Есма Реџепова: Да не беше Стево, ќе чистев уште скали

Точка

06/02/2012

13:31

14.018

Големина на фонт

а а а

Ја нарекуваат Кралица на ромската музика и тој епитет со гордост го носи. Есма Реџепова е жената која со својата музика го освои целиот свет.

Својот светски успех го должи на својот сопруг Стево Теодосиевски, со чија помош пред многу години за започнала својата музичка кариера. За децата, музиката и успесите на Есма дознавате од ова нејзино интервју само за ТОЧКА

Есма, те нарекуваат Мама Есма само затоа што имаш големо срце за сите или затоа што имаш многу деца, внуци и правнуци?

Можеби заради двете работи. Јас и Стево изгледавме 47 деца, на кои им дадовме љубов, внимание и добро музичко образование. Сите мои деца ме викаат мама, така да воопшто не ми е чудно што и луѓето поулица кога одам ме нарекуваат мама Есма. Едноставно тоа мама, стана препознатливо за мене.

Дел од твојот имиџ се и марамите. Колку ги имаш на број и од каде се ги имаш купено?

Секако дека марамите станаа дел од мојот имиџ. Долго време носам турбан, така да и тоа е една карактеристика за мене. Имам над 300 марами, а ги купувам насекаде, во последно време ги има и во Скопје.



Си го прошетала целиот свет. Каде си била најдобро пречекана и каде си поминала најубаво?

Многу тешко е да се одговори на ова прашање, но сепак мислам дека во вечно сеќавање ќе ми остане настанот кога бев прогласувана за Кралица на Ромската музика и средбата со Индира Ганди.

Твојата долгогодишна кариера изобилува со хитови и одлични сценски настапи. Чекај Животе или Чаје Шукарије, кој хит би го издоила за најслушан и најбаран?

Секако дека тоа е Чаје Шукарије, песната што на секаде во светот е моја лична карта. Впрочем таа песна е дел од мојата 60 годишна кариера и до сега немало концерт на кој не била изведена. Тоа е и првата песна снимена на плоча за Хрватски Југотон, сегашна Кроација рекордс во далечната 1959 година.

Важиш за голем хуманист и жена со добро срце и душа. Колкава е точната бројка на твоите посвоени деца, внуци и правнуци?

Јас погоре одговорив на ова прашање. Заедно со Стево одгледавме 47 деца имам исто токлу снаи, 129 внучиња и многу правнучиња.



Која е Есма Реџепова?

Есма Реџепова е една народна жена, која е и сака да биде дел од народот, цврсто стојам на земја, не сметајќи се себе си за некој кој е посебен од другите. Луѓето од моето опкружување велат дека сум едноставна и скромна личност. А јас лично од животот не барам многу. Сакам да имам чиста и топла постела, чист тоалет и два до три пати дневно да јадам. Од се што имам повеќе сакам да поделам со другите и тоа го правам, а моето мото и порака до сите читатели е: Ако имате две едно поделете го со тој штому треба.

Дали твојот сопруг Стево беше 'главниот виновник' за она што си ти денес?

Да. Стево е човекот што ја направи Есма Реџепова тоа што е денес.

Кога не патуваш и не пееш, што правиш во слободно време?

Како и сите останати жени, сакам да му се посветам на домот, се друќам со семејството, со пријателите. Излегувам на кафе, читам книги, гледам телевизија.

Каква музика сакаш да слушаш. Сопствената или?

Мене ме воодушевуваат две пеачки во светот. Едната е Бугарската пејачка Неделка Керанова, која за жал не е меѓу живите и една Иранска пејачка Гугуши, која во моментот живее во Франција. Најчесто ги слушам нив двете, а секако дека ја сакам и класиката, Павароти посебно.



Секогаш изгледаш убаво и негувано. Како се негуваш и храниш?

Ништо посебно, одговор на сето ова може да биде само редовниот живот што го водам. Не пушам, не пијам алкохол,дури не пијам и газирани пијалоци.Мојот најомилен пијалок е вода,не газирана и да не биде ладна.

Што се однесува до шминка и фризура и тука не сум многу трошаџика, во прилики кога ми е потребна фризура, тука е мојата долгогодишна фризерка Јадранка. Најчесто се шминкам сама, а за специјални прилики за тоа е задолжен Дадар.

И за крај, што ги советува Есма сите читатели на точка?

Мојот совет е сите луѓе да се сакаат да се почитуваат и да си помагаат. Омразата произведува негативна енергија и ги уништува тие што мразат. Затоа, дарувајте си љубов, љубов и само љубов....

Автор: Марија Главчева