаме ние да истите ги преточиме во филмот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг