Меѓу мноштвото незаборавни филмски бакнежи што одбележаа различни децении, постои еден филмски бакнеж што никогаш не се случил, а требало да ги спои Дензел Вашингтон и Џулија Робертс.
Двете актерски икони играа во филмот „Досието Пеликан“ од 1993 година, трилер снимен според истоимениот роман на Џон Гришам. Џулија Робертс ја толкува Дарби Шо, исклучително интелигентна студентка по право, додека Дензел Вашингтон го игра Греј Грантам, храбар новинар. Двајцата се вплеткуваат во случајот со убиството на двајца судии на Врховниот суд.
Меѓу актерите владеела силна хемија, а нивните ликови на крајот од романот стануваат љубовен пар. Книгата е класичен трилер со изразен еротски набој, но нивниот однос во филмската верзија е многу помалку јасен. Иако и натаму станува збор за трилер, филмот отстапува од вообичаениот развој на романтичната приказна и ја изоставува очекуваната љубовна кулминација. Според зборовите на Џулија Робертс, за тоа бил заслужен токму Вашингтон, пишува „Faroutmagazine“.
„Секако дека сакав да го бакнам Дензел“
Во разговор за „Newsweek“, актерката објаснила дека сакала романтичната приказна од книгата да се пренесе и на големото платно.
„Со години се жалев што во тој филм не го бакнав Дензел“, рекла Робертс, зборувајќи за филмот „Досието Пеликан“.
„Секако дека сакав да го бакнам Дензел. Тој беше оној што одлучи да се исфрлат тие проклети сцени“, рекла актерката.

Причината е навистина тажна
Причината поради која Вашингтон побарал од филмот да се отстранат романтичните сцени меѓу него и Џулија Робертс всушност е прилично тажна.
Ѕвездата на филмот „Ден за обука“ се појавила во 1989 година во филмот „Моќниот Квин“, во кој неговата љубовна партнерка ја играла белата актерка Мими Роџерс. Во оригиналната верзија на филмот двајцата се бакнале, но дел од публиката бурно реагирал на глетката на меѓурасен пар на екранот, со свирежи и негодување. Тоа било отворен израз на расизам што му останал во сеќавање на Вашингтон.
Четири години подоцна, Вашингтон побарал од студиото бакнежот со Робертс да се исфрли од филмот. Сметал дека дел од публиката не сака да го види во романтична врска со бела жена. Како што самиот објаснил, „црните жени често не се прикажуваат како објекти на желба на филм“, па тогаш одлучил повеќе да не снима љубовни сцени. Тоа влијаело и врз неговата одлука да се откаже од романтичната приказна во филмот „Досието Пеликан“.

Побарал да се исфрли бакнеж во уште еден филм
Но тука не бил крајот. Неколку години подоцна, Вашингтон побарал да се исфрли уште еден меѓурасен бакнеж, овојпат со Кели Линч, од филмот „Виртуозност“ од 1995 година.
„Белите мажи ги носат жените во кино и не сакаат да гледаат црнец со својата жена“, го објаснил тогаш својот став.
Дури и во 2012 година, кога Вашингтон ја бакнал белата актерка Кели Рајли во филмот „Лет“, таа сцена предизвикала бројни расправи на интернет и во медиумите.

„Премногу добра за да биде вистинита“
Кога станува збор за „Досието Пеликан“, во романот на Гришам и Греј и Дарби се белци. На крајот од книгата двајцата љубовници завршуваат заедно на оддалечен остров. Во филмот, меѓутоа, Греј дава телевизиско интервју во кое ја опишува Дарби како „премногу добра за да биде вистинита“.
Според зборовите на Џулија Робертс, токму таа реченица ѝ потврдила дека меѓу нивните ликови постои љубов.
„Во забавената снимка ја спуштам главата, целата зацрвенета, и тоа ми кажува сè“, открила актерката. „Мислам дека тој е вљубен во неа. Таа е вљубена во него.“
Робертс сметала дека тој момент на некој начин е и поромантичен од бакнежот, иако тој изостанал на барање на Вашингтон.
Филмот „Досието Пеликан“ подоцна станал голем кинохит, заработувајќи речиси 196 милиони долари со буџет од 45 милиони. Сепак, можеби една од неговите најзначајни сцени е токму онаа што никогаш не била снимена.















