Шефот на Xiaomi изјави дека овој модел го споредуваат со iPhone X, затоа што некои луѓе велеле дека тоа е најдобриот телефон на светот, а Xiaomi сака да покаже дека во бројни функции го надминале телефонот на Apple.
Како што се очекуваше, Xiaomi го претстави новиот Mi Mix 2S со кој што на пазарот кинеската компанија сака да им конкурира на iPhone X на Apple и Galaxy S9 на Samsung.
Хардверски, овој модел на Xiaomi ги носи сите опции кои што ги очекувате од еден премиум телефон. 6-инчен екран со резолуција од 2160х1080 пиксели, Snapdragon 845 процесор, 8 GB RAM и 256 GB интерна меморија, а достапни се модели и со 6 GB RAM и 64/128 GB меморија.

Како и повеќето од останатите компании, Xiaomi посебно внимание посвети на камерите, па така на задната страна од Mi Mix 2S се наоѓаат две камери од 12 мегапиксели, односно една класична, а друга телефото камера. Од Xiaomi посебно ја нагласуваат можноста на камерата да прави одлични фотографии во услови со слабо осветлување. На предната страна, но во долниот десен агол се наоѓа селфи камерата од 5 мегапиксели.
Уште една од опциите кои што не може да се заобиколат кај премиум телефоните е опцијата за бежично полнење. Телефонот на Xiaomi ќе може бежично да се полни со поставување на подлога за полнење (Qi стандард).
Од останатите опции, треба да се спомене батеријата со капацитет од 3400 mAh и сензорот за отпечатоци на прсти сместен на задната страна од телефонот.
Секако, телефоните на Xiaomi најмногу се познати по тоа што нудат одлична комбинација на квалитет и пристапна цена во однос на конкуренцијата, па основниот модел ќе биде речиси двојно поевтин од iPhone X (околу 530 долари), а во продажба ќе се појави во текот на април, најпрвин на кинескиот пазар, а потоа и ширум светот.











