Интервју со Хана Филдинг: Љубовта кон патувањата никогаш нема да ми избледи

Точка

24/04/2019

12:05

3.317

Големина на фонт

а а а

Оваа година на Саемот на книга, ќе имате можност да се запознаете со авторката Хана Филдинг. Нејзините љубовни романи ја освоија македонската јавност, а на саемот ќе се промовира книгата „Наследство“ со која се завршува нејзината трилогија „Андалузиски ноќи“.

Промоцијата ќе се одржи на 10ти мај во 12:00 часот, во Вип арена Борис Трајковски. Во продолжение може да прочитате интервју со писателката и да дознаете за сите работи што ја инспирирале да ги напише овие фасцинантни книги.

Што е тоа што те инспирира кај Андалузија? 

Во мојот живот ја имав таа среќа да патувам низ целиот свет, но Андалузија останува едно од моите омилени места. Тој запурен и сончев шпански регион толку многу ми ја разгорува фантазијата и затоа токму таму ја сместив мојата трилогија „Андалузиски ноќи“. 

Ја сакам поради многу нешта: прво, поради блискоста и дружбите со луѓето, најчесто некаде на јадење... Колку само прекрасни јадења имам вкусено во Андалузија! Исто така, мошне е привлечен и духот на луѓето. Во местата што ги имам посетено сум пронашла вистинска фиеста во секоја смисла на зборот, како и страст; нешто што Салвадор многу добро го опишува во „Скандал и чест“: „Сѐ што правиме ние Андалузијците, го правиме со страст“. Андалузија е независна покраина и таму живеат голем број луѓе што се многу горди на својата андалузиска националност.

Уметноста и архитектурата секогаш ме привлекуваат кон тој регион и тоа е место каде што посебен впечаток ми има оставено маварското влијание. Омилен пример ми е Алхамбра, спојот од извонредни палати во арапски стил и тврдина изградена од страна на Маврите на еден стрмен и густо пошумен рид во средината на 14 век во Гранада, Шпанија. Местото, буквално, изгледа како да излегло од егзотичните приказни „Илјада и една ноќ“ и, просто, остава без здив со својата убавина.

Прекрасната природа е уште една причина зошто ја сакам Андалузија: ги обожавам боите на пејзажот. Андалузија е позната по своите Бели градови (Pueblos Blancos) и небото и морето таму се извонредно сини. Умерената клима придодава на убавиот живот и тука можете да уживате во топлината на медитеранското сонце и под величественото сино небо (сувиот дел на Андалузија има околу триста сончеви дена во годината!“)

Семејството е важна темна во трилогијата (насловот „Наследство“ алудира на тоа), а постои ли подобро место да се смести приказната од место каде што корените се извор на огромна гордост – а, понекогаш, и на конфликти. За мене Андалузија е срцето на Шпанија. Трилогијата почнува со фразата: En la sangre hierve España sin fuego – Во Шпанија, крвта врие без оган. Поговорката кажува доволно: ова е земја на длабоки страсти, совршен амбиент за огнена и драматична романса. Оле!

Фламенкото е многу застапен елемент во сите книги од „Андалузиски ноќи“. Како тоа ги инспирираше романсата и страста во трилогијата? 

Фламенкото е интегрален аспект на андалузиската култура и неверојатно е исполнето со жешка страст. Додека ги пишував „Скандал и чест“, „Љубов под маски“ и „Наследство“, слушав фламенко и имав чувство како да се наоѓам на југот на Шпанија. Тоа е толку енергична, евокативна и возбудлива музика преполна со емоција. 

Човек никогаш не го заборава своето прво фламенко шоу. Се сеќавам како се чувствував јас, во моите рани дваесетти години, целосно маѓепсана од звукот на гитарите и од чистите вокали, и од тропкањето на чевлите во такт со ритамот на моето чукање на срцето. Се сеќавам дека како хипнотизирана гледав во танчарите, во нивната неверојатна сензуалност, нивната гола емоција и вкупниот спектакл: вртењето, живите бои на прекрасните костими.

