Кристијан Ристески: „Споредбите не ми годат, никој не може да го замени вујко ми!“

Точка

12/11/2018

12:20

13.438

Големина на фонт

а а а

Кристијан Ристески е поголемиот внук на прерано починатата ѕвезда, Тоше Проески. Тој во јавноста се појави на девет годишна возраст, кога заедно со неговиот вујко го испеа дуетот „My Little One“.

Сега Кристијан е скромно дваесет годишно момче, кое музиката ја гледа како засолниште кога сака да побегне од реалниот свет. Тој настапи на концертот кој беше одржан во петокот, во чест на неговиот вујко, Тоше Проески, каде ја изведе својата прва неодамна издадена солистичка песна, за која деталите може да ги окриете во продолжение на интервјуто.

Кристијан, за почеток кажи ни, колку години поминаа од снимањето на твојата прва песна со легендарниот Тоше Проески?

Поминаа точно единаесет години од снимањето на „My Little One“.

Верувам дека „My Little One“ ти буди измешани емоции, но сепак тоа е песната по која си ѝ познат на поширокиот дел од јавноста. Раскажи ни малку за почетоците на песната, како всушност дојде до снимање дует со твојот вујко?

Приказната за таа песна е многу долга и широка, но еве накратко.. Додека вујко ми го подготвуваше неговиот англиски албум „The Hardest Thing“, во Крушево, јас постојано бев околу него и го следев што прави, како свири... Одвреме навреме си ја потпевнував „Nothing Else Metters“ од Metallica, бидејќи тогаш таа ми беше омилена и така некако спонтано настана и „My Little One“.


Ти си студент на Факултетот за Музичка уметност во Скопје, што значи дека дефинитвно си одлучен професионално да се занимаваш со музиката.

Точно, студирам музика во Скопје, но не би рекол дека целосно сум одлучен да се занимавам со неа, односно дека би правел песни, засега само премногу ја сакам и многу ме исполнува.

Како си третиран од професорите, колегите, а воедно и од околината?

Нормално ме третираат, исто како сите останати студенти.


Дали успеваш да се издвоиш како поединец или сите те препознаваат како „внукот на Тоше“?

Споредбите воопшто не ми годат, бидејќи никој не може да го замени вујко ми. Како што веќе ви реков, јас само многу ја сакам музиката...

Какво е чувството да бидеш член од семејството Проески?

Ние сме среќно семејство и секако чувството е прекрасно.


Од снимањето на твојата прва песна, па сè досега, многу малку, речиси воопшто не се појавуваше во јавноста.

Дали твојата возраст беше причината за тоа, или едноставно не сакаше јавно да се експонираш?  

Така е, не се појавував во јавноста, бидејќи сакав да научам да свирам на гитара и воедно учев вокална интерпретација на малку повисоко ниво.


Раскажи ни малку за концертот кој беше одржан овој викенд, во чест на Тоше Проески. Какви сè емоции ти се пробудија за време на настапот?

Овој викенд беше одржан концертот во чест на вујко ми и пред сè многу ми е драго што нè имаше во толку голем број и исто така многу ми е драго што дојдоа сите македонски и балкански ѕвезди да пејат во негова чест!

Песната што ја испеав е многу емотивна, па поради тоа имав измешани емоции... голема возбуда, но и трема.


Кристијан сними втора песна, или прва солистичка, „We Are Blood“, посветена на својот вујко, со која всушност се претстави на концертот во негова чест. Кажи ни малку повеќе за тоа.  

Да, како што кажавте, прва моја солистичка песна.

Кој беше пресудниот момент да се решиш да снимиш песна, која воедно многу позитивно е прифатена од македонската јавност?

Песната е снимена на иницијатива на Енди Рајт, тој е британски продуцент на неколку албуми на вујко ми, а воедно и на овој последно објавен албум „Secret Place“.

Дали си задоволен од тоа како публиката ја прифати твојата песна?

Искрено, јас сум многу пријатно изненаден од тоа како публиката ја прифати мојата песна и многу ми е драго за тоа. :) 


Кој се потпишува позади текстот, музиката и аранжманот, а кој позади спотот?

Музиката и текстот го направивме заедно со Енди, Гејвин и Петра, а за спотот се погрижи Александар Пауновски.

Што наредно да очекуваме од тебе на музички план?

Јас немам план за во иднина, едноставно му оставам на времето да покаже што треба да е следно.

Дали има некоја песна која целосно те опишува тебе и твојот живот?

Да, тоа е токму мојата песна, „We Are Blood“.

Што сака Кристијан да прави, кога не пее, кое е твоето второ хоби?

Сакам да свирам на бубњеви, на електрична гитара и да шетам во природа.

Што би сакал да кажеш за крај на ова интервју?

За крај, сакам да им кажам едно големо БЛАГОДАРАМ на сите фанови на музиката на мојот вујко, кои во петокот ја „затресоа“ Вип Арената Борис Трајковски! 

Автор: Цеце Николова
Фотографија: Приватна архива




Спонзорирани линкови

Маркетинг