Инстаграм приказна на Ана Јакимска: Обожувам да летам, без телефон, интернет и врска со светот

Точка

21/03/2018

11:55

7.304

Големина на фонт

а а а

Денес ве запознаваме со инстаграм приказната на Ана Јакимска, македонски режисер, сценарист и фотограф. Нејзиниот краток филм „Ќе дојдат децата“ беше номиниран за најдобар краток игран филм на меѓународниот филмски фестивал во Шангај во 2017, а беше прикажан и наградуван и на многу други светски фестивали.

Јакимска е дипломец на катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот Факултет во Скопје и на катедрата за Филмска и ТВ режија на ФДУ. Таа е коосновач на Сутерен Студио, креативна продукција базирана во Скопје која се занимава со фотографија и видеографија.

Благодарение на нејзината професија, филмски режисер, Јакимска често патува, а дел од фотографиите направени на овие патувања ги споделува на својот инстаграм профил.

Собата на синот


Ова е детал од еден од сетовите за мојот нов филм, „Неонски срца“. Деновиве ги завршуваме последните подготовки пред снимање, па често сме на сетовите заедно со најблиската екипа, снимателот Александар Ристески и сценографката Илина Ангеловска. Илина успеа со уредувањето на просторот да го оживее домот од сценариото. Неверојатно е чувството да се најдеш во собата што толку детално си ја замислувал и опишувал додека се создавало сценариото и да ги гледаш околу себе сите нешта што всушност му припаѓаат на ликот. Како да си влегол во приказна.

Гамла Стан


Влез во метро во Стокхолм на станицата Гамла Стан, стариот дел од градот. Во Стокхолм бев во декември, на еден мал филмски фестивал. Застанав да ја направам оваа фотка и го пропуштив возот, бидејќи морав да почекам да се качат сите за да добијам ваков празен минималистички кадар од овие фантастични плочки, едни од најубавите што сум ги видела досега.


Во воздух


Оваа фотографија ја издвојувам бидејќи во последниве неколку години омилено време ми е времето поминато во летање. Самата состојба да се биде во воздух е необична. Секогаш кога летам над некоја земја, мислам на луѓето таму долу што го живеат своето секојдневие и можеби во тој момент доживуваат нешто важно. Немам врска со светот, ниту телефон, ниту интернет. Колку е подолг летот, тоа повеќе му се радувам. Сепак, повеќе сакам да патувам сама.

Шангајка на велосипед


Шангај е прекрасен град и никогаш не би можела да кажам дека сум видела сѐ. Додека бев таму, се обидував што почесто во метрото да ги одбирам станиците подалеку од центарот за да можам што подобро да го запознаам градот таков каков што е за повеќето свои жители, не само за богатите, туристите и американските доселеници. За жал, со мојата светла коса и со фотоапаратот воопшто не успевав да останам незабележана, така што мислам дека дел од автентичноста на градот остана засекогаш скриена од мене како во школка. Еден краток момент во којшто го сфатив ова е документиран токму на оваа фотографија, во ладниот поглед на оваа шангајка на велосипед која како да сака да каже дека повеќе би сакала да не биде фотографирана.

Изгрејсонце над Алпите


Изнајмивме соба над еден паб веднаш под еден од најубавите врвови на Алпите во Швајцарија, Гросер Митен. Бевме отидени на фото сафари со двајцата партнери од Сутерен Студио, Бранко и Марија. Сопственичката на пабот вечерта инсистираше да не почести пиво и да поразговара со нас за Југославија. Си легнавме рано зашто следниот ден сакавме да се искачиме на врвот пред изгрејсонцето. Утрото беше незаборавно. Невозможно е да се долови на фотографија глетката на Гросер Митен и околните врвови осветлени од утринското сонце како да се растекла жолчка од јајце по карпите. Величенственоста на овие врвови има моќ да те натера да го преиспиташ целото свое постоење.