Фиона Харви, која тврди дека во хит-серијата на „Netflix“, „Baby Reindeer“, е прикажана како личност што го демне главниот лик, е „пресреќна“ откако извојува важна правна победа против „Netflix“ во постапката за клевета.
Судењето меѓу Харви и стриминг-платформата е сè поблиску, откако беше отфрлена жалбата на „Netflix“ против одлуката нејзиниот случај да не биде отфрлен.
Нејзиниот адвокат од Њујорк, Ричард Рот, изјави: „‘Netflix’ прави сè што може за да го избегне судењето во оваа постапка“.
Најпрво поднел барање до федералниот окружен суд, но го изгубил спорот. Потоа се жалел на таа одлука, но жалбата била отфрлена.

Рот додаде: „Во овој случај ќе има судење, на кое пред поротата во преден план ќе биде изнесено незаконското постапување на ‘Netflix’“.
На прашањето како се чувствува неговата клиентка, тој одговорил: „Пресреќна е“.
Харви бара отштета од 170 милиони долари, тврдејќи дека телевизиската серија, чиј автор и главен актер е Ричард Гад, ја оклеветила и ѝ го претворила животот во вистински кошмар.
Серијата „Baby Reindeer“, чија премиера беше во април 2024 година, стана глобален хит. На почетокот на првата епизода на екранот се појавува натписот: „Ова е вистинска приказна“.
На крајот од серијата, ликот на Марта, кој го толкува актерката Џесика Ганинг, признава вина за демнење на комичарот Дони (Гад) и е осудена на четири и пол години затвор.
Адвокатите на Харви тврдат дека таа никогаш не била осудена за какво било кривично дело, а уште помалку дека била во затвор. Таа наведува дека била оклеветена „во размери и обем без преседан“ и дека поради тоа животот ѝ бил уништен.

Нејзиниот правен тим изјави дека по емитувањето на серијата била толку трауматизирана што не можела да излезе од својот стан во Лондон.
Во септември 2024 година, судијата Гери Клаус пресуди дека „Baby Reindeer“ не е вистинска приказна и наведе дека „Netflix“ „не вложил никаков напор да ја провери“ точноста на изнесените факти. Исто така, платформата не презела мерки за да го прикрие идентитетот на Харви.