Ја обожавам модата на фламенкото, посебно прекрасните црвено-црни фустани што ги носат жените. Која млада жена не е љубопитна кога ќе открие некаква нова мода? Кога првпат видов костим за фламенко (traje de flamenco), првата помисла ми беше: „Леле, колку прекрасно!“ А втората: „И јас сакам!“ Облеката за фламенко што ја видов тогаш беше нешто сосема ново и привлечно егзотично за мене. Во денешно време, модата за фламенко е многу популарна и нашироко ги инспирира модните дизајнери низ целиот свет.

Но, пред сѐ, ја обожавам самата музика – таа што Федерико Гарсија Лорка ја нарече „плачот на гитарата“. Во „Љубов под маски“, ликот Леандро има ромско потекло и историјата и културата на неговиот народ и неговиот дом, Андалузија, го дефинираат. И затоа е толку талентиран и страстен гитарист. Во „Наследство“, Руи го наследува талентот на татко му и дополнително го усовршува станувајќи импресивен музичар што свири мандолина, фламенко и класична гитара. И Леандро и Руи, на свој начин, го изразуваат дивиот и прекрасен дух на фламенкото. Не постои музика слична на него и ниту една друга музика не е толку сурова и трогателна.

Би кажала ли дека Луна е најсложен лик од сите твои хероини досега? 

Апсолутно. Луна е најмалку авантуристички тип од трите жени во трилогијата „Андалузиски ноќи“, но таа, исто така, е и хероината што, најверојатно, треба да помине најдолг пат за да достигне емотивна зрелост поради багажот од минатото што го носи со себе. Оттука, таа дефинитивно е најсложениот лик од сите мои хероини, во споредба со Александра и со Луз, кои имаат непромислена склоност да ги следат своите страсти. Меѓутоа, и Луна, исто како и Александра, знае што значи да се има трагедија и поделеност во семејството и можеби токму таа неизговорена поврзаност е тоа што инстинктивно ги привлекува една кон друга овие две жени од различни генерации кога ќе се сретнат во „Наследство“. 


Кај Луна, нејзиниот интелект често го помрачува интензитетот на нејзините чувства и нејзе ѝ е посигурна варијанта да ја одржува фасадата на ладнокрвната, ефикасна и урамнотежена научничка. Таа е идеалист по природа и токму затоа ја прифаќа контроверзната работна задача што ѝ е доделена и работи на неа сѐ додека не е сосема уверена дека нејзините претпоставки се погрешни. Целосно е независна и самоуверена во поглед на работата, но нејзината самодоверба е крајно колеблива кога се во прашање мажите и љубовта. Луна е длабоко осакатена од едно трауматично искуство од детството, кое ги бои сите нејзини реакции кон спротивниот пол; и ова е предизвик со кој Руи ќе мора да се соочи заедно со неа кога ќе ѝ помогне да ги порази сопствените внатрешни демони.

Независна, организирана и резервирана – речиси интроверт – Луна, сепак, е храбра и страсна откако ќе реши да има доверба и да си ги ослободи емоциите. Кога најпосле ги прифаќа сопствените чувства за Руи, нејзината љубов не познава граници и таа целосно се предава, без никаква задршка, а, исто така, се ослободува и од својата „ограниченост“, како што ќе ја нарече Руи, како и од стравот од минатото.

Личиш како да си фасцинирана од прорекувањето на судбината – од каде води потекло сето тоа? 

Прорекувањето на судбината отсекогаш ми било интересно. Како помлада имам посетено повеќе гатачи и гатачки и прилично се уверив дека некои луѓе, навистина, имаат дарба да гледаат во минатото и во иднината. Моите искуства ме наведоа во потрага по пророштва кај различни култури и низ историјата. Иако методите за предвидување на иднината се различни и фасцинантни – од тарот-карти и астрологија до читање на дланка, гатање со руни и кристални топки – отсекогаш најпривлечна ми била пиромантијата; замислете си да ја предвидувате иднината со помош на гледање во оган – толку е драматично! 

Вклучувањето на прорекувањето на судбината во моите книги ми овозможува да градам врз три клучни теми.

