Пратеничката Јована Мојсоска алармира за продолжувањето на договорот за онлајн коцкањето Мегавин со бугарската фирма МДД СОФТ, поврзувајќи ја ситуацијата со сомнително работење и можни криминални односи во Државна лотарија под раководство на Александар Климовски, како и нетранспарентно трошење на јавни средства.
Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, на денешната собраниска седница за пратенички прашања упати прашање до заменик претседателот на Владата, Александар Николоски, за, како што наведе, продолжувањето на работењето на државната платформа за онлајн коцкање „Мегавин“, скандалозните договори со бугарската фирма МДД СОФТ и сомнителното работење на Државна лотарија под раководство на актуелниот директор Александар Климовски.
Мојсоска потсети дека во септември 2024 година, вицепремиерот Изет Меџити најави укинување на „Мегавин“, обвинувајќи ја претходната власт за воспоставување криминално партнерство со бугарската коцкарска мафија. Но, две години подоцна, платформата, додаде таа, сè уште функционира, а новиот Закон за игрите на среќа е одложен до 2028 година, со што Владата му остава, како што оценува, дополнителни две години простор на коцкарскиот бизнис да профитира од дејност која уништува цели семејства и ја загрозува иднината на младите.
„Особено индикативно е што договорот за „Мегавин“, склучен во 2023 година од тогашниот директор Перпарим Бајрами со бугарската фирма МДД СОФТ, застапувана од Денчо Димитров Ганев, наместо да биде раскинат и преиспитан, добива продолжение под новата власт“. Мојсоска посочи дека Ганев се поврзува со деловни релации со бугарскиот коцкарски магнат Васил Бошков, против кого во Бугарија се воделе истраги и постапки за низа тешки кривични дела. Констатира дека и покрај претходните обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ за овој договор, актуелниот директор Александар Климовски на 13 јуни 2025 година склучува анекс со истата фирма.
„Наместо да го преиспита договорот на Перпарим Бајрами и да ја укине платформата „Мегавин“, како што најавуваше вашата Влада, вмровскиот директор на Лотарија потпишува анекс на договорот со истата фирма застапувана од деловниот партнер на еден од најголемите бугарски коцкарски мафијаши!“ – истакна Мојсоска.
Покрај скандалот со „Мегавин“, Мојсоска отвори и прашања за, како што рече, нетранспарентното трошење на јавни средства од страна на Државна лотарија за прославата на 35-годишнината од независноста.
Јавноста, додаде таа, сè уште нема увид во поединечните исплати кон ангажираните лица и фирми, а остануваат неодговорени прашањата за законитоста на договорите и постапките преку кои се доделувале јавните средства. Според неа, меѓу спорните случаи се исплатата од 45.000 евра за проект за гледање фудбал на поранешен советник од ВМРО-ДПМНЕ во Општина Аеродром, договорот со „Авалон продукција“ врз основа на понуда од 100 страници разгледана во еден ден, како и можниот судир на интереси кај претседателот на комисијата што ја одобрила понудата, а потоа се појавува и како автор во програмата за прославата.
Дополнително, оценува дека, остануваат отворени и прашањата за хонорарот од 140.000 евра што Климовски го добивал од „Касинос Аустриа“, а кој, според наводите на Мојсоска, не бил пријавен во неговиот анкетен лист, како и за сомнителните исплати преку системот „Мегавин“. Тука е и случајот со, како што истакна, корисникот под псевдонимот „Нострадамус“, кој наводно во еден ден остварил 178 добивки на онлајн покер и заработил 10 милиони евра.
Мојсоска го повика Николоски да се произнесе дали ДПМНЕ ќе побара разрешување на директорот Александар Климовски и затворање на платформата „Мегавин“, или, како што оцени, ќе продолжи да ги штити договорите со бугарската фирма што самата партија ги прогласуваше за криминални додека беше во опозиција.
„Државна лотарија не е приватна фирма на Александар Климовски, туку акционерско друштво во кое државата има удел. Нејзините средства не смеат да служат за партиски интереси, сомнителни деловни зделки и профитирање на коцкарската индустрија на грбот на граѓаните“.
















