Превенција и рано откривање на орален карцином

Доктори.мк

13/09/2012

16:44

32.005

Големина на фонт

а а а

Оралното здравје зависи од интегритетот на оралната слузница. Здравата слузница не дозволува продор на микроорганизми и други штетни причинители во организмот. Најголемиот број на орални заболувања се стекнати, предизвикани од разни хемиски, физички и биолошки фактори.

Што е орален карцином?

Оралниот карцином се дефинира како неконтролиран раст на клетките, кој предизвикува оштетување на околното ткиво. Најчесто се локализира на усните, јазикот, подот на устата, мекото и тврдото непце, синусите и грлото. Оралниот карцином се манифестира како бела или црвена лезија со тенденција да се шири кон локалните лимфни јазли. Доколку навремено не се дијагностицира и лекува може да претставува опасност по живот.

Кои се знаци и симптоми на орален карцином?

Оралниот карцином е сквамозен тумор, кој се манифестира како:

- израсток или улкус;
- оштетени делови на усните, непцата или други области во внатрешноста на устата;
- појава на кадифена бела или црвена површина;
- необјаснето крварење во устата;
- необјаснета вкоченетост, губење на чувство, или преосетливост во пределот на лицето, устата или вратот;
- постојана рана на лицето, вратот или устата која лесно крвари или не зараснува по период од две недели;
- тешко џвакање, голтање, зборување или поместување на вилицата и јазикот;
- хронична болка во грло, промени во гласот или болки во уво;
- промени во забниот низ и оклузијата;
- изразен губиток на тежина.

Доколку забележете некоја промена, веднаш консултирајте се со Вашиот стоматолог!!!

Кои се ризик фактори за појава на орален карцином?

Генетската предиспозиција

- има значајна улога врз појавата на оралниот карцином, но несомнено социо-економскиот статус и стилот на однесување кој произлегува од него имаат влијание врз појавата на ова заболување.

Лоша состојба на забалото

- Големиот број на извадени заби, заби со кариес, несоодветни пломби и неодржувањето правилна орална хигиена претставуваат ризичен фактор за појава на карцином во оралната празнина. Несоодветните протетски изработки – тотални, парцијални протези и мостови конструкции кои не се соодветно исполирани или не се стабилни предизвикуваат лезии на оралната слузница. Тие лезии најпрво се болни, но со тек на време доколку причината за иритација не се отстрани, промената малигно може да алтерира.

Пушење и конзумирање алкохол

- Пушењето цигари може да биде причина за појава на голем број орални заболувања. Н-нитрозамините се најзначајните канцерогени агенси во тутунот. Количеството на катран во цигарите има значаен ефект врз можноста за појава на карцином. Пушачите кои користат меки или средни цигари (до 22мг катран) имаат 8,5 пати поголема можност да заболат од орален карцином во споредба со непушачите. Можноста за појава на орален карцином кај оние кои пушат јаки цигари (над 22мг катран) е 16,4 пати поголема во споредба со непушачите. И консумирањето алкохол се смета за предизвикувач на орален карцином. Комбинираниот ефект од овие два ризик фактори е многу поголем отколку независниот ефект на еден од нив.

- Ефектите од пушењето се присутни и откако ќе се престане со пушење. Се смета дека ефектите од алкохолот и пушењето исчезнуваат дури по 5-10 години откако ќе се престане со консумирањето алкохол и цигари.

Работно место

- Карцином во оралната празнина се јавува многу почесто кај работници кои работат на отворено и во рурална средина во споредба со работници во канцеларии и урбана средина. Поголемата застапеност на заболувањето кај работниците на отворено се должи на нивната изложеност на ултравиолетово зрачење. Фотохемиската активност на ултравиолетовиот спектар од сончевиот зрак се потврдува и со податокот дека оралниот карцином почесто се јавува на долната усна и кај лицата со посветол тен. Во групата на ризични професии за појава на орален карцином се вбројуваат и печатарската, електронската и текстилната индустрија.

