Ивица Јаковлевски - Човекот кој создаде нова димензија на кошаркарскиот тренинг, почнувајќи од Македонија, а сега и надвор од неа

Точка

25/04/2019

23:20

5.314

Големина на фонт

а а а

„Pro Basketball Training“ е кошаркарска програма во која се работи со еден нов, иновативен пристап на кошаркарски тренинзи кој ги вклучува сите кошаркарски и психомоторички елементи, со методолошка постапка и демонстрација на тренерот на сите вежби и ситуации од кошарката.

Човекот кој го воведе ваквиот индивидуален нaчин на тренирање во Македонија е Ивица Јаковлевски. Јаковлевски е дипломиран професор по физичко и здравствено образование, магистер по економски науки и елитен тренер по кошарка.


„Почнав да се занимавам со кошарка уште од мали нозе. Моите почетоци се врзани за Работнички, а имам настапувано и низ други клубови во Македонија, но поради повреда на коленото ја прекинав играчката кариера. Потоа заминав во САД, каде што имав прилика да се запознаам со нивниот начин на работа и програма за напредок на млади таленти. Имаат повеќе терени за работа и сосема различен пристпап и начин на работа. Во секој поглед, кошарката таму е на многу повисоко ниво од Европа.


Како тренер започнав во кошаркарскиот клуб Работнички и работев со повеќе генерации со кои имав забележителни достигнуивања. Размислував и сфатив дека секојдневното тренирање со играчите и времето кое го имавме за тренинг од еден час, не беше доволно за поголем напредок и усовршување на играчите во повеќе технички елементи. Оттука дојде мојата идеја и цел, да создадам уникатна развојна програма за кошаркарски тренинг, која ќе биде од голема корист за секој кошаркар.


Во Скопје работам постојано со играчи од сите возрасти, кои сакаат да ја усовршат својата игра во секој сегмент од кошаркарската игра. Соработувам и со неколку клубови во Македонија кои сакаат да ги усовршат своите играчи од аспект на психофизичка и техничка подготвеност – фактори кои играат огромна улога за психолошката стабилност и градење на самодовербата на играчот“ – вели Јаковлевски.


Со неговиот препознатлив пристап и начин на работа, освен во Македонија, започна да одржува кампови и надвор од државата. Голем камп одржа во Москва, со околу 60 играчи, потоа два пати во Украина, каде Јаковлевски тренираше репрезентативци на Украина до 20 години, а на 18-ти мај е организиран и камп во Белград. Следат уште многу други во Македонија, а и надвор од државата – вели Јаковлевски.


Тренерот Ивица Јаковлевски доби покана од Проф Миодраг Коциќ, од факултетот за спорт и физичко воспитување во Ниш, да одржи теоретско и практично предавање за психофизичките и техничката подготвеност кај кошаркарите и фокусирање на деталите. Беше најавен како македонски стручњак кој е еден од првите на овие балкански простори и кој воведе развојна програма на кошаркарски тренинг, која е од огромно значење за развивањето на кошаркарите на повисоко ниво. Предавањето на Јаковлевски е најавено како едно од поинтересните предавања што се одржале по кошарка на тој факултет.


„Сакам да напоменам дека освен соработката со неколку клубови во Македонија и надвор од неа, сорабтувам и со агенцијата „Pro Futuro Sports“ од Белград, која се занимава со посредување на школски стипендии на спортисти во Европа и Америка, за сите оние кои сакаат да го зголемат своето кошаркарско знаење.


Морам да кажам дека оваа работа не лесна и не може секој да ја работи, но ако имате љубов, желба и мотивација, тогаш успехот е неминовен. Како тренер кој работи секојдневно со многу играчи, ќе порачам дека без индивидуален тренинг и посветување внимание на себе и усовршување на своите техники и движења, не може да има напредок кај играчите.

Тренирајте напорно и фокусирајте се на својата цел ако навистина сакате да постигнете успех“ – порачува Јаковлевски.




Спонзорирани линкови

Маркетинг