Мистерија: нешта што ја збунуваат и мачат хероината додека не се разреши сѐ на самиот крај. Контрола: секоја од моите главни протагонистки е независна и силна и сака да чувствува дека има целосна контрола врз сопствениот живот. Особено во „Пламен на страста“, „Скандал и чест“ и „Љубов под маски“, хероините го наметнуваат своето право на еднаквост со мажите тестирајќи ги сопствените крилја во свет со широко распространета слобода за жени. Вљубувањето може да создаде чувство на губење на контролата, и секоја хероина мора да се потруди да воспостави свој идентитет за да се препушти на силите на љубовта. Табу: прорекувањето на судбината е жигосано од страна на некои луѓе. Тоа е табу-тема и во секоја приказна, тоа што е забрането може да биде моќно – и привлечно. Со внесувањето на овој елемент, јас ги тестирам хероините. Ќе се држат ли до тоа што мислат дека треба да го направат и ќе се водат според разумот или, пак, ќе си го следат срцето и ќе запловат во ризичните непознати води?


Пакување на куферите 

Кој или што те инспирираше да патуваш? 

Уште кога бев девојче, моите родители нѐ водеа мене и сестра ми на патувања низ Европа, кои беа волшебни и крајно инспиративни за една романтична душа како мене. Но по војната во Египет во 1956 година речиси сите беа спречени да патуваат. Додека растев како тинејџерка, желбата за патување вриеше во мене. Мислам дека никогаш не ми помина. Два или трипати годишно си го земам пасошот и тргам на пат. 

Со кој печат во пасошот најмногу се гордееш? 

Дефинитивно, печатот за влез во Швајцарија, кој го добив кога пристигнав во Женева во 1968 година. Во тоа време, јас и моето семејство имавме забрана за патување цели десет години и тоа ми беше прво патување во странство од дете. 

Кој печат во пасошот најмногу би сакала да го добиеш? 

Јас сум опсесивен номад – на светов има еден куп земји што сакам да ги посетам. Љубовта кон патувањата никогаш нема да ми избледи. Мислам дека следна ме повикува Кина. Татко ми беше страстен колекционер на кинески порцелан, а и јас го обожавам. Исто така, отсекогаш сум била фасцинирана од Конфучиј и од неговата филозофија. 

Кога и каде си била најсреќна за време на твоите патувања? 

Тоа се патувањата со моите деца тинејџери и еден куп нивни пријатели на скијање во Куршевел и Мерибел зиме, и патувањата во една вила во подножјето на планините во југот на Франција, каде што на крајот си купивме куќа. 


Животот на еден писател 

Кој е најдобриот совет што можеш да го дадеш на некој што сака да почне да се занимава со пишување? 

Прво и најважно, пишувајте од срце. Бидете верни на себе и не правете компромиси за да го задоволите пазарот. Пазарите се менуваат, модата доаѓа и си оди, а вашите дела ќе останат. 

Темелно истражете ги фактите што ги произнесувате. Еден писател во денешно време нема изговор за наведување погрешни факти. Користете ги сите достапни алатки. Патувања, интернет, книги, филмови, документарни филмови: сите тие се тука да ви го збогатат искуството и да ви го олеснат процесот на пишување.

Планирајте го вашиот роман до најмали детали. Ова ќе ви го олесни пишувањето и ќе направи повеќе да уживате во него. Планот за пишување е вашата мапа. Би тргнале ли на далечно патување со автомобил без мапа?

Читајте и препрочитувајте одново и одново. Уредувајте, уредувајте, уредувајте. Одново и одново прочитајте го вашиот ракопис и постојано уредувајте го. Знам дека ќе ве боли срце да избришете реченица, па дури и само еден збор над кој сте си ја чукале главата, но, понекогаш, помалку е повеќе. Тоа не е лесен совет за следење, но на долгорочен план функционира. Ако може да го оставите ракописот на мир неколку недели и да го прочитате подоцна како да е туѓ, тогаш тоа е уште подобро.

Не обесхрабрувајте се. Продолжете да пишувате без разлика на тоа дали мислите дека напишаното ви е добро или лошо. Не постои такво нешто како лошо пишување. Туку само има добри и лоши денови. Колку повеќе пишувате, толку подобри ќе станувате во тоа.



Спонзорирани линкови

Маркетинг