ХПВ инфекција

- Инфекцијата со Хуманиот Папилома Вирус (ХПВ) особено тип 16 е ризик фактор и независен предизвикувач на орален карцином. Неодамнешни истражувања покажуваат дека ХПВ е примарен фактор на ризик во светот. ХПВ претставува најчеста сексуално пренослива инфекција, одговорна за мнозинство на цервикални карциноми. Оралниот карцином предизвикан од ХПВ има тенденција за локализација на тонзили, орофаринкс и корен на јазик.

Дефицит на витамини и минерали

- Дефицитот на витамин Б12 предизвикува хиперплазија на епителните клетки, зголемена митоза, а понекогаш може да се забележи и дисплазија на клетки. Ниско ниво на витамин А и провитамин А (бета каротин) се забележува кај лица со орален карцином. Природниот витамин А има заштитен ефект врз оралните ткива и е значаен за превенција од орален карцином. Витамините Ц и Е се потентни антиоксиданси во превенцијата на малигноми во оралната празнина. Железото, цинкот и селенот се значајни минерали за превенција на карцином во уста.

Употреба на средства за плакнење на уста

- Употребата на раствори за плакнење на уста ја зголемуваат можноста за појава на орален карцином. Штетниот ефект се должи на присутниот алкохол во растворите за плакнење на уста. Средствата кои содржат алкохол во концентрација поголема од 25% се потенцијален ризик фактор за појава на орален карцином.

Факти поврзани со оралниот карцином

- Оралниот карцином е шести по ред најчест рак. Една половина до две третини од заболените лица се од машки пол, на возраст над 45 години.
- Во Америка годишно се дијагностицираат околу 40.000 лица заболени од орален карцином.
- Околу 75-80% од луѓето со орален карцином консумираат алкохол. Луѓето кои пушат и пијат алкохол имаат поголем ризик за појава на орален карцином од луѓето кои само пијат алкохол или само употребуваат производи од тутун. Ризикот за развој на орален карцином се зголемува пропорционално со периодот на пушење и пиење.
- Апсиринот го намалува ризикот од појава на орален карцином.
- Секојдневното консумирање на портокал штити од појава на орален карцином.
- Изминатата деценија драматично е зголемен бројот на лица заболени од орален карцином на возраст под 30 години.

Како да превенирате појава на орален карцином?

Секој треба активно да се вклучи во спречување на појавата на орален карцином или негово рано откривање.

- Јадете многу овошје и зеленчук! Небалансираната исхрана може да го зголеми ризикот за појава на орален карцином, заедно со генетската предиспозиција, функцијата на црниот дроб и одредени лекови.

- Посетете го Вашиот стоматолог најмалку два пати годишно, дури и кога не чувствувате никаква болка во устата!

- Одржувајте редовна и правилна орална хигиена!

- Престанете да пушете и да користете било какви производи од тутун и консумирајте алкохол во умерени количини! Воздржете се од прекумерни пиења!

- Ограничете ја Вашата изложеност на сонце! Кога сте изложени на сонце, користете заштитни лосиони за кожа и назаборавајте да ги заштитете и Вашите усни! Повторени изложувања на сонце без заштита го зголемуваат ризикот од појава на карцином, особено на долната усна.

- Престанете да ја гризете усната и образите!

- Најмалку еднаш месечно на јасна светлина погледнете како изгледаат Вашите усни и непца. Навалете ја главата наназад и погледнете го покривот на устата – палатумот. Извлечете го Вашиот јазик и погледнете го од сите страни. Проверете го подот на устата со подигнување на јазикот нагоре. Погледнете ја обвивката на образите и непцата во задниот дел на устата. Погледнете го задниот дел на грлото. Испалпирајте го вратот и делот под долната вилица.

Запомнете!

Доколку забележете некаква промена во боја или испалпирате грутки или зголемени лимфни јазли веднаш консултирајте се со Вашиот стоматолог!

Раното откривање може да ги подобри шансите за успешно лекување.

Автор: м-р д-р Дијана Шуменковска, магистер по стоматолошки науки