Мартинијан за Точка: „Одамна не сум бил во таква ситуација, ова само на Макфест ми се случува“

Точка

13/10/2019

15:03

8.095

Големина на фонт

а а а

Мартинијан Кириловски, од Куманово е победникот на овогодишниот „Макфест“. Неговата песна „100 пати на ден“, дел од публиката веќе ја научи, ако ништо друго барем рефренот, бидејќи веднаш влегува во уво.

Инаку, Мартинијан на јавноста ѝ е познат како учесник на српското музичко шоу „Ѕвездите на Гранд“, каде оствари висок пласман.

Водителката Марјана Станојковска кога го прогласи Мартинијан за победник, целата публика се крена на нозе и го поздрави со громогласен аплауз, каков што навистина заслужи.

Мартинијан е скромно момче со неверојатен глас и талент. На сцената се однесуваше како вистински ветеран. Беше сосема опуштен, спонтан, природен, емотивен. Сето тоа допринесе за да ги освои симпатиите на публиката и жирито.


Тој за овогодишниот Макфест имал навистина големи очекувања, кои подоцна се докажаа како реални, бидејќи бил многу сигурен дека има квалитетна и хит-песна.

„Пред сè во полуфиналето очекував да влезам во финале. Имав навистина квалитетна песна која ја направи Ристо Самарџиев. А, кога веќе се пласирав во финале, очекував да освојам едно од првите три места. Сепак, како што можевте и вие медиумите да забележите, јас бев вториот со најмногу бодови во првата полуфинална вечер“, рече Мартијан за Точка веднаш по завршувањето на фестивалот.


Во фоајето каде што имаше коктел после завршувањето за фестивалот, некако едвај дојдовме до Мартинијан. Сите сакаа да бидат во негово друштво, да му кажат некој убав збор, да му ја честитаат победата и да се фотографираат со него.

„Откако ме прогласија за победник сите ми честитаат, како што е редот нели. Но, она што најмногу ме радува е што публиката вели дека има певлив рефрен – 100 пати на ден, 100 пати на ден, 100 пати на ден...“, вели Мартинијан.


„Кога ја пеев првиот пат во финалето имав многу трема, ми се тресеа рацете. Тоа ми се нема случено на „Ѕвездите на Гранд“. Овде на Макфест секогаш ми се случува. Но, еве кога ја пеев вторпат во финалето како победник, некако полесно ми беше, не чувствував тежина, знаев дека она ‘најтешкото’ заврши. Ми се наполни срцето кога публиката реагираше додека пеев. Сите ракоплескаа.. неописливо чувство“, додава победникот на Макфест.

Мартинијан исто така нѝ откри како „100 пати на ден“ стигнала до него.

Ситуацијата како ја добив песната е многу интересна. Јас бев на финале во ‘Ѕвездите на Гранд’ и откако се смири целата таа еуфорија, ми се јави Ристо да ме праша дали сакам да пејам на Макфест. Јас секако прифатив, зошто да не. Ми рече дека има многу убава песна за мене и почна да ми ја пее на телефон, со гитара. Во тој момент си реков ‘човече колку певлив рефрен’. Само му реков: ‘Пеам’“, заклучува Мартинијан за Точка.

Поразговаравме и со композитирот на оваа песна, познатиот и најтрофеен автор на Макфест, Ристо Самарџиев, кој некогаш и самиот тој настапуваше на оваа сцена.

Откако Мартинијан се претстави во финалето на Макфест, Ристо поради многу обврски веќе тргна на пат за Скопје. Не успеа да го дочека прогласувањето, не надевајќи се дека токму песната која тој компонирал ќе биде победничка на 34-то издание на Макфест. Откако ја дозна веста дека за кратко Мартинијан ќе го прогласат како победник, тој веднаш се врати во Штип.

„Дојдов од пат, но сакав да му дадам поддршка на Мартинијан. Одлично се претстави. Кога заврши, морав да се вратам за Скопје, навистина бев многу изморен. Не очекував дека Мартинијан ќе земе некаква награда, бидејќи целиот настан го замислував многу поинаку. Но сепак, на крајот тој мене ме победи со аргументот ‘прво место’“, вели Ристо, кој беше навистина изненаден од развојот на целата ситуација.

„Мартинијан е одличен. Има специфична боја на глас, која мене лично многу ми се допаѓа. Верувам дека има уште многу работи кои ќе ги научи од мене, но дефинитивно вечерва јас од него научив нешто – а тоа е дека и младите некогаш се во право“, додава Самарџиев.

„Оваа песна е направена наменски за Макфест. Кариерата на Мартинијан ја следам веќе подолго време и некако чекав прав момент кога јас ќе успеам да направам нешто што него ќе му одговара. Откако официјално се знаеше дека оваа песна ќе оди на Макфест, самиот фестивал и самата песна си го одбраа Мартинијан“, заклучува композиторот на „100 пати на ден“.

Уште еднаш искрено му честитаме на Мартинијан за победата и се надеваме дека ова е само почеток на една долгогодишна кариера исполнета со хитови.

Автор: Цеце Николова



Спонзорирани линкови

Маркетинг