Бекам бесен, бара отштета од 41 милион долари: Поднел тужба, еве што го налутило

Точка

17/11/2026

21:21

1.316

Големина на фонт

а а а

Компанијата „DB Ventures“, во сопственост на поранешниот британски фудбалер Дејвид Бекам, поднела тужба до Врховниот суд во Њујорк против германската козметичка групација „Коти“, откако нејзините луксузни парфеми наводно биле пронајдени во продажба на бензински пумпи и во продавници.

Компанијата „DB Ventures“ бара отштета од најмалку 41 милион долари поради наводно нарушување на угледот.

Во тужбата се наведува дека парфемите на Бекам, како оние од линиите „Classic“, „Instinct“ и „Intimately“, биле пронајдени во продажба во дисконтни продавници и во корпи со производи со намалена цена на бензински пумпи, пренесе АП.


Од компанијата „DB Ventures“ истакнуваат дека глобалниот бренд на Бекам е синоним за префинетост и дека со ваквиот начин на продажба бил нарушен неговиот углед и прекршен договорот за лиценцирање.

Компанијата „Коти“, која ги произведува и дистрибуира овие козметички производи, побарала од судијата да ја отфрли тужбата, со образложение дека судовите во Њујорк немаат надлежност да постапуваат по овој случај.

Од компанијата, исто така, тврдат дека „DB Ventures“ го користи судскиот спор за да издејствува предвремено раскинување на договорот и да ја пренесе лиценцата на друга компанија.

Правниот тим на „Коти“ соопштил дека ги оспорува наводите изнесени во тужбата.


Бекам е поранешен фудбалер на Манчестер јунајтед и Реал Мадрид, а бил и капитен на англиската фудбалска репрезентација.

Кралот Чарлс III минатата година му ја доделил титулата витез.

„Сандеј тајмс“ го вклучил Бекам на листата на најбогатите луѓе во светот, а богатството на неговото семејство е проценето на речиси 1,2 милијарди фунти.