[ФОТО] Наташа Фигурела со емотивна исповед: „И самата бев жртва на насилство - го пријавив насилникот, а тој излезе со насмевка затоа што неговиот татко ќе среди сè“

Точка

18/11/2026

18:25

406

Големина на фонт

а а а

Насилството врз жените не е изолиран проблем, ниту пак е приватна работа што треба да остане зад затворени врати. Тоа е сурова реалност со која се соочуваат многу жени, често во тишина, поради страв, срам или недоверба дека институциите навистина ќе им ја обезбедат потребната заштита.

По случаите на насилство врз девојки во Охрид и Битола, сè повеќе жени одлучуваат јавно да проговорат за сопствените искуства и траумите што ги оставило насилството. Меѓу нив е и Наташа Петровска, позната на социјалните мрежи како Наташа Фигурела, која преку емотивна исповед на Инстаграм откри дека и самата била жртва на насилство.


Таа раскажува дека искуството оставило длабоки последици врз неа, со години се борела со траумите, стравот и недовербата кон мажите. Особено болно, како што истакнува, е чувството на неправда што го доживеала откако одлучила да го пријави насилникот.


„Кога го пријавив насилникот, тој беше пуштен речиси веднаш. Излезе со насмевка и гордост, убеден дека може да прави што сака, затоа што е моќен и затоа што, како што веруваше, неговиот татко ќе среди сè“, открива таа.

Наташа посочува дека и денес, во 2026 година, сведочи на слични ситуации и дека се чини дека ништо не се променило. Во нејзината околина гледа жени кои живеат во страв од насилни партнери, кои се плашат да пријават и кои молчат затоа што не веруваат дека некој навистина ќе застане на нивна страна.

Токму затоа, преку своето јавно обраќање, упатува сериозен апел до надлежните институции и властите, барајќи вистинска одговорност и еднаков третман пред законот, без разлика на моќта, парите или семејните врски на сторителите.


„Насилството врз жените не смее да има оправдување! Не смее да биде важно дали жртвата е немоќна, а насилникот влијателен. Законот мора да важи еднакво за сите!“.

Таа нагласува дека не е доволно жената да собере храброст и да го пријави насилството. Одговорноста е и на државата и институциите, кои мора да обезбедат заштита, да постапуваат соодветно и да не дозволат влијанието и моќта да бидат изговор за неказнивост.

„Насилникот не смее да се шета гордо и слободно, убеден дека може да прави што сака и со тоа да дава пример на други потенцијални насилници, психопати.


Мора да има конкретни примери на строга и праведна казна. Мора да се испрати јасна порака дека насилството нема место во нашето општество!

ЖЕНИТЕ НЕ СЕ САМИ. НАСИЛСТВОТО НЕ Е ПРИВАТНА РАБОТА.

А НЕПОСТАПУВАЊЕТО НА ИНСТИТУЦИИТЕ НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ НОРМАЛНО!

Искрено, одвратно е што се уште мораме да се бориме за нешто толку основно жената да биде безбедна и да може да живее без страв!“, напиша Наташа на Инстаграм.