[ФОТО] „Надвор од радарот“: Скриеното италијанско гратче кое го нуди најдоброто од Медитеранот

Точка

05/06/2025

16:29

1.301

Големина на фонт

а а а

Едно е сигурно – никогаш нема да го откриеме сето она што го нуди Италија, а кога ќе помислиме дека сме откриле многу помалку познати градови, села и слично, секогаш нè изненадува нешто ново…

Пливањето во морето, уживањето во сонцето, пиењето совршено изладено вино и уживањето во шпагети е она што многумина од нас би го посакале на летување. Секако, сето тоа можете да го пронајдете во северозападниот италијански регион Лигурија, во близина на Портофино. Но, иако веројатно сте слушнале за Портофино, тешко дека сте слушнале за Сан Фрутуосо, а секој што ќе го посети се воодушевува.


Сан Фрутуосо е скриен бисер, а неговата посета е совршена можност за уживање во опуштена забава покрај море, прекрасен пејзаж и автентична италијанска храна. Иако технички е залив, дава атмосфера на медитерански остров. Тоа е затоа што е одделен од остатокот од ’ртот Портофино со недопрена дивина, а повеќето луѓе го посетуваат со брод – или со траект, организирана тура или приватен брод. Меѓутоа до него може да се стаса и пеш, преку кривулести шумски патеки од Камоли.



Плажата за капење има мазни камчиња, и вреди да се посети во раните часови како и да се изнајмат лежалка и чадори. Иако концептот „плаќање за плажа“ не е нешто што го сакаме, таму се исплаќа, бидејќи ако не изнајмите лежалки, ќе се најдете во ситуација каде што ќе мора да барате многу мал агол од плажата каде ќе можете да ставите пешкир. Погледот се отвора и кон познатата опатија Сан Фрутуосо, изградена од грчки монаси во 10 век, која изгледа импресивно.



Секако, постојат и ресторани. Повеќето од нив служат едноставна, вкусна лигурска храна како риба на скара или тестенини со рак и локални вина како Верментино.


Во Сан Фрутуосо постои приватно сместување, или можете да престојувате во еден од блиските градови кои се повеќе приспособени на туристите. Секако, се издвојува Портофино, кој плени со својата шарена архитектура, но и со познатите гости кои често го посетуваат.