„Убиецот на градови“ за влакно ќе ја промаши Месечината

Точка

07/03/2026

19:01

435

Големина на фонт

а а а

Новите набљудувања на астероидот им овозможија на астрономите на „NASA“ попрецизно да ја одредат патеката на вселенската карпа.

Месечината најверојатно ќе биде поштедена од експлозивна средба со астероидот познат како „убиец на градови“ во 2032 година, покажуваат новите набљудувања направени со вселенскиот телескоп „James Webb“.

Новите набљудувања на астероидот 2024 YR4, собрани на 18 и 26 февруари со помош на чувствителните инфрацрвени инструменти на телескопот „James Webb“, им овозможија на астрономите на „NASA“ попрецизно да ја одредат неговата патека. Со тоа веројатноста за удар во Месечината е намалена од 4,3 проценти на нула.

Наместо тоа, потенцијално опасниот астероид ќе помине покрај Месечината на „застрашувачки“ мала оддалеченост од 21.200 километри од нејзината површина, што е поблиску отколку што некои вештачки сателити орбитираат околу Земјата, наведува „NASA“.

Во исто време, астероидот 2024 YR4 ќе ја промаши Земјата за стотици илјади километри кога за шест години повторно ќе се врати во внатрешниот дел на Сончевиот систем и ќе се приближи до нашата планета.


Според „NASA“, оваа последна серија набљудувања била можна само благодарение на исклучителната чувствителност на вселенскиот телескоп, но истовремено ги довела инструментите до нивните граници.

„Од пролетта 2025 година астероидот беше невидлив и од Земјата и од вселенските опсерватории, освен со помош на телескопот ’Webb‘“, наведуваат научниците. Тие додаваат дека новите снимки на астероидот 2024 YR4 се „меѓу најслабите набљудувања на некој астероид досега забележани“, пренесува „RTS“.

Најризичниот астероид досега

Астероидот 2024 YR4 беше откриен кон крајот на 2024 година во рамки на мрежата „ATLAS“ („Asteroid Terrestrial-impact Last Alert System“).

Подоцнежните набљудувања со телескопи покажаа дека станува збор за прилично големо небесно тело со пречник меѓу 53 и 67 метри, приближно колку висината на Кривата кула во Пиза, и дека неговата патека ќе го доведе астероидот многу блиску до Земјата.

Доколку астероид со таква големина ја погодел нашата планета, би можел да уништи цел град со сила еквивалентна на експлозијата на околу 500 бомби фрлени врз Хирошима, поради што го добил прекарот „убиец на градови“.


Додека податоците за астероидот беа ограничени, астрономите проценуваа дека постои мала шанса да ја погоди Земјата. Проценетата веројатност за судир достигна максимум од 3,1 процент, што беше највисоката досега забележана веројатност за потенцијален удар на астероид. Сепак, во рок од неколку месеци новите податоци од телескопот „Webb“ и други опсерватории ја намалија таа веројатност на нула, додека можноста за удар во Месечината остана на 4,3 проценти.

Што би се случило со Месечината?

Евентуалниот удар на астероид во Месечината сигурно не би бил првпат вселенска карпа да ја погоди, но би бил првиот случај научниците однапред да можат да предвидат голем удар од познат астероид и да го набљудуваат во реално време.

Некои астрономи претпоставуваа дека експлозијата би можела да биде видлива од Земјата со голо око, додека други предупредуваа на можен дожд од кршеници што би можел да предизвика сосема нов метеорски дожд над нашата планета.


Сега, кога и Земјата и Месечината официјално се безбедни од астероидот 2024 YR4, тој небесен објект и понатаму ќе претставува интересна цел за астрономите кои сакаат да ги тестираат моделите за планетарна одбрана и да се подготват за идни блиски средби со астероиди.

„NASA“ планира повторно да го набљудува овој астероид со телескопот „Webb“ во 2028 година, кога повторно ќе се приближи и безбедно ќе помине покрај Земјата.